Достапни линкови

Нискиот опфат на вакцинација - ризик од епидемија на морбили


Илустративна фотографија
Илустративна фотографија

Случајот со 13-месечното бебе од Свети Николе кај кое беа дијагностицирани морбили го вклучи алармот кај здравствените власти. Нискиот степен на вакцинација во 2020 и 2021 ја зголемува опасноста малите сипаници повторно да се шират, а кај невакцинираните компликациите може да бидат сериозни.

Опасност за појава на епидемија на морбили постои, предупредуваат здравствените власти. Затоа и Министерството за здравство континуирано апелира на родителите да ги вакцинираат своите деца.

Од Комисијата за заштита на заразни болести велат дека внимателно ја следат состојбата.

„Комисијата како советодавно тело даде препораки кои се однесуваат на следењето на случаи со морбили, како што е засилување на епидемиолопкиот надзор како и подигнување на свесноста помеѓу здравствените работници и популацијата и сл за што веќе информираше претставник од Комисијата за здравство“, велат од Комисијата.

Засега нема регистрирано нов сомнителен случај на морбили во државава откако тринаесетмесечното дете кај кое имаше лабораториска потврда за морбили, е во добра здравствена состојба.

Опфатот на вакцинација треба да се зголеми

Според податоците на здравствените власти, во 2021 година, опфатот со МРП вакцинацијата е зголемен во однос на 2020 година, од 63,0% на 70,4% на национално ниво. Исто така и опфатот со МРП ревакцината кој изнесува 80,4% бележи зголемување во однос на 2020 година (68,5 %).

Сепак, иако опфатот со МРП вакцина и ревакцина во 2021 година бележи зголемување во однос на претходната година,како што велат здравствените власти се уште е под препорачаниот опфат од 95%.

„Нискиот опфат со МРП вакцината во 2020 и 2021 година, го зголемува бројот на осетлива популација за заболување од мали сипаници, а со тоа го зголемува ризикот од појава на епидемија на мали сипаници“, велат од Комисијата.

Малите сипаници се сметаат за високо заразно заболување и можат да предизвикаат пневмонија, енцифалит и други сериозни и тешки компликации кај децата кои што не се вакцинирани.

Вакцините се безбедни и ефикасни

Д-р Кристина Ставридис од Комисијата за имунизација за РСЕ вели дека опфатот не е доволен за да се спречи појава на епидемија, се акумулира чувствително население и ако дојде вирусот може лесно да се пренесе, во услови кога има вакцина која ја превенира болеста.

„Имаме една ефикасна и безбедна вакцина, која што има ефикасност над 99% која што може да се користи како една од најефективните мерки во превенцијата на ова вакцинално превентабилно заболување. Вакцината нема контраиндикација, освен алергија на состојки на вакцината, значи секое здраво дете па дури и тие деца со лесна настинка и дијареа може да се вакцинираат и вакцината не треба да се одложува“, вели д-р Ставридис.

Пад на вакцинацијата се бележи особено за време на ковид пандемијата, но влијание имаат и дезинформациите и антивакциналните кампањи. Против дезинформациите и антивакциналните кампањи додава мора да се бориме со едукација на населението, вели Ставридис.

Отпорот кон оваа вакцина се јавува по студија која ја поврзува вакцината со појава на аутизам, но медицинската фела е децидна дека оваа студија е дезинформација од која до денеска се трпат последиците.

„Тоа е една голема дезинформација потекнатата од 90 тите години, од една студија на многу мал број испитаници, која направи голема штета на употребливоста на оваа вакцина. Оттогаш се направени многу студии кои покажаа дека нема никаква поврзаност помеѓу аутизмот и оваа МРП вакцина. Исто така има студии кои покажуваат дека како се намалува опфатот со оваа вакцина, атузимот повторно се зголемува, што е уште еден доказ дека нема поврзаност помеѓу аутизмот и МРП вакцината. Многу често аутизмот се открива кога децата треба да се вакцинираат и јас мислам дека поради тоа постои заблуда дека постои поврзаност помеѓу МРП вакцината и аутизмот“, децидна е докторката.

Вакцината МРП се дава во две дози. Првата на 12 месеци, а втората на шест години. Ставрдис додава дека треба да се прима според календарот на имунизација, а одолжувањето на оваа вакцина е небезбедно.

Во текот на изминатите 11 години имаше вкупно 5 епидемии и 2700 потврдени случаи со морбили како резултат на падот на колективниот имунитет поради слабиот опфат со МРП вакцината. Македонија во 2019 се соочи со епидемија во која четири деца починаа како резултат на компликации. Тогаш опфатот на вакцинација беше околу 70%.

  • 16x9 Image

    Ивана Стојкова

    Новинарската кариера ја започна во 2015 година во Канал 5 телевизија како репортер во информативната програма. Родена е на 15.03.1992 година во Скопје. Од јануари 2022 година работи како соработник на Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG