Достапни линкови

Охридско лето под прашалник поради штрајк


Прес конференција на Синдикатот на Македонската опера и балет и на Синдикатот на Македонската филхармонија во Скопје.
Прес конференција на Синдикатот на Македонската опера и балет и на Синдикатот на Македонската филхармонија во Скопје.

Синдикалците од Македонската опера и балет и од Македонската филхармонија, незадоволни од условите за престој и „пазарењето со нивното достоинство“, под знак прашање го доведуваат своето учество на отворањето на годинешното издание на нашата најголема летна културна манифестација „Охридско лето“.

Синдикатот на музичко-сценските работници, на десетина дена пред почетокот на најголемата летна културна манифестација во Македонија - „Охридско лето“, наново го крена гласот против несоодветниот третман на овие наши уметници и, како што велат, „пазарењето со нивното достоинство“.
Крајно безобразно е топката да се префрла дека ние како уметници секогаш нешто бараме, а од друга страна, кој е третманот на странските уметници коишто доаѓаат, на странските оркестри.
Виктор Илиевски, претседател на Синдикатот на музичко сценски работници.

Тие наведуваат дека на почетокот од оваа календарска година испратиле писмо до менаџментот на своите матични национални куќи со барање да им се обезбедат минималните основни услови за настап на претстојното издание на фестивалот – што подразбира хотелско сместување и минимален паричен надоместок од 800 денари. Експресно им било одговорено да се одлучат за една од варијантите – сместување или 2000 денари за покривање на вкупните трошоци.
Архивска фотографија: Фестивал Охридско лето.
Архивска фотографија: Фестивал Охридско лето.

Виктор Илиевски, претседател на Синдикат на музичко сценски работници, вели дека таа сума што им се нуди од страна на директорите без да се преговара и да се има разбирање за нив како уметници нималку не ги покрива трошоците што тие ги имаат на својот службен престој во Охрид. Тој притоа дополнува дека ним им пречи и двојниот аршин во третманот на некои од нивните колеги – учесници во програмата на „Охридско лето“.
Не можеме да го обвиниме Охридско лето, нити Министерството за култура, затоа што ние не бевме вклучени во директните преговори со Охридско лето, иако нашите директори знаеја, уште со писмото од февруари, кои се условите на нашите барања.
Борче Вишин, претседател на Синдикатот на операта.

„Крајно безобразно е топката да се префрла дека ние како уметници секогаш нешто бараме, а од друга страна, кој е третманот на странските уметници коишто доаѓаат, на странските оркестри.“

Илиевски истакнува дека од Синдикатот не бараат „преку леб – погача“ и потсетува на случајот кога Македонската филхармонија и покрај сместувањето во интернат со мизерни услови за престој го даде својот максимум на концертот на славниот шпански тенор Хозе Карерас во Античкиот театар.

Борче Вишин, претседател на Синдикатот на операта, ја потенцира лошата комуникација помеѓу директорите и уметниците и вели дека практично од таму и произлегуваат сите организациски пропусти на патувањата и лошиот третман што го имаат тие.

„Не можеме да го обвиниме Охридско лето, нити Министерството за култура, затоа што ние не бевме вклучени во директните преговори со Охридско лето, иако нашите директори знаеја, уште со писмото од февруари, кои се условите на нашите барања.“

Конечно, ако не се постигне заедничко решение на проблемот, од Синдикатот велат дека ќе бидат принудени да штрајкуваат што подразбира дека под знак прашање ќе дојдат настапите на македонските уметници на годинешното „Охридско лето“.

„Ние немаме друга алтернатива освен да се договориме и да најдеме некое заедничко решение“, вели Вишин.

Тој посочува и дека не се почитува Законот за работни односи, не им се плаќа ноќниот ангажман, немаат право на бенефиции и редовни систематски прегледи, дека настапите за празниците им се компензираат со слободни работни денови и заклучува дека сето тоа е резултат на немањето Колективен договор.

На разврската на овој случај изгледа ќе причекаме бидејќи директорите на трите институции се повикуваат на Законот за антикризни мерки во кој стои дека кога се настапува надвор од матичната институција и се обезбедени хотел и е организиран превоз не следуваат дневници. Тие се децидни дека платата треба да се заработи и во јули и информираат дека поголемиот дел од уметниците веќе ја прифатиле нивната одлука и го исклучуваат бојкотот на своите институции на задачите во рамките на програмата на „Охридско лето“.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG