Достапни линкови

Владината коалиција тврди - парламентарното мнозинство стабилно


Средба на претставници на коалиционите партнери во Владата

На денешната средба коалиционите партнери во Владата се изјасниле дека се против ново владејачко мнозинство и предвремени параламентарни избори по оставката на премиерот Заев. Кога Заев ќе ја поднесе оставката до Собранието и кој ќе биде негов наследник се уште не е познато.

Против формирање на ново парламентарно мнозинство и предвремени парламентарни избори се изјаснија коалиционите партнери во Владата. По поразот на СДСМ на локалните избори премиерот Зоран Заев изјави дека донел одлука да се повлече од премиерската функција, како и од лидерската позиција во СДСМ. Тој денеска во Владата имаше средба со претставници на коалиционите партнери. Кога Заев ќе ја поднесе оставката до Собранието и кој ќе биде негов наследник се уште не е познато.

Од Владата по средбата соопштија дека сите партнери од парламентарното мнозинство кои биле присутни на средбата и изразиле поддршка на Владата од ова парламентарно мнозинство.

„Парламентарното мнозинство е стабилно и одговорно кон иднината на државата и народот. Заеднички се констатираше дека на Северна Македонија и на граѓаните на земјата не и се потребни предвремени парламентарни избори и дека такви избори единствено би ја втурнале земјата во политичка, економска, општествена и безбедносна криза, но ,исто така, ќе ги закочат и процесите на европски интеграции на Северна Македонија“, се наведува во соопштението на Владата.

Првиот вицепремиер Артан Груби од редовите на ДУИ по средбата изјави дека оставката што ја понудил Заев била избрзана и дека тој треба да се продолжи со предводењето на владата и на политиките, оти тоа го очекуваат граѓаните.

„Немаше ниту еден сомнеж од ниту еден од присутните на состанокот во Влада во однос на парламентарното мнозинство во земјата, а сите се и против оставката на премиерот Зоран Заев“, рече Груби.

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети не присуствувал на состанокот, тој, како што рече Груби, славел во Кичево за победата на партијата на изборите. Груби вели дека само оваа влада може да го реши спорот со Софија и да ги отвори преговорите со ЕУ и да ги негува меѓуетничките односи.

„Не смееме да си дозволиме авантури во овие кршливи времиња не само за нашата земја, туку и за целиот регион“, рече Груби.
Аријанит Хоџа од Беса, кој е и актуелен министер во владата предводена од Заев рече дека едногласно сите биле против предвремени избори. Тој додаде дека Владата добила мандат во 2020. Според него, легитимитетот што извира од изборите лани е доволен да продолжи ова мнозинство.

„Мнозинството е стабилно, какви било процеси кои би воделе кон предвремени избори би биле многу тешки и проблематични за економската ситуација, за социјалната и за безбедносната состојба, изјави Хоџа.

Што по оставката на Заев?
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:08 0:00

Пред средбата со Заев и помалите коалициони партнери во Владата, лидерите на НСД ДПА, ДОМ, ЛДП и излегоа со сличен став.

Лидерот на ДПА, Мендух Тачи изјави дека неговата партија останува дел од владејачката коалиција и не гледа никаква причина нешто драматично да се случи.

„Беа локални избори. Ако сакат да зборуваат за легитимитет на Влада, оваа влада и на овие избори има легитимитет. Апсолутно има многу повеќе гласови од опозицијата“, рече Тачи.

Претседателот на НСДП Петковски Тито Петковски изјави дека не треба да има предвремени парламентарни избори, туку дека актуелната Влада треба да продолжи со работа. НСДП, како што дополни тој, останува дел од парламентарното мнозинство.

И ДОМ и ЛДП остануваат дел од парламентарното мнозинство и не се за одржување на предвремени избори. Овие две партии во коалиција настапија самостојно на локалните избори, односно не беа дел од коалицијата предводена од СДСМ.

Претседателката на ДОМ, Маја Морачанин изјави дека на Македонија и е потребна стабилност, бидејќи се соочуваме со енергетска криза и се уште трае ковид пандемијата.Прашана дали би биле дел од друго парламентарно мнозинство, Морачанин со став дека ниту имале такви преговори, ниту пак дека тоа е нивна идеја.

Коалицијата „Можеме“ која е предводена од СДСМ, е сочинета и од Беса, НСДП, ЛДП, ДОМ, Демократски сојуз, ВМРО-НП, Партија на пензионери, Српска странка во Македонија и Партија за движење на Турците и Демократска партија на Турците. Заедно со ДУИ и ДПА коалицијата има 62 пратеника и мнозинство во Собранието.

ВМРО-ДПМНЕ, пак, има 40 пратеници. Од традиционалните партнери на опозициската партија е и пратеникот Иван Стоиљковиќ од Демократската партија на Србите и двајцата пратеници од Социјалистичката партија, како и еден пратеник од ГРОМ. Заедно тие бројат 44 пратеници. Алијанса за Албанците има 8 пратеници, а нејзиниот коалиционен партнер Алтернатива 4. Додека пак Левица има 2 пратеника.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG