Достапни линкови

Пандемијата донесе и повисоки трошоци за живот


Илустрација - пазар
Илустрација - пазар

Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека трошоците за живот во јуни годинава биле за 2,7 отсто повисоки од јуни минатата година, а цените во малопродажба се зголемени за 4 проценти.

Во време кога илјадници луѓе останаа без работа, а други едвај врзуваат крај со крај, речиси сите производи се поскапени. Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека трошоците за живот во јуни годинава биле за 2,7 отсто повисоки од јуни минатата година, а цените во малопродажба се зголемени за 4 проценти. Просечните цени во првата половина од годинава биле за 2,4 отсто повисоки отколку во првата половина минатата година.

Најголемо е поскапувањето на транспортот, кој во јуни годинава бил за над 9 отсто поскап од истиот месец лани. Рестораните и хотелите поскапеле за 6,3 отсто, домувањето поскапело за 4,3 отсто, алкохолните пијалаци и цигарите за 4 отсто, здравствената заштита за 3 отсто, а храната за 1 отсто.
Народната банка оцени дека се работи за очекувани инфлациски движења и пред десетина дена одлучи да ја задржи основната каматна стапка на нивото од 1,25%, со што монетарната политика го задржа олабавениот карактер.

Владата во ребалансот на буџетот за годинава ја проектира инфлацијата за годинава на 2,1 отсто.

Трошоците за живот се пораснати и во целиот регион, а зголемена инфлација има во речиси сите земји во светот.

Економистот Бранимир Јовановиќ од Виенскиот институт за меѓународни економски истражувања вели дека инфлацијата, не само во Македонија, расте од две основни причини – поскапувањето на нафтата на светските берзи и поскапувањето на храната на светските берзи. Лани, во ек на пандемијата, имаше намалена побарувачка на нафта, па ОПЕК донесе одлука за намалување на производството. Со заживување на светската економија годинава, побарувачката порасна, а производството остана ниско, па нафтата поскапе, но од пред некоја недела повторно се зголеми, така што може да се очекува намалување на цената на нафтата. Храната исто така многу поскапе на светските берзи, некои држави правеа резерви, во некои региони во светот имаше суши, но и тука сега има некое подобрување. Исто така поради пандемијата имаше нарушување на синџирот на набавки, па тоа донесе поскапување на некои производи, објаснува Јовановиќ.

„Генерално кажано, инфлацијата дефинитивно е во пораст, но ова ниво што го имаме сега не е загрижувачко и не треба да се очекува некое преголемо реагирање на државните органи со цел да ја намалат оваа инфлација. Но, она што може да се направи, треба да се размисли секако, е да им се помогне на оние категории на граѓани коишто се погодени од оваа инфлација“, вели Јовановиќ.

Слична е состојбата во целиот регион. Трошоците за живот во Србија во јуни годинава во однос на истиот месец минатата година се зголемени за 3,3 отсто, поскапувањето во Косово е 2,4 отсто, во Хрватска 2,1 отсто, а во Босна и Херцеговина 1,7 отсто.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG