Достапни линкови

Неделков – Потребни се пократки часови и подолги одмори во време на пандемијата


Неделков - Не може минималната плата да расте, а другите плати да стојат
please wait

No media source currently available

0:00 0:13:48 0:00

Неделков - Не може минималната плата да расте, а другите плати да стојат

Носењето маски цел ден е штетно и за учениците и за наставниците. Затоа предлагаме да се скратат часовите на 30 минути, а да се зголемат одморите за сите да може да излезат во училишниот двор и да ги наполнат белите дробови со свеж воздух, вели претседателот на Синдикатот за образование, наука и култура Јаким Неделков во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Господине Неделков, Комисијата за заштита од заразни болести во овој момент не препорачува промена на моделот на настава во училиштата, зашто согласно последните податоци степенот на заразност од ковид-19 се намалил за 40 проценти од почетокот на учебната година. Каков е ставот на просветните работници?

Ние немаме ниту причина, ниту право да се сомневаме во компетентноста на Комисијата за заразни болести и ги почитуваме нивните предлози, односно одлуки коишто ги доставува до владата во однос на безбедноста и здравјето на вработените во училиштата и секако за учениците.
Пред сè, нашиот став е да се изнајдат решенија кои ќе бидат погодни и за учениците и за вработените во училиштата со најмал ризик во однос на заболувања, односно ширење на вирусот. Од таа причина можеме да коментираме и за мерките, коишто ги предлага Комисијата за заштита од заразни болести, а Министерството за образование преку владата ги прифаќа, колку се тие издржани и колку се лесни или тешки за спроведување. Ги знаеме кои се протоколите, тој документ е јавен, го имаат сите училишта, се спроведува во најголем дел на училиштата, односно се спроведува онолку колку што е воопшто возможно.

Мерките ќе ги искоментираме, но сега ве прашувам конкретно, кој е вашиот став има ли потреба или не од промена на наставниот модел?

Генерално, мнозинството просветни работници сакаат, како и родителите, наставата да се изведува со физичко присуство. Тоа е добро за сите, и за родители и за ученици и за наставници од многу аспекти и доволно беше елаборирано во јавноста и навистина во тој поглед сите се согласуваме. Меѓутоа изведување на настава со ваков модел на физичко присуство е многу напорен и за наставниците и за учениците. Само еден пример ќе кажам во што е тоа напорно, прво носење на маска повеќе часа во текот на денот непрекинато е навистина не само напорно, туку сметам дека е и штетно, од аспект на тоа што учениците со самото влегување во училиште, до излегување од училиштето ги носат маските, меѓутоа да не заборавиме дека и наставните исто толку време поминуваат под маски, една или две макси некои наставници носат, што е исклучително тешко за изведување на настава, за дишење, за дишење на квалитетен воздух, без разлика дали се проветрува училницата или не, наставниците и учениците издишуваат јаглерод диоксид и истиот тој јаглерод диоксид повторно го дишат во своите бели дробови.


Дали тоа значи дека се согласувате со барањата со кои неодамна настапи Наставничкиот пленум за потребата до кратење на часовите од 40 на 30 минути, и сметате ли дека тоа ќе промени нешто во моменталната слика со оглед на тоа што барем засега наставата продолжува со физичко присуство?

На самиот почеток на учебната година, после првата недела, констатиравме и баравме до Министерството за образование да направи измена во овој дел, значи на 7 септември се обративме до МОН и рековме дека ваквиот начин на изведување на настава е штетен, напорен е и дека предлагаме да се скратат часовите на 30 минути, на сметка на тоа да се зголемат одморите, одморите да дозволуваат не само да се отиде во тоалет, туку и да се излезе во училишниот двор и белите дробови да се наполнат со свеж воздух, со кислород и повторно учениците да се вратат на настава, тоа би било олеснително и за наставниците и за учениците.

Во последниов период има доста реакции од родители на четвртоодделенци кои годинава, од овој септември, почнаа да учат според новата образовна реформа, односно учење од дигитални учебници. Како се спроведува оваа настава во училиштата, односно кои се проблемите со кои се соочуваат наставниците, и дали во овој момент има доволно таблети во училиштата и доволно смарт табли за беспрекорна реализација на овој проект, затоа што министерката за образование тврди дека таму каде што нема таблети, учениците може да побараат од училиштата.

Дефинитивно нема секаде и дефинитивно не се сите училишта опремени со смарт табли, со дигитална помагала. Од таа причина мора многу пореално да се пристапи кон овој проблем. Министерството за образование излегува со информации дека има обезбедено, ако не се лажам, 10 илјади електронски уреди кои ќе им помагаат на учениците, односно ќе бидат поделени по училиштата. Имаше информација дека една третина се поделени, а две третини од овие уреди не се поделени. Сега прашањето е од која причина не се делат имајќи податоци дека во најголем дел од училиштата во Република Македонија, особено во четврто одделение каде што дигитализацијата веќе е почната од оваа година немаме испратено електронски уреди, односно немаат учениците добиено и веќе тука е многу сериозно прашањето дали податоците од Министерството за образование се вистинити. Сепак и локалната самоуправа има надлежности во овој дел на образованието, локалната самоуправа мора да соработува со МОН, евентуалните проблеми што ги има за реализација на наставата, мораат овие институции да го надминат.

Пред две години, учебната година ја почнавте со предупредувачки штрајк и баравте зголемување на платите во образованието. Баравте плата достојна на професијата на просветните работници. Дали од денешната гледна точка сте задоволни од зголемувањето на платите?

Апсолутно не. Тоа што беше пред две и повеќе години не е исто што и денес. Сите знаеме колкави беа цените на основните прехранбени производи пред две години, а колкави се денес. Колегите од еден друг синдикат секој месец соопштуваат колкава е потрошувачката кошничка во Македонија и за колку е зголемена во однос на претходниот месец и претходната година. Од таа причина морам да кажам дека вработените во дејноста образование, наука и култура, особено сега зборуваме за вработените во образованието, не се задоволни од порастот на платите и дефинитивно просветните работници заслужуваат многу повеќе.

Во тој период баравме 25 проценти, кумулативно добивме 22 проценти. Тоа беше задоволително и практично ние, по формулата, колку се зголеми минималната плата на национално ниво, за толку проценти за тие три години наназад се зголеми платата. Меѓутоа од тогаш до денес платата не е зголемена, се разбира, не е за оправдување, но мораме да ја споменеме и економската ситуација и пандемијата, но проблемот е многу подлабок и не е така едноставен. Тој треба да се реши и ќе мора конечно од наредната фискална година да почне да се решава проблемот. Имено, се работи за усогласување на платите кои се исплаќаат според колективните договори со минималната плата на национално ниво. Согласно законот за минимална плата на национално ниво, секое поместување на минималната плата, која во овој момент е 15.200 денари, мора да предизвика корекции на сите плати во државата во однос на поместувањето на минималната плата. Ние сега имаме поместување на минималната плата нагоре, а останатите плати стојат на исто ниво. Сега имаме работни места кои се вреднуваат со различен коефициент на сложеност, а земаат иста плата. Тоа значи, ако почнеме од најниските работни позиции, од хигиеничар, па да одиме нагоре по вертикала според сложеност на работно место, во градинките имаме седум работни позиции што земаат иста плата. Тоа е спротивно на закон, спротивно на Устав, спротивно на колективен договор, меѓутоа ние од 2018 година ние многу гласно го изнесуваме овој проблем и кажуваме како да се надмине, но за жал немаме одговор од надлежните дека овој проблем брзо ќе се реши.

Целото интервју со претседателот на СОНК, Јаким Неделков, може да го погледнете во видео снимката на почетокот на текстот.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG