Достапни линкови

Онлајн, офлајн или со одложување - како да почне второто полугодие?


Илустративна фотографија/ Настава под КОВИД-19 протоколи
Илустративна фотографија/ Настава под КОВИД-19 протоколи

Брзиот раст на новозаразени со омикрон ги загрижи наставниците и родителите, па се погласни стануваат барањата за одложување на старотот на второто полугодие или воведување онлајн настава. Мислењата се поделени, а влогот голем.

Маријан Лековски се надева дека второто полугодие од школската година неговата ќерка ќе го почне со физичко присуство во училница. Со оглед на достапноста на вакцините, но и тоа што многумина веќе го прележаа КОВИД - 19, мисли дека нема да има потреба повторно да се воведува онлајн наставата. Појаснува дека искуството од лани им покажало дека онлајн, не може да биде замена за настава во клупа.

„Според мене, наставата директно со учителот е она најдоброто што може да го добијат. И они (децата) се оптеретени психички, со тоа што ако седат дома и одржуваат настава, ние немаме услови какви што имаат некои развиени земји. Тоа и самите родители го увидовме“, вели Лековски.

Светла точка за него е тоа што децата полесно ја минуваат болеста.

„Мислам дека се покажа дека дечињата знаат да фатат од оваа болест што не нападна овие две години, но досега немало некој голем процент на заразени дечиња кои имале проблем, и дека може да ја посетуваат наставата со физичко присуство без никаков проблем. Значи моето видување и мојата одлука ќе биде моето дете да има физичко присуство на училиште и да продолжи со второто полугодие во училишна клупа“, додава родителот.

Фејсбук група ЗА онлајн настава

И Ана Глигорова е родител на дете на училишна возраст, но и гласноговорник на Фејсбук групата „Поддршка на онлајн настава“ со која пред неколку дена побараа институциите да донесат одлука за второто полугодие да започне со онлајн настава за сите ученици. Глигорова е загрижена од брзиот раст на новозаразени со КОВИД-19, и смета дека ова е вистинската одлука.

„Комисијата за заразни болести, заедно со Министерството за здравство и Владата треба да донесат правилна одлука во контекст на тоа што имаме многу висок број на позитивни, кој најверојатно во наредните 2-3 недели ќе расте“, вели таа.

Сепак, свесна е дека мислењата се многу поделени, па затоа вели дека најмалку што може надлежните да направат, е да им дозволат од дома да учат на децата кои имаат потреба од тоа. Потсетува дека и во првото полугодие, со владина одлука им беше дозволено на учениците кои имаат потреба наставата да ја следат онлајн. Сепак, забележува, во пракса, ова право не било секогаш почитувано.

„Постојат доста луѓе кои сакаат онлајн, значи треба да се почитуваат тие луге, а не да се притискаат по секоја цена со физичко присуство да го праќаат детето, затоа што имаме и таква дискриминација“, укажува Глигорова која додава дека и во второто полугодие нејзиното дете настава ќе следи онлајн, поради загрижувачката состојба со омикрон.

Наставниците со свои предлози и мислења

И наставниците пред второто полугодие се наоѓаат пред нов предизвик, да се предава пред ученици, или пред компјутер. Томислав Гиевски, професор по географија и претседател на Независниот синдикат за образование и култура вели дека за ова разговарале и на ниво на синдикат. Нивниот предлог е да се префрлат учениците на онлајн настава во најладните месеци, или да се помести почетокот на второто полугодие во февуари, кога веќе почнува да затоплува, па и проветрувањето на училниците би било поредовно.

„Поради тоа, самата состојба каква е дојдена во моментов, со бројките од пандемијата, дефинитивно мора да се преземат повеќе радикални чекори, повеќе да се гледа на разумност. Ние сме тука за децата, постои можност и школската година да продолжи во потоплите денови, но сега така стојат работите дека мора да се преземат соодветни чекори. Ние како синдикат, апсолутно секогаш приоритет ни е здравјето на вработените, на лицата коишто ги претставуваме, но тука е и онаа морална одговорност на наставникот дека треба да го штити здравјето на учениците“, вели Гиевски.

Со оглед на тоа што сè уште не е формирана новата влада, вели дека ќе почекаат да биде назначен новиот министер за образование, по што веднаш планираат да му ги испратат нивните предлози.

За Влатко Секуловски, наставник по англиски јазик во училиштето во Долнени, важно е да се има на ум дека има разлика ва бројноста на учениците во урбаните и руралните средини. Кај нив појаснува дека класовите се мали, па оттука и можноста за ширење на вирусот е драстично намалена.

„Во паралелките во кои јас работам од почетокот на годината немаше голем број позитивни лица и воопшто настинки немаше затоа што маски носеа сите редовно. Во однос на тоа дали во второто полугодие наставата треба да биде со физичко присуство, или онлајн, мое мислење е дека е подобро да биде со физичко присуство. Сепак мислам дека и во повеќето земји во Европа онлајн настава ќе се избегнува затоа што е поефективна наставата со физичко присуство“, вели Секуловски.

Што ќе одлучи новиот министер за образование?

Од Министерството за образование и наука досега не излегоа со конкретно известување за тоа како ќе продолжи наставата во второто полугодие. Според министерката за образование во заминување, Мила Царовска, најпосакувано сценарио е наставата да продолжи со физичко присуство. Другите две сценарија, кои беа разгледувани и на почетокот на оваа учебна година, се делумно физичко присуство или целосна онлајн-настава.

„Министерството за образование и наука е во постојана координација со Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести за начините и формите на функционирање на образовниот систем во период на пандемија. Тие ја преоценуваат состојбата и на располагање стојат другите сценарија“, изјави неодамна Царовска.

Претходно неделава се сретнаа и членовите на Комисијата за заразни болести. На средбата била разгледувана и евентуалната можност за промена на почетокот на второто полугодие, но било решено конечна одлука да биде донесена непосредно пред 20 јануари, кога почнува второто полугодие. Од Министерството за здравство информираа дека клучно ќе биде каква е епидемиолошката состојба во државата и одлуката за почетокот на второто полугодие од учебната година ќе биде усогласена и со Министерството за образование и наука.

Наставата во училиштата беше целосно прекината во март, 2020 година, со проширувањето на новиот коронавирус во земјава, по што беше воведена настава на далечина, онлајн или со следење на телевизија, до крајот на учебната година. Следната учебна 2020/2021 година започна со задоцнување од еден месец, на 1 октомври. Тогаш учениците до четврто одделение добија можност за следење настава во училница, додека останатите главно учеа од дома. Дури во септември, оваа учебна година најголем дел од учениците беа вратени во училишните клупи, под протоколи за држење настава.

Како што стои во протоколите, влезот во училиштето е дозволен само со задолжително користење на заштитнa маскa и дезинфекција на рацете за сите вработени и ученици во училиштето. За време на големиот одмор носењето на маски на отворен простор не е задолжително, но со почитување на потребното растојание меѓу учениците. Исто така, задолжително е мерење температура со бесконтактен топломер, како за наставниците, така и за учениците, а стојат и посебни одредби за одржувањето на хигиената во училиштата.

  • 16x9 Image

    Јасмина Јакимова

    Новинарската кариера ја започува во 2005 година. Работи како репортер во неколку македонски телевизии, за подоцна кариерата ја продолжува во онлајн медиумите на различни мултимедијални содржини. Добитничка е на неколку новинарски награди. Во декември 2021 година почнува да работи во Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG