Достапни линкови

Изменет или не, законот за државјанство доби европско знаменце


Илустрација - Пасоши

Предлог законот за државјанство оди во Собрание со европско знаменце, што му овозможува побрзо носење. Премиерот вели дека се работи за буквално ист закон предложен од пратениците од Алијансата и Алтернатива. Владата вели дека не се работи за истиот текст за кој претходно имаа забелешки. Со законот треба да се реши статусот на луѓе кои со децении живеат во земјата, а немаат државјанство.

Измените на законот за државјанство иницирани од Алијансата за Албанците и Алтернатива со кои треба да се реши статусот на луѓе без државјанство, оди во Собрание, овој пат со европско знаменце, откако помина на владина седница.

Премиерот Зоран Заев вели дека иако законот е инициран од опозициските партии на Албанците, договорено е Владата да го пушти, оти само Владата има право да достави предлог закон со европско знаменце. Владата имаше низа забелешки за првичниот текст поднесен од Алијансата и Алтернатива и препорача Собранието да не го носи овој закон. Но со политичка одлука потоа се договорија за законот.
По владината седница на која законот доби европско знаменце, Заев изјави дека се работи за истиот текст.

„Се работи за буквално истиот текст поднесен од пратениците. Службите овие денови ќе го испратат до Парламентот, додаде премиерот.

На прес-конференција на владините портпароли, портпаролот Муамед Хоџа рече дека сепак се работи за различен текст.

„Се работи за усогласен текст кој е различен од тој на кој првично владата имаше забелешки. Усвоениот предлог закон за државјанство е усогласен од Европската конвенција за државјанство и ќе биде испратен до Собранието“, рече Хоџа, одговарајќи на прашање на РСЕ, за тоа што се случи со забелешките што ги имаше власта за првичниот текст.
Портпаролот рече дека неколку компетентни институции работат на технички подготовки на предлог законот, а по усогласување на текстот тој ќе биде испратен во Собрание.


Заев изјави дека генерално има усогласеност за законот меѓу власта и опозицијата, а блокадите доаѓаат од Левица.

Од Левица соопштија дека ќе предложат дополнување на Кривичниот законик, со вметнување ново кривично дело против службената положба: „Злоупотреба на европското знаменце во собраниска процедура“, со затворска казна од пет години.

Во владиното соопштение по седницата се наведува дека целта на Предлог-законот за државјанство е дорегулација на одредени прашања кои во досегашната имплементација на Законот за државјанството се наметнаа како реални, за кои државата треба да изнајде законско решение со кое во претстојниот попис како најмасовна, најобемна и најскапа статистичка операција на официјалната статистика, според единиците кои се опфаќаат, реално ќе се прикаже бројот на населението, домаќинствата и становите во државата.

Во предложените законски измени и дополнувања се вградени одредби од регулативата на ЕУ и од тие причини Владата до Собранието ќе го достави со европско знаменце. Предлог законот досега беше во Комисијата за одбрана и безбедност, но откако доби европско знаменце ќе се разгледува во Комисијата за европски прашања.

Пратеникот Сурија Рушиди од Алијансата за Албанците вчера изјави дека очекува предлог законот да се најде на првата следна седница во Собранието, на 15 јули.

„Тоа што може да кажеме ние е дека внатре во законот има многу работи кои се хармонизираат со европското законодавство, но тоа е повеќе работа на Владата во кој дел од европското законодавство ќе се повика. Но верувам дека тие се свесни дека внатре во законот има многу работи за кои можат да се повикаат на европското законодавство. Процедурите во Собрание се јасни, законите кои се предлагаат со европско знаме се разгледуваат во Комисијата за Европски прашања, таму дискусијата е ограничена и мислам дека конечно може да се надеваме дека законот, така како што е договорен со Владата да се изгласа и во Собрание“, рече Рушиди.

Алијансата и Алтернатива на крајот на минатата година поднесоа предлози за измени на Законот за државјанство за да се реши статусот на луѓе кои со години живеат во Македонија, а немаат државјанство. На почетокот на 2021 во мислење на Владата до Собранието, изнесени се низа забелешки и побара од Собранието да не го усвојува. Алијансата и Алтернатива носењето на овој закон го условуваа со носењето на петтиот пакет антикризни мерки, што донесе и до блокада на работата на Парламентот, но со политичка одлука блокадата беше тргната, беше изгласан пакетот помош, а за возврат власта и албанската опозиција се договорија за законот за државјанство, без да соопштат детали за текстот.

Според изјавите на властите, околу 3000 луѓе бараат државјанство, од кои половина не живеат тука. Има и околу 800 граѓани т.н. фантоми, граѓани кои се родиле овде и никогаш не добиле државјанство, рече премиерот Заев во април по средбата со лидерите на Алијансата и Алтернатива.
Од ДУИ тогаш рекоа дека во периодот од 1991 до 2021 година, со македонско државјанство се стекнале 43.321 Албанец, а одбиени се 3.374 барања.

Алијансата за Албанците и Алтернатива предложија престојот во Македонија на лицата кои бараат државјанство да се докажува со тројца сведоци, да се скрати времетраењето на престој од 8 на 4 години и условот познавање на македонскиот јазик да се смени со познавање на еден од службените јазици на Македонија. Партиите од македонскиот блок тогаш се изјаснија дека тоа за нив е неприфатливо, по што претседателот на Алијансата за Албанците Зиадин Села рече дека се подготвени престојот на некое лице да се докажува со документи издадени од државните институции.

Села во интервју за РСЕ во април, зборувајќи за луѓето кои со децении живеат во земјава, а немаат државјанство, рече дека тие не може да си остварат ниту едно право.

„Овие граѓани 30 години не земаат никаква плата, тие немаат право ни да конкурираат за работа, немаат право на здравствено осигурување, немаат право на постела за да умрат достоинствено во болниците. И овие се граѓани. И тие живеат во уште потешки услови од овие други категории граѓани“, рече Села во интервју за РСЕ.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG