Достапни линкови

Ја нема оставката на Заев во Парламентот, нема ни ново мнозинство


Средба на претставници на коалиционите партнери во Владата

Се уште не се знае кога премиерот Зоран Заев ќе ја достави најавената оставка во Собранието. Коалициските партнери дадоа поддршка на владиното мнозинство, но истовремено опозицијата е потивка дека направи ново. Тоа беше маркетиншки трик до изборите, оценува аналитичарот Алберт Муслиу.

Владините коалициски партнери по средбата со премиерот Зоран Заев кој веќе ја најави оставката јавно потврдија дека остануваат во владиното мнозинство и дека се против најавената оставка на првиот човек на Владата, што би значело дека нема промени во владиното мнозинство од пратеници.

Она што засега не се знае е кога премиерот Заев планира да ја достави оставката до Собранието која ја вети по поразот на локалните избори во неделата. Од владата на прашањето на РСЕ дали има временска рамка кога би се случило тоа не дадода одговор.

Но, истовремено, опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која е победник на локалните избори, се чини поумерена сега за можноста за ново мнозинство или, пак, за предвремени избори отколку минатите месеци.

На пример, од почетокот на годинава партискиот претседател Христијан Мицкоски и неговиот заменик Александар Николоски често тврдеа дека наскоро ќе направат ново парламентарно мнозинство со помалите коалициони партнери на СДСМ. Во март на изненадно свикана собраниска седница Заев побара да се гласа за доверба на владата за да се потврди дека имаат мнозинство и да запреле шпекулациите. Гласаа сите 62 пратеници.

Тактизира ли и ВМРО-ДПМНЕ?

Според аналитичарот Алберт Муслиу од Асоцијацијата за демократски иницијативи, ВМРО-ДПМНЕ најавите за ново владино мнозинство ги користеле како маркетиншки трик до изборите, но од друга страна, додава тој, на опозициската партија сега не и одговара да дојде на власт.

„Не очекуваат тешки моменти во идните неколку месеци. Можно е одржување на првата меѓувладина конференција со ЕУ, претпоставената енергетска криза, инфлацијата, сите се тие прашања кои може дополнително да му наштетат на мнозинството, а да бидат од полза на опозицијата. И прекројувањето на владиното мнозинство би имало негативен ефект за сегашната опозиција оти тие кои ќе прават трансфери сигурно ќе им наштетат на резултатите на следните избори“, вели Муслиу.

Инаку во февруари годинава Мицкоски инсистираше и на предвремени парламентарни избори, час поскоро, а терминот кој го наведуваше беа заедно со локалните избори.

Сега, откако завршија локалните избори со повеќе освоени градоначалници за ВМРО-ДПМНЕ и премиер со најавена оставка, Мицкоски вели дека „за ново мнозинство времето ќе одговори на многу работи“, а дека „најдобро би било тоа да биде преку предвремени избори“ без да инсистира конкретно кога би се одржале.

Можни избори напролет?

Владимир Божиновски од Институтот за политички истражувања Скопје вели дека на опозицијата поради изборниот резултат и одговараат брзи избори сега, но дека тие не би можело да се случат до пролет идната година. Тој вели дека за да се зборува за избори треба да се почека да се види што ќе се случува со оставката на Заев, со новото мнозинство, со енергетската криза и со други теми.

„Мислам дека предвремени избори пред мај или јуни не се можни. Кога ќе правиме избори, во зима? Сега е ноември, еве и да се договорат да има, прво треба да поминат сто дена за техничката влада, а избори не може да се организираат во февруари. Значи не можеме да зборуваме за некакви повлекувања кога станува збор за одложување за месец-два“, вели Божиновски.

Инаку и во последните денешни соопштенија и пресови од ВМРО-ДПМНЕ се прашува до каде е оставката на Заев но не се бараат нови избори ниту пак се споменува ново мнозинство.

„ Зоран Заев повторно блефираше и остана на фејсбук оставка, но не ја достави со допис до Парламентот. Оттука се гледа дека оставката на Заев е иста како и оставката на Филипче, ја поднесе за да не биде прифатена и потоа да одбегне одговорност“, рече членот на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Драган Ковачки.

Заев си даде оставка во неделата по изборниот пораз, а вчера во владата се сретна со коалиционите партнери. Претставници на ДУИ, ДПА, Беса, НСДП, ДПА, ДОМ, ЛДП, ДС и други помали партнери искажаа став дека владиното мнозинство е стабилно.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG