Достапни линкови

Без напредок втората рунда од дијалогот Приштина-Белград, преговорите продолжуваат


илустрација
илустрација

Без напредок заврши втората рунда преговори меѓу косовскиот премиер Албин Курти и српскиот претседател Александар Вучиќ во Брисел. Ова е првпат тие да се сретнат два пати во ист ден во рамки на дијалогот и првпат Вучиќ да не даде изјава по средбата

Високиот претставник на Европската унија (ЕУ) за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел изјави дека не е постигнат договор во дијалогот меѓу лидерите на Србија и Косово, Албин Курти и Александар Вучиќ, на 18 август во Брисел, но оти двајцата лидери се договориле да ги продолжат разговорите во наредните денови.

„Денес не постигнавме договор, но не се откажуваме од барањето решение. Процесот ќе продолжи. Меѓународната заедница не сака да види обновување на тензиите во наредниот период и двете страни ќе бидат целосно одговорни за каква било ескалација на теренот“, рече Борел.

Тој додаде дека има уште време до 1 септември, за кога косовската влада го одложи спроведувањето на одлуката за табличките и документите.

Тој изјави и дека денешната средба „не била обична средба“.

„Тоа не беше обична средба. Заедно со специјалниот претставник на ЕУ, Мирослав Лајчак, го свикавме овој состанок бидејќи се соочуваме со многу негативни случувања на терен и зголемени тензии на северот на Косово“, додаде Борел.

Претходно, по првиот круг, со Курти и Вучиќ одвоено разговараа шефот на дипломатијата на ЕУ Жозеп Борел и специјалниот пратеник на ЕУ за дијалог, Мирослав Лајчак.

Претседателот на Србија ја напушти зградата на ЕУ без да им се обрати на медиумите, а шефот на Канцеларијата на Владата на Србија за Косово, Петар Петковиќ, на новинарите им изјави дека Вучиќ ќе остане уште некое време во Брисел и дека во петок, на 19 август ќе и се обрати на јавноста.

„Се боревме за мир, за стабилност, за компромисни решенија и затоа претседателот Александар Вучиќ ќе остане извесно време тука во Брисел. Утре по враќањето во Белград ќе и се обрати на јавноста и тоа ќе биде едно од неговите значајни обраќања“, рече Петковиќ.

Ова е првпат косовскиот премиер и претседателот на Србија да се сретнат двапати во ист ден во рамки на дијалогот и првпат Вучиќ да не се обрати пред медиумите по разговорот.

Курти и Вучиќ досега се сретнале двапати, во јуни и јули 2021 година. Двете средби беа кратки, без резултат, а доминираше тензична атмосфера со меѓусебни обвинувања и навреди.

Во зградата на ЕУ каде што се одржуваше дијалогот по завршувањето на првиот круг влезе и американскиот претставник за Западен Балкан, Габриел Ескобар, со кого Вучиќ и Курти се сретнаа на 17 август.

Да потсетиме, американската страна не учествува во дијалогот, но САД ги поддржуваат напорите на ЕУ во процесот на нормализирање на односите меѓу Србија и Косово.

Борел очекува флексибилност на лидерите на Косово и Србија

Претходно, на 18 август високиот претставник на ЕУ, Жозеп Борел имаше одвоени средби со премиерот на Косово и со претседателот на Србија.

Борел рече дека „е време да се придвижи напред кон целосна нормализација на односите“ меѓу Србија и Косово и оти очекува двајцата лидери да бидат флексибилни во постигнувањето заеднички став.

„Неодамнешните тензии на северот на Косово уште еднаш покажаа дека е време да се оди напред кон целосна нормализација. Очекувам двајцата лидери да бидат отворени и флексибилни за да најдат заеднички јазик“, напиша Борел пред средбата.

По средбата со Борел, Вучиќ на Инстаграм напиша дека почнуваат разговори за „суштинските проблеми“ на Косово и дека се надева на некакво решение, иако, како што изјави, „воопшто не верува во тоа“.

ЕУ претходно соопшти дека на заедничката средба фокусот ќе биде ставен на понатамошниот пат во дијалогот и постигнувањето на сеопфатен договор за нормализација на односите меѓу Косово и Србија.

„На средбата ќе се разговара и за актуелни прашања, а целта е да се намалат тензиите меѓу двете страни“, соопштуваат од ЕУ.

Ова е прва средба меѓу Курти и Вучиќ во рамките на дијалогот за нормализација на односите по повеќе од една година, а тие беа поканети во Брисел по порастот на тензиите на северот на Косово на 31 јули.

Тогаш косовските Срби поставија барикади во знак на незадоволство поради најавата за почеток на имплементација на одлуката на Владата на Косово за слободно движење, односно за издавање документи за влез и излез на граѓаните на Србија и на промената на српските регистарски таблички.

Барикадите беа отстранети откако Владата го одложи спроведувањето на одлуката за 1 септември.

Почна отстранувањето на барикадите на северот на Косово
please wait

No media source currently available

0:00 0:00:54 0:00

Курти: Можно откажување од документи доколку го стори истото и Србија

Инаку во пресрет на дијалогот, Курти и Вучиќ на 17 август во Брисел одделно се сретнаа со Мирослав Лајчак и со претставникот на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар.

Курти во изјава за медиумите по средбите не ја исклучи можноста Владата на Косово да се откаже од издавањето привремени документи за српските граѓани доколку и официјален Белград се откаже од тоа.

„Можно е да не издаваме документи на 1 септември бидејќи и Србија ќе се откаже од издавањето документи на граничните премини со Косово. Сакаме односи на реципроцитет“, рече Курти.

Тој додаде дека на средбата со Лајчак и Ескобар разговарале за „елементи од рамката за договор за нормализација на односите, кој треба да се заснова на взаемно признавање, како и за актуелни прашања“.

Вучиќ на својот Инстаграм профил по средбата напиша дека „во отворениот разговор со Лајчак, тој ја повтори цврстата определба на Србија да продолжи да прави се за зачувување на мирот и стабилноста во регионот, како и да се постигне компромисно решение преку дијалог, без притисок и ултиматуми“.

„Нагласив дека Србија инсистира на целосна имплементација на потпишаните и прифатените договори од Брисел, бидејќи ние целосно ги исполнивме сите наши обврски“, рече Вучиќ.

По средбата со Ескобар, Вучиќ изјави дека Србија „ќе продолжи да прави максимални напори за да го одржи мирот во целиот регион“.

Лајчак рече дека сака да се постигне договор на средбата на 18 август и да се избегне тензична ситуација од 31 јули.

Ескобар повтори дека САД го поддржуваат дијалогот со посредство на ЕУ. Американскиот пратеник за Западен Балкан посочи дека на средбата со Курти се разговарало и за Унијата на општини со српско мнозинство.

Според неговите зборови, Заедницата треба да се формира во согласност со законите и уставот на Косово. Косово и Србија имаат договор за Заедницата уште во 2013 година, а во 2015 година за принципите за нејзино формирање. Во 2015 година, Уставниот суд на Косово утврди дека договорот не е целосно во согласност со Уставот.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG