Достапни линкови

План Б - Административците ќе го пополнуваат недостигот на попишувачи


Илустрација: Попис

Владата донесе одлука со која ги задолжи институциите, по можност, да ги стават времено вработените на располагање на Државниот завод за статистика за потребите на пописот за да се пополни недостигот на попишувачи. Директорот на Заводот вели и да фалат попишувачи, има доволно време за пописот.

Владата го најави планот Б ако не се пријават доволно попишувачи за претстојниот попис кој треба да почне за десетина дена. До пред неколку дена недостигаа уште околу 1500 од предвидените 5600 попишувачи. Рокот за пријавување истекува денеска. Директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски денеска рече дека веќе се пријавиле над 8000 луѓе, но деновиве ќе се изврши тестирање и секако ќе има доволен број попишувачи.

На синоќешната седница, Владата донесе одлука со која ги задолжува сите министерства и органите на државната управа да ги разгледаат можностите за потребите на пописот да ги стават на располагање на Државниот завод за статистика времено вработените во овие институции. Владата им препорачува на единиците на локална самоуправа и на институциите под нивна надлежност да постапат на ист начин.

Власта и директорот на Државниот завод за статистика уверуваат дека пописот ќе почне според планираното на 5 септември. Пописот првично требаше да се одржи во април годинава, но беше одложен по барање на опозицијата поради пандемијата на коронавирус. Сега, и покрај големиот број на заболени во четвртиот бран на коронавирусот, поголемите партии јавно не се спротивставиле на одржувањето на пописот. Единствено Левица има забелешки на методологијата и се закани дека ако таа не се промени, може да повикаат на бојкот на пописот.

Директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски вели дека пописот ќе почне според планираното, и нема отстапување од тоа. Денеска или утре ќе се знае дали ќе се потполни бројот на попишувачи, но дури и да недостигаат, има време да се спроведе пописот, уверува тој.

„Тоа го размислувавме уште во стартот на подготовките на целата операција и затоа имаме 26 дена наместо 15 како што беше случај со претходните пописи и во случај некаде да има недостиг или недоволен број на луѓе, да се заврши целата операција со постојните“, вели Симовски.

Симовски – Голем дел од попишувачите се вакцинирани, но тоа не е услов
please wait

No media source currently available

0:00 0:04:23 0:00
Директен линк

Најголем недостиг на попишувачи имаше во скопските општини, Струмица, Охрид и општините со мнозинско албанско население.

Премиерот Зоран Заев пред неколку дена изјави дека пописот ќе се спроведе наредниот месец, затоа што тоа било барање на најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ.

„Најголемата опозициска партија побара лидерска средба со најголемото и најважно барање – одложување на пописот. Сакавме да прифатиме и барањето беше да биде крајот на мај, до 10 јуни, додека почне распустот во училиштата. Ако се вратите назад ќе видите дека во тој период имавме меѓу 4 и 50 заразени граѓани и тогаш рековме никој не знае што ќе се случи во септември. Еве го септември доаѓа, на врата ни е, бројките се над 1000“, рече Заев.

Симовски вели дека најголем дел од пријавените попишувачи се вакцинирани, но според закон, тие не мора да бидат вакцинирани против коронавирус.

„Нашите попишувачи во секој дом ќе влезат со сите потребни средства за заштита, значи маска, средства за дезинфекција итн. и ќе бараме и домаќините исто така да ги почитуваат сите тие мерки. Секаде каде што условите дозволуваат ќе попишуваме надвор“, вели Симовски.

Во ВМРО-ДПМНЕ прашавме дали сега сметаат дека има услови за одржување на пописот, но не добивме одговор до објавувањето на овој текст.

Опозициската Левица го оспори Законот за попис пред Уставниот суд. Тие сметаат дека попис не може да се одржи во време на прогласена Кризна состојба, и оти законот не е во согласност со меѓународни договори. Тие спорат со тоа што методологијата за попишување, наместо како досега да биде регулирана во законот, сега е сведена на ниво на подзаконски акт, со што е заобиколено собранието. Ако не се сменат методологиите, може да повикаме на бојкот на пописот, се закани лидерот на партијата Димитар Апасиев.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG