Достапни линкови

Охридско лето - Еднаш Карерас, другпат Лане моје


Хозе Карерас и Жељко Јоксимовиќ

Српската поп ѕвезда Жељко Јоксимовиќ ќе настапи на годинашното Охридско лето, што наиде на бурни критики од културната јавност. Една година настапуваат Енио Мориконе или Хозе Карерас, а друга Жељко Јоксимовиќ. Жанровскиот дијапазон на фестивалот се движи во стилот „од Силвана до Нирвана“.

Најавениот настап на српскиот поп пејач Жељко Јоксимовиќ на 7 август во Античкиот театар во Охрид во рамки на годинашното Охридско лето предизвика многу реакции во земјава. Раководството на фестивалот вели дека програмата на Охридско лето се подготвува цела година и е работена по високи стандарди и оти нема да успее обидот за нивна компромитација и нарушување на нивниот углед. Сепак, има многу критики дека се работи за кич и непотребно расфрлање пари.

Од една страна, критиките се за тоа дали местото на Јоксимовиќ му е на таква манифестација како Охридско лето, каде што изминатите години гостувале Хозе Карерас или Енио Мориконе.

Од друга страна, домашните музичари критикуваат дека во време на пандемија на коронавирус, кога музичарите едвај врзуваат крај со крај можеле да настапуваат и домашни музички ѕвезди и да заработат некој денар. Некој ќе свири по кровови на згради за 14.500 денари, а некој ќе земе илјадници, а можеби и десетици илјади евра.

Новинарите, пак, потсетуваат дека културата во земјава се уништува со години и оти ова е само логичен след на настаните.

Други, пак, се подбиваат со одлуката на раководството на Охридско лето.

Трети пак иронизираат – демек сите слушате џез по дома.

За крај потсетуваме на славната изјава на српскиот политичар Драган Марковиќ – Палма, кој рече дека Цеца му е омилена, а само Бетовен и Шопен не му свиреле на увце.

Јоксимовиќ во изминатите години ги полнеше концертните сали во Скопје, а како претставник на Србија и Црна Гора на Евровизија во 2004 година во Истанбул го освои второто место со песната Лане моје.

Потоа, како композитор учествуваше уште два пати, и тоа во 2006 година заедно со Хари Варешановиќ и нумерата „Лејла“, со која се пласираа на третото место, и во 2008 година кога за Јелена Томашевиќ ја напиша песната „Оро“, со која таа заврши на осмата позиција. Таа година Србија беше и домаќин на фестивалот, а пејачот заедно со неговата сегашна сопруга Јована се појави во улога на водител.

Во 2012 година повторно беше српски претставник на Евровизија, кога настапи со „Није љубав ствар“ и заврши како третопласиран.

Охридско лето e меѓународен музичко-сценски фестивал којшто се одржува од 1961 година. На почетокот е главно музички фестивал, а од 80-тите години на минатиот век почнува и театарската програма. Во изминатите шест децении на фестивалот продефилираа врвни имиња од светската уметност.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Трендинг

Трендинг е седмична рубрика на Радио Слободна Европа на македонски јазик, во која автентично ви пренесуваме дел од највпечатливите коментари на социјалните мрежи за одредена тема. Пренесените коментари се мислења или ставови на авторите на коментарите и не се дел од уредувачката политика на РСЕ.

Повеќе
XS
SM
MD
LG