Достапни линкови

Со ребалансот, буџетската дупка ќе достигне 750 милиони евра


Министерот за финансии Фатмир Бесими го презентираа Предлог за ребаланс на Буџетот за 2021 година

Собранието стартува со дебатата за прекројување на државната каса. Расправата во комисијата ќе трае 10 дена, а потоа има уште пет дена простор на пленарна седница. Со ребалансот државата планира повеќе да троши, за што дополнително ќе се задолжи, но планира да собере и повеќе пари.

Приоритетите на Владата се подобро да се справи со пандемијата, па затоа ќе има повеќе пари за здравството, за вакцини и повеќе пари во програмите за поддршка во справување со последиците од ковид-19. Но, со предлогот за прекројување на државната каса се кратат пари за нови училишта, се кратат пари од Министерството за одбрана, се крати од парите за екологија.

Дебата, но не и опструкции, очекува министерот за финансии Фатмир Бесими при донесувањето на ребалансот на Буџетот. Дебатата за ребалансот стартува на 1 јули во матичната собраниска комисија за финансирање и буџет. За прекројувањето на државната каса ќе се расправа 10 дена во матичната комисија, во кој период нема да има пленарни седници, освен ако е нешто итно. Потоа буџетот оди на пленарна седница на усвојување за што ќе има уште пет дена можност за дебата.


„Дебата очекувам, но не очекувам блокада. Станува збор за ребаланс за зајакнување на инвестиции, економска поддршка и заздравување од ковид-19. Причина за ребалансот се зголемените приходи, кои се поголеми од предвидените во Буџетот. Со ребалансот го зголемуваме учеството на капиталните расходи во Буџетот од 9,4 на 11,3 проценти што е највисока стапка во последната декада“, рече Бесими за ТВ 21.

Со ребалансот ќе има помалку пари во Буџетот оти ќе се намали ДДВ-то за струјата од 18 на пет отсто, што ќе придонесе буџетот да е покус за 1,1 милијарди денари или речиси 20 милиони евра.

Владата ќе собере 100 милиони евра повеќе, а ќе потроши 300 милиони евра од првично планираното. Со Ребалансот е предвидено буџетската дупка да се зголеми за дополнителни речиси 200 милиони евра и да достигне 750 милиони евра. Кусокот пари во државната каса ќе се покрива со задолжувања дома и во странство.

Се предвидува зголемување на приходите од 4,7 отсто, а расходите ќе пораснат за 8,6 отсто, односно во државната каса ќе се приберат 3,6 милијарди евра, но владата планира да потроши 4,3 милијарди евра.

Со фискалната стратегија се планираат и нови инструменти за финансирање, а тоа се развојна обврзница и зелената обврзница. Министерот вели дека развојната обврзница ќе се користи исклучиво за капитални инвестиции, а зелената за поддршка на зелен развој.

Од најголемата опозициска партија, ВМРО-ДПМНЕ, предлогот за ребаланс го оценија дека е во насока на предизборен поткуп што потоа ќе падне на грбот на граѓаните.

За борба со ковид-19, Министерството за здравство со ребалансот ќе добие повеќе пари, а поголем буџет ќе има и ФЗО. Здравството ќе троши повеќе на материјали и опрема, за услуги на пациенти, за услуги на јавното здравство и за други функции на здравството. Повеќе средства ќе има за реконструкција и доградба на објекти, здравствена заштита за превенција, задолжителна имунизација на населението, повеќе пари за лекување на ретки болести.

И Собранието и Владата ќе имаат повеќе пари

Собранието има и над 30 нововработени. Парламентот ќе троши помалку пари на контакти со граѓани, на парламентарниот институт и на советот за граѓански надзор, но повеќе пари се предвидени за изградба на собраниска зграда. Ќе троши помалку за плати и придонеси, но повеќе пари се одвоени за надоместоци. Предвидени се и помалку пари за патни и дневни расходи и за договорни услуги. Повеќе средства се предвидени за привремени вработувања.

Владата ќе ги зголеми расходите за плати, придонеси и за надоместоци. Ќе штеди на патни и дневни расходи, на комуналии и на материјали и ситен инвентар. Повеќе пари се предвидени за поправки и тековно одржување и за договорни услуги, помалку пари ќе потрошат за привремени вработувања. Се намалуваат и капиталните расходи - помалку пари ќе има за купување опрема и машини, за градежни објекти, мебел и помалку пари за дотации до општините.

Повеќе пари со ребалансот се предвидени и земјоделство и за труд и социјала.

Со ребалансот на Буџетот ќе има помалку пари за институцијата Претседател на државата. Помалку пари ќе има и за министерствата за правда, за финансии, за култура, за економија, за животна средина, министерството за транспорт и врски, за локална самоуправа.

СЕП ќе има помалку пари за зајакнување на процесот на европска интеграција. Министерство за одбрана ќе има помалку пари за обуки и доусовршување во земјава и странство, за модернизација, за реконструкција на објекти и инфраструктура, за интеграција во НАТО. Но, има повеќе од 130 нововработени.

Со речиси ист буџет останува Министерството за внатрешни работи, каде има намалување на бројот на вработени за речиси 300 луѓе.

Премиерот Зоран Заев го презентираа Предлог за ребаланс на Буџетот за 2021 година
Премиерот Зоран Заев го презентираа Предлог за ребаланс на Буџетот за 2021 година

Помалку пари за изградба на школи

И Министерството за образование останува со речиси ист буџет, се намалуваат парите за Бирото за развој на образование, но повеќе пари ќе има за Агенција за млади и спорт. Ќе се потрошат помалку пари за изградба на основни и средни училишта и спортски сали, но повеќе пари има за реконструкција на школи. Помалку пари ќе има за реконструкција на студентските и ученички домови, но ќе се дадат повеќе пари за студентските домови за бидат енергетски ефикасни, а ќе се зголемат и средствата за подобрување на ученички и студентски стандард. За образование повеќе расходи им за претшколско и за основно образование, но помалку за средно и за високо. Помалку расходи има и за истражување.

Министерството за политички систем со преполовен буџет и вработени

За речиси 35 отсто се намалува буџетот на Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, каде за повеќе од двојно се намалил и бројот на вработени и тоа од 1.427 на 660. Станува збор за министерството под чија капа беа таканаречните рамковно вработени, кои пред неколку месеци беа распоредени по други институции.

Со ребалансот се предвидува да има повеќе приходи од даноци. Планираат и зголемување на неданочните приходи, приходи од имот, од глоби и судски такси и други неданочни приходи.

Има зголемување на трансферите до јавните претпријатија, но намалување на субвенциите за приватните и за невладините организации. Ќе се намалат капиталните дотации до општините.

Ќе се троши повеќе пари за социјални надоместоци, за плаќања на бенефиции на ПИОМ и на Агенција за вработување, и на ФЗО. Се предвидува и К-15 за јавна администрација и државна управа.

Се намалуваат расходите за заштита на животна средина и за управување со отпадоци, за намалување на загадувањето, но се зголемува ставката за управување со отпадни води.

Владата и со ребалансот очекува економскиот раст годинава да биде 4,1 отсто.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG