Достапни линкови

Оставка на Заев или недоверба на Владата и предвремени избори


Премиерот Зоран Заев
Премиерот Зоран Заев

Опозицијата ја чека оставка на Заев денеска во Парламентот, во спротивно најави дека ќе гласа недоверба на Владата. Роковите течат, а која опција ќе стане реалност, зависи од Заев. Во секој случај, според аналитичари, излезот од политичката криза се предвремени парламентарни избори.

Гласање за недоверба на Владата или констатирање на оставката на премиерот Зоран Заев. Извесно е дека во Парламентот едно од овие прашања ќе се најде на седница по ултиматумот кој го упати лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Доколку Заев не ја поднесе оставката до законодавниот дом, опозициската партија најави дека денеска ќе побара интерпелација на Владата, а седницата треба да биде закажана најдоцна во четврток.

Според Деловникот на Собранието, седницата се одржува третиот ден од денот на поставувањето на прашањето за доверба на Владата,

„Рокот за седницата почнува да тече наредниот ден од денот на поставувањето на прашањето за доверба на Владата“, а „Собранието гласа за недоверба на Владата по истекот на третиот ден од денот на поставувањето на прашањето за доверба“, се наведува во Деловникот.

Ако на Владата и е изгласана недоверба, претседателот на Владата до Собранието поднесува оставка во рок од 24 часа од изгласувањето на недовербата. За изгласаната недоверба на Владата и за поднесената оставка, претседателот на Собранието веднаш го известува претседателот на Републиката.

Заев на 31 октомври поднесе оставка од функцијата премиер и лидер на СДСМ поради поразот на владејачката партија на локалните избори. Но, неговата оставка се уште не е стигната до Парламентот.

Мицкоски тврди дека има мнозинство од 61 пратеник за уривање на Владата заедно со пратениците на Алијанса за Албанците, Алтернатива, Беса и Левица. За формирање на ново парламентарно мнозинство Мицкоски рече дека треба да се оди постепено.

„Ајде, прво, да се качиме на првата скала. Да ја завршиме најпрво првата работа, а потоа има процедури, закони и Устав кои треба да се почитуваат. Тоа не зависи понатаму од нас, зависи од тој што треба да го почитува Уставот. Мандат се дава на мнозинство“, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

ВМРО-ДПМНЕ има 40 пратеници. Од традиционалните партнери на опозициската партија е и пратеникот Иван Стоиљковиќ од Демократската партија на Србите и двајцата пратеници од Социјалистичката партија, како и еден пратеник од ГРОМ. Заедно тие бројат 44 пратеници. Алијанса за Албанците има 8 пратеници, а нејзиниот коалиционен партнер Алтернатива 4. Додека пак Левица има 2 пратеника. Беса пак има 3 пратеници.

Заев ќе почека процедурата која ја покрена опозицијата, која тврди дека има мнозинство да се процесуира докрај, вели политичкиот аналитичар Џељал Незери.

„Ако се гласа недоверба на Владата тогаш нели Владата е обврзана да даде оставка и после оваа оставка политичките партии би требало да се одлучат по кој пат ќе тргнат. Ако се одлучат а одат на предвремени избори тогаш ќе треба Собранието да се распушти и да се договори датум за тие предвремени избори. Ако се оди по пат на формирање на нова Влада тогаш претседателот на државата би требало да го довери мандатот на партијата која на последните парламентарни избори освоила најмногу пратеници, тс. СДСМ која би имала 20 дена рок за да состави Влада и мнозинство. Ако не успее во тоа после 20 дена тој мандат би се дал на втората партија, тс. ВМРО-ДПМНЕ. Ако и двете партии не успеат да формираат Влада, да создадат мнозинство во Собранието тогаш предвремените парламентарни избори се неминовни“, вели Незири.

Доколку пак Заев во меѓувреме донесе одлука да ја поднесе оставката, согласно Деловникот, Собранието на првата наредна седница, без претрес, констатира дека на претседателот на Владата, на Владата или на член на Владата, мандатот им престанува на денот на одржувањето на седницата.

Незири очекува наредната година да се одржат предвремени избори.

„Легитимитетот за владеење на политичките партии се дава на парламентарни избори, на директни избори кои се случија во 2020 година каде СДСМ, ДУИ и останатите партии фактички добија легитимитет да ја водат државата, но, последните локални избори покажаа голем пад на СДСМ и тој пад го стави под знак прашалник тој легитимитет. Затоа мислам дека предвремените избори се неизбежна врата за излез од оваа политичка криза„, додава Незири.

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети најави дека партијата е отворена за разговори со сите кои се про ЕУ и НАТО, но нема комуникација, ниту ќе има со оние што негуваат анти НАТО, анти ЕУ и анти албанска филозофија. Демократски е, смета Ахмети, некој да има мнозинство од 61 пратеник, но сосема друго е стратегија, концепт и иницијатива. На новинарско прашање дали е точно дека пратеници од ДУИ ќе го зголемат мнозинството на Христијан Мицкоски, Ахмети рече дека тоа се лажни вести и дека ДУИ е комплетна.

По средбата на Централниот одбор на ДУИ, министерот за надворешни работи и портпарол на партијата Бујар Османи информираше дека го овластиле Ахмети сам да носи одлуки. И Османи рече дека Ахмети ќе разговара со сите партии освен со, како што нагласи деструктивните партии, додавајќи дека сите опции се на маса со сите конструктивни сили во државата.

„Тоа се партии кои се програмски определени против стратешките интереси на граѓаните и државата бидејќи сметаме дека тоа е волја на граѓаните и волја на нашите сојузници и интерес на државата таквите комбинаторики да не бидат дел од било кое планирање. Инаку ќе продолжиме со сите партии, да анализираме и дискутираме. Овластен е да донесе одлука, имајќи во предвид на ДУИ како едно сидро. Граѓаните да бидат мирни, Ахмети ќе ја донесе правилната одлука“, истакна портпаролот.

ДУИ која е дел од владејачката коалиција со СДСМ има 15 пратеници.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG