Достапни линкови

Осуденици и обвинети бегаат од државата, одговорност нема


Меѓународна потерница за Никола Груевски
Меѓународна потерница за Никола Груевски

Причина за бегствата е лошата координација меѓу јавното обвинителство, судот и полицијата, оценуваат упатените откако избега и Игор Спасов, осуден за убиството на Мартин Нешкоски. Претходно од државата избегаа и Груевски, поранешни разузнавачи, обвинети за 27 април, но никој не понесе одговорност.

Игор Спасов, осуден за убиството на Мартин Нешкоски е последен кој избега и полицијата трага по него. Спасов е осуден на 14 години затвор за убиството на Нешкоски во 2011 година, а претходно беше пуштен од затвор поради здравствени причини и му беше оставен период за лекување. Конкретно за овој случај, вели поранешниот министер за внатрешни работи Павле Трајанов, одговорноста може да се бара кај Управата за извршување на санкции.

„Прекинот на извршување на казни тие го одобруваат во соработка со казнено поправните домови, како што беше Игор Спасов, со прекин во извршувањето на казната“, вели Трајанов.

Но, тој е последен од инволвираните во случаи познати во јавноста кој и побегна на полицијата. Претходно, во 2017 година, избегаа поранешните разузнавачи Никола Бошкоски и Горан Грујевски обвинети од Специјалното јавно обвинителство во случаите „Тврдина“, „Таргет“ и „Тврдина 2“, а подоцна и во предметот на Јавното обвинителство за насилниот упад во Собранието на 27 април.

По нив следуваа и бегствата на Никола Војминовски, кој беше осуден на 13 ипол години затвор за обид за убиство на пратеникот Зијадин Села, Дејан Давидовски, е обвинет за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста при организираниот напад на Собранието на 27 април 2017. Најмногу внимание сепак, предизвика бегството на поранешниот премиер Никола Груевски по казната затвор од две години за случајот Тенк.

„Генералната причина за бегствата е лошата, слаба или никаква координација меѓу јавното обвинителство, судот и полицијата“, вели Трајанов.

Инаку, за неполни две недели ќе се наврши точно една година откако Груевски избега во Будимпешта, таму побара и доби азил. Тогаш одговорноста се префрлуваше меѓу министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, Кривичниот суд и Специјалното јавно обвинителство.

Јавното обвинителство пак, отвори истрага за да се лоцираат одговорните за бегството, но во последното соопштение објавено на интернет страницата на обвинителството на шестти февруари нема информација кој е одговорен за пропустот.

„До овој момент надлежниот обвинител нема утврдено постоење на кривична одговорност на службени лица кои помогнале или учествувале во организирањето и реализацијата на бегството на сега осудениот Никола Груевски. Досега прибавените докази упатуваат на заклучок дека имало определени пропусти во постапувањето на надлежните институции, кои не претставуваат кривично-правно дејствие и не се во надлежност на Јавното обвинителство“, наведе обвинителството зимоска.

И осум месеци по ова соопштение обвинителка за организиран криминал и корупција во интервју за 24 вести рече дека има сознанија, но како обвинител не може да си дозволи сознанија без докази да изнесува во јавноста.

„Клучните докази од Албанија не ги добивме и се друго се индиции и сознанија за кои не можам да зборувам. Ние испитувавме дали тие пропусти се направени како резултат на сторено кривично дело. Не успеавме да докажеме до сега дека било кој сторил кривично дело во врска со бегството на Груевски“ , рече Русковска.

Неодамна и премиерот Зоран Заев рече дека ако обвинителството некаде покажело и докажело вина за бегството, тој ќе преземел мерки и ќе разрешел кој и да треба.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG