Достапни линкови

Намалена транспарентност на државните институции - застој во отчетноста на функционерите


Илустративна фотографија.
Илустративна фотографија.

Без консултации на јавноста за голем број предложени закони, неажурирани алатки за транспарентност и необезбедување навремени информации за новинарите и граѓаните, покажуваат неколку анализи на невладини организации. Забелешките на ЗНМ, МЦМС и на Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап за падот на транспарентноста на институциите доаѓа во време кога од САД и ЕУ доаѓаат сериозни критики за корупција.

Алатката „Отворена влада – отворени податоци“ каде можеше да се видат трошоците кои ги направиле владините функционери, последен пат е ажурирана во ноември 2020 година кога премиер беше Зоран Заев.

Алатката „Отворена влада – отворени податоци“ која последен пат е ажурирана во ноември 2020 година кога премиер беше Зоран Заев.
Алатката „Отворена влада – отворени податоци“ која последен пат е ажурирана во ноември 2020 година кога премиер беше Зоран Заев.

Исто така, не е ажурирана и алатката за платите на претседателот на Владата и министрите. Таму сега се покажани приходите на министрите во првата Влада на премиерот Ковачевски. Во меѓувреме, платите на функционерите пораснаа за 78 проценти.

Платите на министрите во Владата последен пат се ажурирани за месец декември 2020 година.
Платите на министрите во Владата последен пат се ажурирани за месец декември 2020 година.

Владата на СДСМ со доаѓањето на власт во 2017 година, воведе многу алатки со кои сакаше да ја подобри транспарентноста на институциите, но многу од нив сега не се ефикасни.

Истражувањето на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и Граѓанскиот ресурсен центар (ГРЦ) покажува и дека речиси за две третини од предлог-законите не бил направен консултативен процес на Електронски национален регистер (ЕНЕР).

Според извештајот, вкупно 86 од предложени 191 закон (45%) се на предлог на пратениците, а Собранието не спроведувало консултативен процес за предлог-закони кои се на предлог на пратеници и овластени предлагачи на закони.

„Имајќи го предвид ова, законите кои се од суштинско значење за правното опкружување може да бидат изгласани без јавноста да биде консултирана“, покажува истражувањето на МЦМС и ГРЦ.

Што велат од владата?

Од Кабинетот на заменичката на претседателот на Владата задолжена за добро владеење, Славица Грковска, објаснуваат дека имало период на застој во ажурирањето на алатката за отчетност на владините функционери, но посочуваат дека работат на решение со кое институциите редовно и самостојно ќе ги внесувале податоците за јавноста навремено да има увид во направените службени трошоци на функционерите.

Вицепремиерката побарала од институциите да бидат поотчетни и транспарентни, и за таа цел е изработено и упатство за подобрување на транспарентноста на институциите во јавниот сектор.

„Ова е преоден чекор кон крајната цел, односно создавање законски услови за целосна транспарентност на институциите со цел сите информации да бидат достапни на јавноста, освен оние кои што се од класифицирана природа. Сите носители на информации и сите носители на функции имаат обврска да бидат транспарентни и за својата работа да даваат отчет пред јавноста“, велат од Кабинетот на Грковска за Радио Слободна Европа.

Грковска иницирала Владата да ги задолжи сите институции на своите веб страници да ги објават сите одлуки за јавни набавки, но и сите иматели на информации да направат листа на најчесто барани податоци од јавен карактер во период од 01.10.2020 година до 30.06.2022 година, велат од Кабинетот.

Но, забелешките за падот на транспарентноста доаѓаат во време кога ЕУ потсети дека борбата против корупцијата е на разочарувачко ниско ниво, како што рече шефот на делегацијата на Европската унија во земјава Дејвид Гир, а претходно и американскиот Стејт депармент посочи дека во земјава неказниво поминуваат серија корупциски афери.

Молк за информациите од јавен карактер

За намалената транспарентност укажуваат и новинарите кои често не добиваат одговори од институциите, како што покажуваат истражувањата на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ).

„Иако генералната перцепција во 2022 година е дека состојбата со транспарентноста на институциите е подобрена од пред 2016 година. Сепак некои истражувања покажуваат дека постојат институции кои не се доволно транспарентни, а проблемот најчесто се јавува на локално ниво. Во спроведените интервјуа со новинари, се потенцира дека во изминатата година има тренд на избегнување или на не давање конкретни одговори од страна на претставници на одредени јавни институции“, вели Билјана Настевска Калановска од ЗНМ.

Државните институции, општините, јавните претпријатија и судството се соочуваат со бројни поплаки за непочитување на законските рокови за давање информации од јавен карактер.

Годишниот извештај на Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап на информации од јавен карактер за 2022 година исто така покажува дека отсуствува транспарентноста на институциите.

Најголемиот дел од овие претставки, кои се над 60 отсто, се однесуваат токму на „молкот“ на институциите и не постапувањето по барањата за информации во законски предвидените рокови.

Релеватните независни организации транспарентноста на инстутициите и функционерите ја мерат според степенот на отвореноста на владините активности, процесите на донесување одлуки и колку се отворени и достапни информациите за јавноста. Тоа се клучни елементи кои придонесуваат владите да можат да воспостават средина на транспарентност што ја поттикнува довербата, овозможува учество на јавноста и ги зајакнува демократските процеси.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG