Достапни линкови

Мнозинството и ВМРО-ДПМНЕ со различен став за бројот на потпретседатели во Собранието


Илустрација-седница на собраниската Комисија за европски прашања

Владејачкото мнозинство и опозицијата имаат спротивставени ставови за бројот на потпретседатели на Собранието. Предлогот на СДСМ и ДУИ е Собранието да има петмина потпретседатели, додека ВМРО-ДПМНЕ е на став дека Собранието не треба да има повеќе од тројца потпретседатели. Координаторот на пратеничката група на СДСМ Томислав Тунтев денеска изјави дека неговата пратеничка група стои на ставот за петмина потпретседатели заедно со оној што законски и следува на најголемата опозициска партија.

„Ние таков предлог доставивме и чекаме претседателот повторно да го стави на дневен ред“, рече Тунтев повикувајќи се на Деловникот и законски одредби.

Освен тоа тој исто така истакна дека пратениците не треба да заминат на одмор се додека не завршат започнатите седници како онаа за разрешувањето на јавниот обвинител Марко Зврлески и донесувањето на Буџетот.

Вкупниот број потпретседатели на Собранието, според ВМРО-ДПМНЕ, треба да биде три. Пратеникот Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ вчера изјави дека потпретседателските места во Собранието не се фотелји за задоволување на коалициски интереси и дека е потребна финансиска рационалност.

„ Досега Собранието имаше тројца потпретседатели и тоа беше одреден трошок за Собранието. Ако се донесе одлука Собранието да има петмина потпретседатели ќе биде двојно поголем трошок и за Буџетот и за Собранието“, посочи Милошоски.

Според Деловникот за работа на Собранието, бројот на потпретседателите го утврдува Собранието по предлог од претседателот на Собранието.

XS
SM
MD
LG