Достапни линкови

Ивановска - Со повеќе алатки ќе се бориме против корупцијата за време на избори


Ивановска - Ќе го следиме финансирањето на изборната кампања
please wait

No media source currently available

0:00 0:13:16 0:00

Ивановска - Ќе го следиме финансирањето на изборната кампања

Ќе ги следиме наменските сметки за изборите во банките, го имаме списокот на приматели на социјална помош и на невработени да не испадне дека тие финансираат политички партии, го имаме регистарот на службени возила да следиме да не се користат во кампањата, вели претседателката на Антикорупциската комисија, Билјана Ивановска, во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Госпоѓо Ивановска, колку политичките партии досега ги почитуваат изборните правила кои се во вашата надлежност за мониторинг?

Нашиот закон ни дава надлежност и обврска да го следиме финансирањето на политичките партии и исто така да го следиме финансирањето на изборната кампања. Досега немаме регистрирано неправилности и некои погруби прекршувања. Ни стигнуваат одредени пријави на засегнати страни, но тие, како што доаѓаат, така веднаш и одговараме, сè со цел сите ситуации да се надминуваат. Она што е во наша надлежност – следењето на финансирањето на кампањите и на политичките партии оваа години ќе го спроведеме малку поорганизирано, за разлика од претходната година кога започнувањето на изборниот процес се поклопи со конституирањето на комисијата па немавме многу алатки да го правиме тоа. Оваа година веќе се поврзавме со банките кадешто се отворени наменските трансакциски сметки и таму на дневна основа ќе ги следиме сите промени на трансакциските сметки. Од друга страна, во соработка со Министерството за труд и социјална политика го обезбедивме списокот на примателите на социјална помош да не случајно тие се појават како донатори на политичките партии, а исто така го следиме и списокот на невработени од Агенцијата за вработување, да не се случи и некои кои се невработени да се јават како донатори. Од тој аспект будно ќе го следиме процесот на финансирање на политичките партии и од друга страна ќе го следиме користењето, односно условно речено злоупотребата на буџетските средства. Оваа година го имаме ажурираниот регистар на службени возила, кој и минатата година беше ефикасна алатка која детектираше злоупотреба на службени возила за партиски цели и за одење по кампањи надвор од работното време.

Спомнавте дека има поситни прекршувања и пристигнуваат пријави до вас. Кои се најчестите злоупотреби во овој период и кои странки најчесто ви доставуваат пријави, дали се тоа граѓани или политички партии?

Во овој период доста пријави добивме од опозициската партија, од ВМРО-ДПМНЕ, каде што се детектираат слабости, од аспект на тоа како однесување на претпоставениот кон вработените, вработувања во предизборен период. Најчесто прашањата се поврзани во вработувања во изборниот период, и не само опозициската партија што ја споменав, туку воопшто сите оние постапки коишто се започнати треба да се стават во мирување. Пред започнување на изборите, односно на самиот почеток на изборниот процес, ние упативме апел до сите институции и кажавме да не се започнуваат процеси за вработување на нови вработени коишто не може да се завршат до започнување на изборниот процес, затоа што тоа е на некој начин суптилно влијание врз гласачкото тело, затоа што тие луѓе се држат на јадица дека во очекување дека ќе бидат вработени и на некој начин ќе се насочуваат кон кога треба да гласаат. Затоа треба сите службени лица, кои се на одговорни позиции да ги почитуваат начелата на добро управување и начелата на интегритет, поради тоа што ќе кажам нашите стари добро рекле – Во очи Божиќ прасе не се гои. Не може сега со некои зафати пред изборите да се убедат гласачите дека едните се добри, или другите се добри. И едните и другите и третите, сите оставиле некаков бекграунд, кој како умеел и кој како ги искористил своите периоди за владеење, така што нема потреба сега да се прекршуваат правилата во изборниот законик и да се доведуваат луѓето во заблуда, од една страна. Од друга страна, кога велам дека треба да се почитува институционалниот интегритет. Знаете дека во овој период, во неколку министерства има министри и заменски министри. Мислам дека не треба да се врши партизација на министерствата, каде што има министри и заменски министри, туку треба институциите како едно да постапуваат, пак во насока на имање фер и демократски избори, да нема делби во тој поглед.

Една година функционирате со нов состав, нов закон, нов начин на избор на членови во комисијата. Кои се маните на кои што наидовте?

Од почетокот зборувам за условите за работа, за материјално-техничките и за човечките ресурси, кои се многу ограничени и тоа навистина многу не кочи во работата, меѓутоа ете ние и покрај тоа ние се потрудивме да испорачаме многу поразлични резултати од претходните комисии кои работеле во истите услови. Има мани и во законот, ниту еден закон не е совршен. Она што најмногу ни пречи е тоа што оваа комисија се доживува дека е орган на управа. Оваа комисија е државен орган, не е орган на управа, ние не сме подвргнати на закон за општа управна постапка, како што многумина сакаат да ни го наметнат и нашите одлуки како едно независно и превентивно тело, нашите препораки се во насока на подобрување на системот на контроли кои постојат во институциите, утврдување на ризиците од корупција и преземање мерки и активности за тие да не постојат, утврдување на судир на интереси итн., и сега не може кога ние ќе дадеме препорака за тоа, за тоа да решава Управниот суд после нас, затоа мислам дека тоа треба да се исфилтрира и добро да се дефинира.

Честопати вашите извештаи не стигнуваат до обвинителен акт и судска разрешница, што мислите, на што се должи таквиот однос кон комисијата за спречување на корупција?

Ние досега имаме испратено осум, од кои две веќе ни се вратија. Мислам дека тоа не е само однос кон ДКСК, туку тоа е начинот на работа на тие институции. Ние неодамна имавме средба во Јавното обвинителство, сè со цел да ја подобриме нашата соработка. Јас навистина бев многу изненадена од сознанието дека во јавното обвинителство условите од аспект на компјутеризација, технички услови, вработени итн., биле уште полоши од тие што ние ги имаме, а тоа во јавноста не се знае, јавноста нема таков впечаток и претпоставувам дека забавениот начин на одговарање од нивна страна се должи и на тоа, меѓутоа имајќи предвид од друга страна за некои прашања и за некои предмети многу брзо знае да одговорат и тоа за моќни луѓе ме доведува до прашање дека сепак можеби постои некое влијание кај обвинителите, иако сметам дека тие се приви коишто треба независно да си ја завршат својата работа.

Во таква ситуација, како ќе се врати довербата кај граѓаните во вистинска борба против корупцијата ако учинокот е толку мал?

Секоја институција треба да си одговара за своето постапување, значи ние ќе ги искористиме нашите алатки, до каде нас ни дава законот можности да ги облодениме сите работи и да ја известиме јавноста. Во секој случај и притисокот на јавноста многу влијае за некои процеси да почнат да се движат во нагорна линија, така што мислам дека реформите ќе стасаат и во судството и во обвинителството и дека тие ќе почнат поефикасно да работат и подобро да се организираат.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 30.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG