Достапни линкови

Партиите по старо - кој е подобар борец против короната


Архивска фотографија- Зоран Заев и Христијан Мицкоски

Меѓусебните дисквалификации партиите ги применуваат и за време на коронавирусот, но тоа може да биде и контрапродуктивно, оценуваат политички аналитичари.

Досега познатиот вокабулар на партиите, со меѓусебни етикетирања и навреди не се менува ниту во време на коронавирусот. Профитери, срам, арам, казна од народот се зборовите кои ги употребува лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски кон власта, а владејачката партија, пак, му возвраќа со веќе познатото дека тој е послушникот на Никола Груевски.

„Секоја чест за тие кои голораки се борат во првите редови против пандемијата, докторите, медицинскиот персонал, полицајците, војниците. Капата долу, јунаци! А, за овие профитерите како Заев, Филипче, Радмила, Оливер и останатите, срам и арам да им е што на маката на овие јунаци и честитоста на народот сакаат политички ловорики да добиваат. Имам една порака до нив, ќе ве казни народот и тоа ќе ве казни жестоко на следните избори, кога и да се случат “, пишува


.

Лидерот на СДСМ Зоран Заев, пак, ги наведува успесите на власта со влегувањето на земјава во НАТО и со отворањето на преговорите за влегување во Евроспката унија. Но, нивните политички пораки имаат имаат далеку помалку реакции на социјалните мрежи од оние на министерот за здравство Венко Филипче, а поврзани со коронавирусот.

Според Марко Трошановски од Институтот за демократија Социетес Цивилис од првичната конструктивност на најголемиот дел од политичките актери поврзано со коронавирусот, очигледно е дека особено опозицијата ја смени својата реторика. Тој смета дека малициозните коментари на политичарите може да бидат и контрапродуктивни во време во кое им е загрозена физичката безбедност на граѓаните.

„Мислам дека нема да има ефект таквиот тип на етикетирања бидејќи луѓето во вакви времиња се фокусираат на пораките на оние што може да им помогнат“

Мицкоски во интервју за државната телевизија вели и дека единствен кој правел нешто за заштита од коронавирусот е министерот за внатрешни работи Наќе Чулев кој е во техничката влада по предлог на ВМРО-ДПМНЕ.

„Единствен што се бори и им дава поддршка на полицајците и лекарите е министерот Наќе Чулев. Од друга страна, вие го видовте ли министерот Филипче да појде во Дебар или на некој клиника да им даде поддршка?“, вели Мицкоски.

Премиерот Оливер Спасовски и Чулев, вечерта кога првпат стапи во сила полицискиот час, отидоа да направат увид на терен, но одделно, министерот со своите соработници, а премиерот со дополнителната заменик министерка Славјанка Петровска, која е во владата по предлог на СДСМ.

„Ваквите партиски препирки повеќе за себе ги прават отколку што ги прават за граѓаните. Мислам дека граѓаните се сериозно вознемирени од пандемијата и ако кој било политичар смета дека сега може да добива политички поени на други теми и само со зборување според мене е грешка“, вели политичкиот аналитичар Алберт Муслиу.

Инаку до пред пандемијата на коронавирусот во Македонија се планираа предвремени парламентарни избори кои требаа да се одржат на 12 април, така што атмосферата меѓу партиите веќе беше вжештена, а главна тема се чинеше дека е случајот „Рекет“ во кој се обвинетите поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева и шоуменот Бојан Јовановски.

Опозицијата секојдневно ја обвинуваше власта дека стои за „рекетот“ врз бизнисменот Јордан Камчев кој е сведок во предметот „Рекет“, а осомничен во случајот „Империја“ кој поранешното Специјално јавно обвинителство го отвори против него. ВМРО-ДПМНЕ го обвинуваше Заев дека е „главата“ на операцијата „Рекет“ и врз други бизснимени. Но по избувнувањето на светската пандемија и прогласувањето на вонредна состојба и во Македонија, обвинувањата и етикетирањата се пренесоа на други теми, а изборите се одложија.

Со роботи против коронавирусот
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:44 0:00

Коронавирусот, или Ковид19 почна да се шири во декември минатата година во кинеската провинција Вухан. Подоцна се прошири насекаде, а Светската здравствена организација прогласи пандемија на 11 март. Се проценува дека повеќе од милијарда луѓе во светот се во самоизолација, која е главна препорака на владите за справување со ширењето. По Кина, каде што изби вирусот, Италија е втора земја погодена од него. Таа во моментов е и светско жариште.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG