Достапни линкови

ДИК била под компјутерски напад, но има проблем и со апликацијата


Паднат сајтот за изборни резултати на ДИК

Во прво време не бевме сигурни дали имаме некаков напад или имаме проблем со апликација. Кога заврши нападот, заклучивме дека имаме некаков проблем со апликацијата, иако тоа се негира од страна на изведувачот на апликацијата, вели раководителот на Секторот за информатичка технологија во ДИК, Владо Васиљевски за Радио Слободна Европа.

Интернет страницата на Државната изборна комисија беше мета на DDoS напад на изборната вечер, односно сообраќајот беше задушен за граѓаните да не може да ја отворат страницата на која се објавуваат изборните резултати, но немаше упад во нашиот систем, вели раководителот на Секторот за информатичка технологија во ДИК, Владо Васиљевски за Радио Слободна Европа.

Васиљевски уверува дека не е можна манипулација со изборните резултати, затоа што тие одат преку внатрешна мрежа од општинските изборни комисии до Државната изборна комисија. Народски кажано, ние податоците ги имавме, проблемот беше што јавноста на можеше да ги види на нашиот сајт, вели тој.

„Јас сум да ви кажам во години и не ми се први избори, ама прв пат ми се случува да имам проблем со апликацијата. Значи, не може да нè хакнат, да ни влезат, кога нашата интранет мрежа, што велиме ние план Б, функционира и внесува податоци. Ако имаме проблем на една страна, од другата страна тоа функционира, така што ние никогаш не сме останале без податоци и ДИК не останал без податоци и се надевам дека никогаш нема да остане. Тоа што се перцепира, не го гледаме на интернет, тоа не значи дека ние внатре не функционираме и не може да нè хакнат. Од внатре може да нè хакнат ако некој земе чекан да искрши некоја машина, нема друг начин“, вели Васиљевски за Радио Слободна Европа.

Волф – Некој вложил значителни ресурси во овој напад
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:03 0:00

Тој посочува дека токму затоа, вечерта на изборите пуштија резултатите да излегуваат на два големи телевизори во ДИК и на јутуб стрим за и јавноста да може да ги види.

„Во прво време не бевме сигурни дали имаме некаков напад или имаме проблем со апликација. Кога заврши нападот, нашето загушување, заклучивме дека имаме некаков проблем со апликацијата, што беше изразено за нас, иако тоа се негира од страна на изведувачот на апликацијата, за сабајлево да се утврди дека пак има нешто на сајтот, а на прашањето дали правеле нешто, ми одговорија не, а ние имаме доказ дека во 7:28 утринава аплоудирале некоја нова верзија, и сега не знам што да ви кажам“, вели Васиљевски.

Во Министерството за внатрешни работи само кусо велат дека Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика работи на случајот и оти јавноста ќе биде информирана по расчистувањето.

Страницата каде што се објавуваат изборните резултати денеска повторно не работи.

Претседателот на ДИК, Оливер Дерковски, на вчерашната прес-конференција рече дека апликацијата цел ден на изборите функционирала, но за жал вечерта ДИК бил мета на компјутерски напади.

„Можеби и таа апликација има одредени слабости, можеби прв пат претседателите на избирачките одбори и нивните заменици се соочија со можност да внесат резултат и да го траснферираат до ДИК, меѓутоа јас ве уверувам дека апликацијата функционираше и објавата на се она што го следевте во текот на денот беше во реално време“, рече Дерковски.

Изработувач на апликацијата е фирмата ДУНА компјутери. Тие вчера во соопштение до јавноста тврдеа дека нивната апликацијата функционира најнормално затоа што е врвно изработен продукт.

„ Таа беспрекорно даваше резултати за излезноста на секои пет минути. Но, страницата на државната изборна комисија, каде беше поставена нашата апликација, беше цел на хакерски напад. “, објаснува Александар Пајковски од ДУНА во пишаното соопштение.

„Нашата апликација е беспрекорна, но интернет страницата беше атакувана преку т.н. софтверски тероризам со сили од повеќе странски држави“, додава Пајковски.

Постапката за набавка на софтвер за веб сајт на Државната изборна комисија на кој што требаше во живо да се објавуваат резултатите од предвремените парламентарни избори завршила на 8 јули 2020, една недела пред изборите, кога била одбиена жалбата на „Ај Воут“, фирмата која што го одржуваше сајтот на ДИК од 2006 година, објави порталот СДК.мк.

Набавката на софтверот е спроведена со преговарање без објавување на оглас, а како најповолен понудувач беше избрана фирмата „Дуна“. Двете компании биле поканети на преговори од ДИК на 19 јуни 2020, а фирмите утредента ги доставиле понудите. Одлуката за избор на „Дуна“ е донесена на 22 јуни 2020. Истиот ден, „Ај Воут“ поднела жалба, која што е одбиена од Државната комисија за жалби по јавни набавки како неоснована на 8 јули 2020.

За оваа набавка беше распишан тендер на 12 февруари 2020, кога се пријавија истите две фирми. На 28 април 2020, ДИК ја избра „Дуна“ како најповолен понудувач, но тогаш Државната комисија за жалби по јавни набавки ја прифати жалбата на „Ај Воут“ и го поништи тендерот.

Во меѓувреме, ДИК ги намали критериумите за избор на најповолен понудувач.

Компанијата „Ај Воут“ по паѓањето на сајтот на ДИК на својот Фејсбук профил објави дека нивниот систем „Ај Воут демокра“ (iVote Demokra) што бил користен 15 години придонесувал за унапредување на процесот, кој претходно траел со денови и месеци, со точно, навремено, транспарентно и кредибилно јавно објавување веднаш на податоците за резултати и излезност, објави порталот СДК.мк

На изборната вечер, додека најголемиот дел од луѓето се заковани пред компјутерите или телевизорите, мета на хакерски напад беше и најголемиот агрегатор на вести во земјава, time.mk. За разлика од сајтот на ДИК, Тајм брзо проработи за да биде достапен за читателите. Сопственикот на агрегаторот, Игор Трајковски на Твитер напиша дека сајтот бил под DDoS напад од 35 милиони ИП адреси, кои генерирале илјадници кликови во секунда и со тоа го преоптоваруваат сајтот за да стане недостапен. Трајковски вели дека „некој фрлил многу пари да го прави ова“. Агрегаротот Тајм потоа беше мета на втор хакерски напад за кој Трајковски вели дека не е поврзан со првиот, при што им бил преземен серверот. Според него, вториот напад е поврзан со некој од сајтовите што се пренесуваат на Тајм, затоа што само така може да се види нивната ИП адреса.

Предвремените парламентарни избори се одржаа во средата. Според првичните неофицијални резултати победи коалицијата на владејачкиот СДСМ.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG