Достапни линкови

Десетици закони пред пратениците во „фото-финиш“


Архивска фотографија: Седница на Собранието

Само за денеска се закажани 11 седници на собраниски комисии, а на утрешната пленарна седница треба да се разгледуваат дузина закони. Собранието работи под полна пареа на неколку дена пред распуштањето, а брзањето го доведува под прашалник и квалитетот на законските решенија.

На една недела до најавеното распуштање, Собранието работи под полна пареа. Закажани се десетици седници на собраниски комисии, и десетици закони чекаат на гласање.

Парламентот, според најавите, треба да се распушти на 12 февруари во пресрет на предвремените парламентарни избори најавени за 12 април. Пред распуштањето, пратениците треба да гласаат за ратификација на протоколот за членство во НАТО.

Само за денеска, Собранието има закажано 11 седници на Собраниските комисии на кои треба да се разгледуваат десетина закони. За утре, пак, е закажана пленарна седница, на чиј дневен ред се ставени 24 точки – седум барања за автентично толкување на закони, 14 предлог закони, национална стратегија, финансиски план... Закони за државна статистика, за електронска трговија, за угостителство, туризам, минерални суровини, социјална заштита, квалитет на воздух, занаетчиство се меѓу оние ставени за дневен ред.

Поранешниот пратеник Насер Зибери вели дека стана вообичаена пракса да се предлагаат бројни закони пред распуштање на Парламентот.

„Тоа несомнено негативно влијае врз квалитетот на законите кои се носат. Затоа, често пати тие закони или се неспроведливи, или Уставниот суд ги преиспитува, или претседателот не го потпишува Указот и ги враќа, но штетата е на грбот на граѓаните кои често пати доаѓаат во ситуација да не знаат кои обврски ги чекаат, кои права може да ги остварат и тоа секако дека не е добро за конзистентноста на правниот систем“, вели тој.

Од друга страна, пратеничката Лилјана Поповска од ДОМ вели дека навистина има многу закони, кои пред распуштањето на Собранието се насобрани од различни причини – некои оправдано, некои зашто досега биле блокирани.

„Некои мораше да бидат поднесени зашто се врзани за рокови, крај на годината, почеток на нова година, други се поврзани со предвремените избори. Тоа се закони кои можеби би се разгледувале во следните неколку месеци, а се битни за институциите и за граѓаните и треба да се донесат сега и затоа е избрзана таа постапка. Трета група закони, пак, со месеци се неправедно заглавени во парламентот, затоа што опозицијата едноставно не сака да овозможи парламентарното мнозинство да покаже повеќе резултати“, вели Поповска.

Меѓу предложените закони го нема Законот за јавно обвинителство, за кој претставниците на ЕУ бараат да се донесе пред распуштањето на Парламентот, а за кој сè уште нема договор меѓу партиите.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG