Достапни линкови

Мицкоски чека оставка од Заев, а СДСМ дали тој ќе формира нова влада


Архивска фотографија- претседателите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ Христијан Мицкоски и Зоран Заев на лидреска средба
Архивска фотографија- претседателите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ Христијан Мицкоски и Зоран Заев на лидреска средба

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски најави дека собраното мнозинство е за паѓање на Владата, а ќе направи обид за формирање нова. Од СДСМ чекаат да видат дали ќе се формира нова влада. Опозицијата ја чека оставка на Заев во понеделник, во спротивно ќе гласаат недоверба на Владата.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска на прес конференција во партиското седиште рече дека новото парламентарно мнозинство кое го објави вчера значи дека оваа влада на Зоран Заев паѓа. Нагласи дека мнозинството е обезбедено за да падне оваа Влада и оти ќе се обиде да формира политичка влада.

„Тоа значи дека во периодот што следи ќе се обидам, повторувам, ќе се обидам да формирам нова влада и тоа ќе се случи само доколу бидам сигурен дека тоа ќе биде влада на сериозен кредибилитет, влада со силни институции кои ќе гарантираат стабилност, нова енергија и ефикасност во реформите и проблемите кои следат. Доколку не се постигне оваа цел кон која се стремам и не обезбедам потполна ефикасност на владата, тогаш она што ни преостанува како единствена опција се брзи предвремени парламентарни избори“, рече Мицкоски.

Тој од говорницата неколкупати ги покажа листовите на кои како што рече се потпишани 61 пратеник. Тврди дека имале притисоци.
„Од она што јас знам е дека уште во текот на вчерашниот ден се прават жестоки притисоци врз луѓето кои се потпишани овде своерачно. Познавајќи ги методите на власта, се е можно“, рече Мицкоски.

Новото парламентарно мнозинство, додаде тој, подразбира заеднички блок составен од Коалицијата за „Oбнова на Македонија“ која ја предводи ВМРО-ДПМНЕ, коалицијата Алијанса на Албанците и Алтернатива, политичката партија Левица и Движењето Беса.

СДСМ-ќе видиме дали ќе има нова влада

Од СДСМ, пак, преку писмено соопштение оценија дека не можело тие кои ги кочеле „сите прогресивни процеси, интерграцијата во НАТО и ЕУ, порастот на платите“ да бидат опција за иднината.

„Ќе видиме деновиве дали ќе се избере нова анти-демократска, анти-Преспа, анти-НАТО и анти-ЕУ Влада, дали Мицкоски има капацитет и одговорност. Ги повикуваме на соработка и одговорно застанување на страната на демократската опција сите прогресивни демократски сили и сите пратеници кои се за европска иднина на нашата држава, за правда и економскиот напредок“, наведуваат од СДСМ.

Но, во меѓувреме медиуми на албански јазик јавуваат дека некои пратеници би можело да ги повлечат потписите. Портали јавуваат дека пратеникот од Алтернатива, Скендер Реџепи нема да поддржи мнозинство со Левица во Собранието поради анти-НАТО, анти-ЕУ, анти-американска политика и поради тоа што се против Договорите од Охрид и од Преспа. За ова нема потврда од Реџепи, ниту пак од Алтернатива.

Телевизијата 21, пак, јави дека еден од 12 пратеници на Алтернатива и Алијанса за Албанците со кого разговарале се очекува да го повлече својот потпис од „новото мнозинство“, поради позициите на Левица. Пратеникот е неименуван, па не се знае дали се работи за истиот од Алтернатива за кој јавуваат и други портали.

Инаку вчера беше објавено дека ВМРО-ДПМНЕ формира мнозинство од 61 пратеник. Најголемата опозициска партија има 44 пратеници, Алијанса за Албанците и Алтернатива имаат 12, Левица двајца и Беса тројца.

Коалицијата на СДСМ со која досега владееше броеше 62 пратеници- 46 пратеници од коалицијата Можеме предводена од СДСМ, 15 од ДУИ и еден од ДПА. На листата на Можеме предводена од СДСМ се 31 пратеник кои се членови на социјалдемократскиот сојуз, тројца од Беса , по двајца имаат НСДП и ЛДП, еден независен и по еден од ДОМ, Демократски сојуз, ВМРО-НП, Партија на пензионери, Српска странка во Македонија Партија за движење на Турците и Демократска партија на Турците.

Потегот на Беса, која на ланските парламентарни избори настапи на заедничка листа со СДСМ, вчера го навести министерот за земјоделство Аријанит Хоџа.

„Желино, во кое се роди една партија (како движењето БЕСА), може да биде и Желино кое растура една Влада“, објави тој на социјалната мрежа.

До ова дојде откако ДУИ до Државната изборна комисија испрати два приговора за избирачки места во Желино во кое разликата е 69 гласа во полза на кандидатот на Беса Блјерим Сејди.

Ахмети- комуницираме со партнерите

Лидерот на ДУИ Али Ахмети по ваквиот развој на настаните наведе дека е во постојана комуникација со сите политички партии освен со оние кои се против Охридскиот договор и евроатлантската иднина на земјата, со цел менаџирање на состојбата создадена по оставката на премиерот и лидер на коалицискиот партнер СДСМ Зоран Заев.

„Состојбата создадена со оставката на премиерот ја менаџираме преку интензивен контакт со сите страни со исклучок на тие кои ги негираат Охридскиот, Преспанскиот и Договорот за доброседство, НАТО, ЕУ, Република Косово и албанскиот јазик. Исто така, за актуелните случувања во контакт и кординација сум со нашите стратешки партнери, САД, НАТО и ЕУ. Нема да постапуваме ниту со емоција , ниту со еуфорија“, пишува Ахмети на фејсбук статусот по објавата на ВМРО-ДПМНЕ дека има ново парламентарно мнозинство.

Претседателот на ДПА Мендух Тачи, чија партија со еден пратеник е дел од мнозинството на СДСМ кое го сочинуваа 62 пратеници, денеска оцени дека новото парламентарно мнозинство е „голем театар“.

„Ова е уште еден голем театар на тие што реално немаат моќ да ги предводат политичките процеси во државава. Вчерашните актери што ги видовме на фотографијата со Мицкоски само му ги местат коцките на Заев. Можеби несвесно, но му прават платформа за негов камбек. Следната влада ќе биде на чело со Заев“, изјави Тачи за „Слободен печат“.

Заев најави оставка од премиерската и партиската функција по неделните локални избори на кои победи ВМРО-ДПМНЕ. Оставката се уште не е стигната во Собранието. Мицкоски најави дека во понеделник ја чекаат, а ако тоа не се случи ќе почнат процедура за гласање недоверба на владата.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG