Достапни линкови

Мерките се олабавија, заболените се намножија


Полиција и граѓани со заштитни маски во Скопје
Полиција и граѓани со заштитни маски во Скопје

Тоа што најмногу случаи на ковид 19 има кај младата популација од 20 до 29 години, јасно покажува дека здравјето на нацијата повторно беше жртвувано поради популизам, вели професорот Дејан Трајковски од Битолскиот Универзитет „Климент Охридски“

По краткото опаѓање на бројот на заболени од ковид 19, бројката на новозаразени од делта сојот повторно покажува нагорна линија. Вчера беа регистрирани 593 случаи од вкупно 3391 тестирања. Најголемо зголемување на новозаболени за периодот од 25 до 31 октомври има во возрасната група од 20-29 години, а тоа е 11,4 отсто повеќе во однос на претходната недела, покажува статистичкиот извештај на Институтот за јавно здравје. Денеска на Инфективната клиника во Скопје од ковид почина 16 годишно девојче од Тетовско, која како што информираат била примена во тешка здравствена состојба.

Професорот по теоретска механика, Дејан Трајковски, кој на дневна основа статистички ги следи сите официјални информации поврзани со коронавирусот, нема дилеми дека порастот на случаи кај младата популација е најјасниот индикатор каде се случува главното заразување во моментот. Здравјето на нацијата повторно беше жртвувано поради популизам, поради една толку безначајна цел, која сепак не ги даде посакуваните резултати, вели професорот Трајковски.

„Во извештајот на ИЈЗ, на последната страница јасно ги пишува препорачаните мерки според Светската здравствена организација, и сето тоа останува мртво слово на хартија. На пример пишува затворање на несуштински дејности, повеќе работа од дома, препорачано учење на далечина и др., но нашите политичари не постапуваат по нив, туку преземаат политички произволни одлуки. Струката јасно си кажува, но тие сето тоа го игнорираат“, вели Трајковски.

Некои од препораките на СЗО за кои зборува и Трајковски се и посебна проценка за одржување спортски и слични настани кои треба да се одржуваат според строги безбедносни правила, на пр. без публика. Другите масовни собири треба да бидат прекинати, а големината на сите социјални собири треба да се намали. Службите за згрижување на деца и основните и средните училишта треба да останат отворени со соодветни мерки за безбедност и надзор доколку тоа го дозволува локалната епидемиолошка состојба.

Инаку пред вториот круг избори Владата го укина ограничувањето на максимално дозволениот број на лица на една маса во кафетериите, рестораните и во рестораните на хотелите, како во отворените така и во затворените делови на овие угостителски објекти. Дополнително беше усвоена и измена на ограничувањето на исполнетоста на капацитетите на овие угостителски објекти, односно ограничувањето на бројот на гости во затворениот дел од објектот, како и во отворениот дел да е до најмногу 50% искористеност на капацитетот на објектите.

Јасно е дека бранот започнува да извишува, велат упатените. Стапката на позитивни тестови практично ги достигнува августовските нивоа.

„Бранот на делта сојот продолжува таму каде што подзапре, но може да се каже и дека дури сега вистински започнува. Броевите денеска просто експлодираа во Битола, но и во Скопје и Тетово, што значи дека ни августовската прележаност не беше доволна и делта сојот ќе мора да се допрележи есенва при есенска преносливост“, анализира професорот Трајковски.

Според извештаите од болниците кои пристигнаа до ИЈЗ, во моментов се хоспитализирани 476 лица, а од нив 248 се на кислородна поддршка и 8 на инвазивна/неинвазивна механичка вентилација.

Сепак стапката на хоспитализираност не е многу висока. Моментално хоспитализирани има околу 7,1% од бројот на активни случаи, што е значително помалку од досегашните бранови, кога оваа стапка изнесуваше 10-11%.

Вакцините сепак вршат добра работа, колку што се може при овој недоволен опфат со вакцинација, посочува професорот Трајковски.

„Благодарение на вакцините се уште се држиме под контрола, меѓутоа пред Нова Година кога ќе попушти ефектот на вакцината ќе го гледаме и кај нас тоа што се случува во Бугарија, во Србија, во Словенија“, предупредува Трајковски.

Инаку, бројот на заболени од коронавирусот е висок и во соседните земји, Бугарија, Босна и Херцеговина, Србија, Словенија. Нов црн рекорд за смртни случаи се бележи во Бугарија, каде ситуацијата е критична, па таму надлежните повикуваат на помасовна интеракција и национална мобилизација.

Она што е исто така загрижувачки тренд во нашата земја е високата стапка на леталитет. Од доаѓањето на Делта сојот до денес, оваа стапка изнесува 3,83%. Во периодот од 18.07.2021 до 17.10.2021 (или за само 91 ден) во болниците починале вкупно 1.367 лица. Тоа значи дека стапката на смртност изнесува 61,5%, односно е многу повисока од стапката пред пристигнувањето на делта сојот, која изнесуваше 43,5%.

Заклучно со 31 октомври, вакцинирани се вкупно 812.422 лица со барем една доза на вакцина против Ковид-19 во државата и странство. Комплетно вакцинирани, со две дози, се вкупно 778.599 лица, а со трета доза се вакцинирани 30.851 лица.

Професорот Трајковски вели дека невакцинираните многу почесто стигнуваат во болница, а штом стигнат до таму, шансите се 61,5% дека лекувањето ќе заврши со смртен исход. Тој додава дека во македонските болници лекувањето има многу слаб квалитет, па апелира здравствени власти да побараат помош од странски лекари зошто есенскиот бран допрва почнува.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG