Достапни линкови

Отворена „банкарска војна“ – перење пари преку фиктивни кредити


Еуростандард банка / Eurostandard bank

Убиство со умисла на Еуростандард по налог на сивата банкарска еминенција, обвинува најголемиот акционер во банката Трифун Костовски. Признава соучество во криминална банкарска шема откриена во истрагата на банкарските експерти Драго Кос и Ирена Фрачековиќ, а која е финансирана од Костовски. Нерелевантни и неточни се нивните тврдења велат од Народната Банка.

Речиси две децении најмалку седум банки во земјава разработиле шема за фиктивно кредитирање на фирми со цел перење пари, е заклучокот што може да се изведе од денешното презентирање на извештајот од надворешната истрага за стечајот на Еуростандард Банка финансиран од нејзиниот најголем акционер Трифун Костовски. Во извештајот како соучесници во банкарската шема се наведени банките Комерцијална, Инвест банка/Шпаркасе банка, Уни банка, Стопанска банка, Статер Банка, Еуростандард банка и Охридска Банка, 45 фирми и Кираца Трајковска како физичко лице.

Еуростандард банка во 2011 година станала дел од незаконската шема во 2011 година, како што тврди нејзиниот најголем акционер Костовски, без знаење на акционерите, а лидер на организираната шема, според странските истражители е Комерцијална банка.

„Како не сум знаел, е тука може да ме судите и тоа апсолутно. Но, дека сум имал намера да вакво нешто биде, ниту во сон. Моја лична грешка е што јас повеќе верувам, и сега научив дека требало да биде верувај ама и проверувај“ изјави Костовски.

Костовски - во земјава владее банкарска сива еминенција

Според Костовски, Еуростандард банка е убиена и однесена во стечај со умисла, и неговата цел, како што вели, никогаш не била измама. Тој за сомнителните кредити дознал во 2019 година, и како што тврди, откако увиделе дека се дел од „шемата“ по нивниот обид да се повлечат стартувале проблемите, односно обидите да се „убие“ банката.

Тимот на странски истражители предводен од Драго Кос претседател на ОЕЦД работната група за корупција во интернационални бизниси и поранешен претседател на ГРЕКО, посочува дека во земјава функционира систем на незаконско банкарско финансирање на фирми по нивни избор што се меѓусебно поврзани и дека тој систем стартувал во 2004 година.

„Како тоа се правело- Банка А ( понекогаш во иста шема учествувале по две или повеќе банки) дава кредит на фирма од пола милион евра. Тој кредит истиот ден отишол до банка Б која истиот ден дала кредит од пола милион евра на иста фирма кој следниот ден се враќа во Банката А. Па јас ве прашувам дали мислите дека е можно без заедничка соработка и однапред спремни подготвени документи, две банки низ иста фирма да канализираат пола милион евра. Одговорот е јасен – не може“ вели Кос.

Шемата, според странските истражители, функционирала на таков начин што одредена банка идентификувала компании коишто се подготвени да ги отстапат своите деловни сметки, на кои банката потоа им исплаќала одредени износи врз основа на фиктивни договори за кредит. Потоа истите компании формално им ги позајмувале тие износи на други компании по избор и во организација на банката. На сличен начин, потоа овие средства и се враќале на банката.

На тој начин, банката остварувала добивка од вештачки зголемените кредитни пласмани, платените провизии, камати, казнени камати и други трошоци, додека компаниите коишто вршеле улога на пренесувачи на незаконски стекнати пари, односно конвертирање кредити во заеми, поради исклучителниот обем на шемата којшто не дозволувал можност за вршење контрола, вообичаено претрпувале сериозни загуби.

„Во истиот период ( 2004 та до 2011 година ) докажани се најмалку 103 фалсификувани потписи на налози за пренос, пет фалсификувани потписи на договори за кредит и 32 фалсификувани потписи на договори за заем, а биле изготвени и потпишани 40 фиктивни договори за кредит и 81 фиктивни договор за заем. Исто така, за приближно 54 трансакции помеѓу компании, коишто учествувале во шемата, воопшто не биле склучени договори за заем, што укажува на фактот дека „Комерцијална банка“, поради обемноста на шемата и бројот на банки и компании што учествувале во неа, конечно изгубила секаква контрола врз истата,“ се вели во дел од извештајот кој им беше поделен на медиумите.

Народна банка - Приватно нарачаниот извештај е неточен

Од Народната банка тврдења во извештајот ги опишуваат како неточни и нерелевантни. Во нивната реакција е наведено дека во однос на приватно нарачаниот извештај од поранешниот акционер, а воедно и долгогодишен претседател на Надзорниот одбор на Еуростандард банка, над којашто поради несолвентност во август 2020 година беше отворена стечајна постапка, изразуваат сериозна загриженост за леснотијата, како што велат, со која од различни поединци се изнесуваат неточни информации поврзани со банкарскиот систем и Народната банка.

„Ваквото неодговорно однесување поттикнато од лични интереси и приватни побуди, може да внесе немир и непотребно и неосновано да предизвика штета на финансиските институции во земјата, а со тоа и на економските субјекти и граѓаните. За Народната банка, оценките и мислењата, особено во делот на состојбите во банкарскиот и финансискиот систем на нашата земја и начинот на работата на Народната Банка, искажани од страна на нарачателот на овој извештај, како и лицата кои се најмени од негова страна за да го изработат и промовираат во јавноста, се нерелевантни и неточни“, се вели во пишаната реакција на Народната банка.

Народната банка тврди дека работи по европски стандарди и дека врши редовна супервизија на работењето на банките и штедилниците и рамки на своите надлежности презема соодветни мерки за задржување на стабилноста на банкарскиот систем.

„Доколку со супервизорска контрола се констатира сомнеж или индиции за други дела во банка, Народната банка којашто е супервизорски, а не истражен орган, ги известува и соработува со надлежните истражни органи“, се вели во реакцијата.

Македонската Банкарска Асоцијација го демантира извештајот

МБА изрази oстар протест и ги отфрла како што вели, како крајно неосновани наводите за банкарскиот сектор во истрагата нарачана од Костовски.

„Потенцираме дека никој нема право да изнесува небулозни наводи и обвинувања за цел банкарски сектор на една држава врз основа на некакви приватни истраги. Пропаѓањето на една банка зарaди проблеми и нерегуларности кои се случувале во самата таа банка, не смее и не може да бидат прелеани како обвинување за цел еден сектор“, се вели во нивната пишана реакција.

Македонскиот банкарски сектор бил и останува најздравото ткиво на нашата економија и никој нема право да прави обиди за поткопување на неговиот углед и негово омаловажување, како што нема право тоа да го прави со која било институција на оваа држава.

Случајот Кубус појдовна точка на истражителите

Хрватскиот судски вештак Ирена Франчековиќ која го истражувала случајот со градежната фирма Кубус вели дека во нејзиното 30 годишно искуство, прв пат гледа ваква шема, каде што организатор на шемата се банките, а не клиентите. Таа наведува дека за одобрување на еден кредит е потребен долготраен процес за утврдување на финансиската стабилност на фирмата која што го бара, што не било случај во македонската „банкарска шема“.

„ Тука се работи за кредитирање во 24 часа, некогаш впо документите наоѓавме дека кредитот е исплатен, а договорот за кредитот е изработен следниот ден или месец дена подоцна. Што значи банката се уловила самата себе. Тие си поставиле свој човек која ја координирал целата ситуација“ објасни таа.

Во однос на случајот Кубус, од Народна банка велат дека, до надлежните институции ги доставиле сите свои расположливи информации.

Во истражувањето на банкарските шеми била дел и Слаѓана Тасева од Транспаренси интернешнл која со години го истражувала случај „Банки “ по пријава на оштетени компании кои се жалеле дека претрпеле милионски штети. Таа вели дека за случајот биле известени неколку влади до сега, Народната банка и Јавното обвинителство, што го покажува затајувањето на институциите. Според неа ситуацијата со македонскиот банкарски случај е загрижувачка.

„Очигледно сите кои што имале надлежност и обврска за спроведување на законите во оваа сфера за да навреме да се открие и спречи организирана финансиска активност, која излегува надвор од законите затаиле и не спречиле да се случува ваков криминал. Во 2012 година МВР поднеле пријава за организиран криминал во која биле наведени 11 лица од Комерцијална банка и управата и други лица кои биле детектирани дека учествувале во оваа криминална шема. За жал, како што се случува во заробена држава таа пријава не била прифатена, “ вели таа.

Тасева објаснува дека судбината на таа пријава била бурна, од прифаќање кон отгфрлање до повторно отворање на случај па премин во друга институција, и добивање на уште неколку кривични пријави кои се добро изработени од Управата за финансиско разузнавање и МВР. Но како што вели таа, некои од институциите не си ја исполниле својата основна цел – справување со организиран криминал.

„Очекувам и повикувам, после едно вакво обзнанувањето на состојбите во пред се во Комерцијална банка па и во Еуростандард банка. Без оглед која е одговорноста на Костовски и Тодоров, треба да се расчистат сите аспекти на се ова што се случувало, но и да се преземат сите мерки за да се заштити банкарскиот и финансискиот систем во земјава, затоа што цехот на крајот го плаќаат граѓаните“ додава таа.


Истрага за перење пари и предизвикување стечај

Истрагата за случајот со Еуростандард банка беше отворена на 8 ми февруари 2021 година. Во соопштението на обвинителеството за борба против организиран криминал осомнчени четири лица за перење пари и намерно предизвикување стечај на банката.

Според соопштението осомничените во период од 2018 до 2020 година го прекршиле законот за банки и со своето несоодветно работење им помогнале на клиенти со помалку пари да дојдат до повеќе без покритие при што ја лажеле Народната банка за реалната финансиска состојба на банката и на клиентите. Истрагата покажала дека со таквото работење на осомничените се генерирале големи материјални кредитни загуби, со што го намалиле износот на сопствените средства на банката и наметнале потреба од значителна докапитализација на банката, нешто што и Народна Банка го барала од нив, а тоа не го направиле .

Штетата била во вредоност од 55 милиони евра и поврзана со 149 клиенти кои добиле кредити што не ги враќале па тој товар паднал врз штедачите и другите депоненти на банката.

„Исто така, осомничените како лица со посебни права и одговорности во Еуростандард Банка АД Скопје, во периодот од 2017 година до 2020 година, во повеќе наврати овозможиле отворање на нерезидентни трансакциски сметки преку кои дозволите трансакции и воспоставиле деловен однос со правни лица. Спротивно на нивната законска должност, иако имале обврска согласно Законот за спречување перење пари и финансирање тероризам, тие во Управата за финасиско разузнавање не пријавувале сомнителни трансакции кои укажуваат на перење пари, имот или имотна корист, а за што во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во 2020 година започнале предистражни постапки“, се вели во соопштението.

Тасева на денешната прес конференција посочи дека обвинителката Ивана Трајчева која сега е суспендирана поради дисциплинска постапка е таа која што на крајот годинава ја отфрлила кривичната пријава како неоснована.

Оштетените штедачи си ги бараа парите со протести

Во меѓувреме откако Народна Банка и ја одзеде дозволата за работа на Еуростандард банка оштетените штедачи со месеци протестираа барајќи си ги назад своите вложени штедни влогови под слоганот „ Туѓи пари не сакаме, своите ги бараме“.

Темата за затворањето на една од вкупно 14 банки во земјава беше на дневен ред и во Собранието а со тоа и на мени на партиски преписки за тоа кој е виновен за нејзиното пропаѓање и кои се причините што доведоа до тоа. Пред пратениците свое излагање покрај Гувернерката Анита Ангелоска Бежоска и мнозинскиот акционер Трифун Костовски кој ја обвинува власта за проблемите во банката.

„Дозволата за работа на „Еуростандард банка” беше одземена заради констатирана несолвентност по исцрпување на сите можности, порача гувернерката Ангелоска Бежоска на Надзорната расправа во Собранието во организација на Комисијата за финансирање и буџет во 2020 година. Според неа одземањето на дозвола за работа на една банка е најтешка одлука за една централна банка.

Таа тогаш објасни дека во последните 2 години од работењето на Банката биле спроведени околу 40 вонредни супервизорски контроли имерки и дека со со дел од нив барале уплата на дополнителен капитал, поаѓајќи од правилото дека поголемиот ризик, бара и поголем капитал за покривање на евентуални загуби.

ВМРО - ДПМНЕ и СДСМ со меѓусебни обвинувања - чии фирми зеле креди без покритие

Според опозициската ВМРО - ДПМНЕ 29 струмички фирми кои биле блиски до семејството Заеви, ( еѓу која и фирмата „Сара инженеринг” - на Вице Заев, „Глобал Медиа Груп”, како и „Тритерол”) со месеци наназад не ги плаќале кредитите во Еуростандард банка.

„Овие 29 фирми блиски до Заеви, меѓу кои и фирмите кои се во нивен посед, оствариле добивка од Еуростандард банка 12,8 милиони евра поради неплаќањето на кредитите, на штета на сите други штедачи во Еуростандард банка", рече тогаш пратеникот Антонијо Милошоски.

Со контраобвинување со месеци излегуваше и владејачката СДСМ прстот го впери во фирми блиски, до ВМРО-ДПМНЕ и во делумна сопственост на лидерот Христијан Мицкоски.

„Компаниите „Јанев трејд“ „Ведра мини“ и „Минка ДА“ се поврзани со власта. Станува збор за компании на партнер на Христијан Мицкоски. „Минка ДА“ и другите компании што ги спомнав, а коишто без покритие ги има финансирано Еуростандард се партнер на Мицкоски во бизнисот со хидроцентралите“, изјави од собраниската говорница тогашниот пратеник а сега струмички градоначалник Костандин Костадинов.

Каде завршиле парите?

Предистрагата ја водеше Управата за финансиска полиција. Тогашниот директор на Управата Арафат Муареми изјави дека не може да се затвори истрагата, додека не се утврди каде завршиле парите од Еуростандард банка. Тој во едно интервју за ТВ 24 изјави дека утврдиле дека над 140 фирми се дел од мрежа на фирми кои добивале кредити без покритие.

„Тешко е да докажеме каде завршуваат парите, бидејќи не секогаш тие завршуваат во нашата држава, некогаш се прелеваат во друга дражава. Големиот дел на корупцијата од тоа доаѓа“, посочи тогаш Муареми.

Муареми - За Еуростандард банка се гледа крајот на тунелот
please wait

No media source currently available

0:00 0:13:53 0:00

Тој додаде дека во истрагата тогаш биле опфатени и неколку други банки за проблематично финансирање на кредити, но не откри повеќе.

Еуростандард банка ја изгуби дозволата за работа во август 2020 година поради, како што беше посочено тогаш, неконтролираното преземање ризик за кредитирање и големото издвојување на резервации за кредити кои не се враќале на време. Досега над 70 отсто од клиентите на банката со заштеди до 30.000 евра ги подигнаа средствата кои им беа заробени, додека останатите 780 депоненти кои имаат поголеми износи од 30.000 евра, остатокот си го бараа од стечајната маса.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG