Достапни линкови

„Позитивен тон“ во извештајот на ЕК за Македонија, Вархеји бара да продолжи борбата со корупцијата


Знамињата на Република Северна Македонија и Европската Унија
Знамињата на Република Северна Македонија и Европската Унија

Очекуван е „позитивниот тон“ во извештајот на ЕК за напредокот на Македонија изминатата година, бидејќи земјава почна преговори за членство, сметаат аналитичарите. Вархеји нагласи дека земјава има стабилен прогрес, но мора да продолжи борбата против корупцијата и реформата на јавната администрација.

Почетокот на скрининг процесот како прва фаза од преговорите и македонската поддршка за санкциите против Русија по нејзината инвазија врз Украина и донесе на земјава позитивна оценка од ЕУ. Но во европскиот извештај за напредокот на Македонија Европската комисија повторно најде забелешки за имплементацијата на законите, нарушената работа на Собранието, но и потребата од поголема транспарентност при носењето државни одлуки.

Во Нацрт-извештајот на ЕК за Македонија, во кој увид вчера имаше РСЕ, а беше презентиран попладнево пред Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент, земјава е умерено подготвена по речиси сите критериуми.

Единствено во економските критериуми е наведен добар напредок, додека во усогласеноста на земјава со европската надворешна и безбедносна политика се посочува дека има многу добар прогрес.

Како што истакна еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, земјава има стабилен прогрес, но мора да продолжи борбата против корупцијата, заедно со областа на реформата на јавната администрација.

„Северна Македонија покажа одлучност и направи стабилен прогрес во имплементација на ЕУ реформите, но земјата мора да ја задржи брзината и искористи скрининг процесот за да ја забрза имплентацијата на ЕУ реформите“, истакна Вархеји.

Тој го нагласи усогласувањето на земјава со ЕУ санкциите кон Русија, кои беа воведени од земјите членки на ЕУ поради руската воена инвазија во Украина.

„Со тоа, Северна Македонија покажа одлучност за европскиот пат како доверлив партнер“, истакна Вархеји.

Очекуван „позитивен тон“ во извештајот

Извештајот за Симонида Кацарска, од Институтот за европски политики не е изненадување, ако се има на ум дека земјава целосно се усогласи со санкции со ЕУ. Дополнително, забележува, очекувано е во него да има „позитивен тон“ со оглед на тоа што се работи за прв извештај за земјава откако на 19 јули се одржа првата меѓувладина конференција со ЕУ во Брисел, со што официјално беше отворен почетокот на преговорите за членство.

Оценката за умерената подготвеност на земјава според Кацарска е јасно прашање бидејќи, како што вели, со оглед на изминатите кризи од ковид па до енергетската, не може да се очекуваат револуционерни промени во дел од областите.

„Она што е клучно сепак, кога го користиме тој термин на умерена подготвеност е дека државата ќе мора, сега кога веќе во некоја форма се започнати преговорите, да работи посистематски да го зголемиме тој умерен степен на подготвеност, бидејќи тоа што го покажуваат нашите анализи е дека и покрај тоа што имаме прогрес во многу поглавја, честопати ЕК е малку воздржана во зголемување на проценката за подготвеноста. А пак подготвеноста е таа што е важна за вие да напредувате и ги достигнете стандардите на ЕУ“, укажува Кацарска.

Во извештајот се констатира дека Охридскиот договор се спроведува, а меѓуетничките односи се стабилни. Исто така стои дека граѓанското општество игра важна улога во процесот на донесување одлуки , ама е потребна е поголема транспарентност и инклузивност во носењето одлуки. Посебна забелешка има за нарушената работа на Собранието поради политичката поларизација.

„Потребни се решителни напори за да се изгради динамика за реформи и придвижување во процесот на преговори со ЕУ. Потребен е особен фокус за да се обезбеди ефективна имплементација на постојното законодавство, наместо да се покренуваат ад хок иницијативи“, стои во извештајот.

Во однос на забелешките за имплементација на веќе донесените закони, Андреја Стојковски од Институтот Преспа, вели дека земјава ќе мора да покаже резултати.

„Ние сме сега веќе во нова фаза, ако пристапуваме за членство во Унијата мора да најдеме начин да работиме многу повеќе, многу поинтензивно на спроведувањето на законите. Бидејќи не станува збор само за пренесување, препишување на законите, треба да најдеме начин за нивна имплементација, зборуваме за хармонизација со европското законодавство што подразбира и препишување и негова имплементација“, вели Стојковски кој долги години работи во граѓанскиот сектор што ги следи евроинтеграциите.

И тој се согласува со Кацарска, дека сосема е очекувано да добиеме извештај кој „е во ред“, затоа што земјава сега почна преговори со Унијата.

Македонија во моментов вежба да биде земја членка, односно се наоѓа во задолжителна фаза од патот кон Европската унија (ЕУ), што се нарекува скрининг. Првиот дел е т.н. објаснувачки скрининг, како еден вид семинар на кој тимот на ЕУ на македонската администрација и кажува што содржи поглавјето за кое се преговара. Во втората фаза, следи билатерален скрининг кога македонскиот тим ќе се вклучи подиректно и ќе кажува што сме направиле, каде има разлики и што планираат да прават.

Или како што појаснува Стојковски, ако сега добивме општ извештај за напредокот на земјава, во билатералните извешти по скринингот ќе има многу подетално оценување со поконкретни препораки за тоа што треба да се сработи.

Остри забелешки за Србија и БиХ

Европската комисија препорача условен статус на кандидат за полноправно членство во Европската унија за Босна и Херцеговина. Во извештаите на ЕК за балканските држави, добра оценка за усогласеноста со надворешната политика на ЕУ доби Црна Гора, а се поздравува и усогласеноста на Косово со одлуките на ЕУ што се однесуваат на руската агресија во Украина. Во делот за Србија пак се оценува дека низа изјави од највисоки државни функционери биле спротивни со ставот на ЕУ.

Во нацрт-извештајот се подвлекува дека Србија не ги почитувала санкциите против Русија, кои ЕУ и ги воведе на Москва како одговор на агресијата во Украина. Посебен став се однесува на процесот на нормализација на односите со Косово каде се забележува дека нема конкретен напредок во преговорите за договор.

Преку овој документ, Косово и Србија се поканети „без натамошно одлагање“ да се вклучат конструктивно и да ги унапредат преговорите за сеопфатен, правно обврзувачки договор за нормализација. Постигнувањето на таков договор е „итно и клучно“, се наведува во извештајот, за да можат Косово и Србија да напредуваат на европскиот пат.

Кога станува збор за Косово, во нацрт-извештајот на Европската комисија се повторува дека земјата ги исполнила сите критериуми за визна либерализација и наведува дека Советот на ЕУ треба „итно“ да се занимава со ова прашање.

Европската комисија условно препорача статус на кандидат за полноправно членство во Европската унија (ЕУ) за Босна и Херцеговина. Оваа препорака е условена, бидејќи Комисијата очекува исполнување на осум конкретни услови.

„Давањето кандидатски статус е понуда на Европа за Босна и Херцеговина. Ова го правиме за народот на Босна и Херцеговина. Но, тоа доаѓа и со големи очекувања“, истакна комесарот Вархеји. Еврокомесарот нагласи дека по изборите во октомври се очекува брзо формирање на институциите за да можат да се фокусираат на овие услови. Тој најави можност Советот на ЕУ на самитот во декември да одлучува за кандидатскиот статус на БиХ.

Притоа е оценето дека земјата ги почитувала санкциите против Русија, но дека властите и партиите од ентитетот Република Српска (РС) се залагале за неутрална позиција за руската агресија врз Украина, „оспорувајќи го почитувањето на изјави на ЕУ и попречување на целосното спроведување на рестриктивните мерки против Русија“.

Црна Гора доби висока оцена за усогласеноста со надворешната политика на ЕУ. Земјата бележи напредок во слободата на изразување, борбата против корупцијата и организираниот криминал. Најмногу критики земјата доби за нејзината неактивност во однос на реформската агенда на ЕУ, особено изборната правна и институционална рамка.

Во извештајот за Албанија, Европската комисија смета дека владата во Тирана го задржала фокусот на реформите поврзани со патот на земјата кон ЕУ и ја зајакнала својата координативна структура за интеграција во ЕУ. Сепак, се очекува албанската влада да ја унапреди реформската агенда на ЕУ, вклучително и опозицијата и другите сегменти од општеството. ЕК сериозни забелешки во Албанија има за слободата на изразување.

Извештаите за секоја земја, вклучително и тој за Македонија, поединечно покриваат период од една година.

  • 16x9 Image

    Јасмина Јакимова

    Новинарската кариера ја започува во 2005 година. Работи како репортер во неколку македонски телевизии, за подоцна кариерата ја продолжува во онлајн медиумите на различни мултимедијални содржини. Добитничка е на неколку новинарски награди. Во декември 2021 година почнува да работи во Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG