Достапни линкови

Онлајн на куб во 50 метри квадратни


илустрација

Учењето пред компјутер е вистински предизвик за семејствата во кои има двајца, тројца или повеќе ученици. Финансиските трошоци за компјутери се само дел од нивните проблеми. Наставниците велат дека сочувствуваат со децата, а социолозите сметаат дека онлајн наставата ги покажа социјалните разлики

Пандемијата предизвикана од вирусот Ковид-19 наметна нови правила на игра во образованието, а онлајн наставата е дел од тој процес, вели стручната фела која веќе месец и половина функционира онлајн.

Но, за Ана Стојманова, мајка на три деца кои учат во оновното училиште „Браќа Миладиновци“ во Скопје, учењето на далечина воопшто не е едноставно. Во стан од педесеттина метри квадратни, со тројца ученици кои секој ден, во исто време имаат часови, речиси е невозможно да се функционира беспрекорно.

„Многу е тешко. Ние немаме услови, бидејќи за секое дете треба да се обезбеди простор и масичка за работа. Со три деца во исто време е многу потешко. Исто така најтешко е кога има испрашување во исто време, се мешаат гласови на деца, на наставници, се слуша галама. Сите три деца во исто време зборуваат и тогаш е многу тешко да се следи наставата“, раскажува Стојманова.

Финансискиот аспект е уште еден проблем кој Стојманова го истакнува како реален.

„Моравме да купиме нови таблети, лаптопот расипан, па моравме телефон да купиме за едното дете, интернет пакетот остана ист, ама се покажа дека не е доволно јак кога сите тројца имаат часови во исто време. Кога ќе се земе предвид дека живееме под кирија, сите овие финансиски трошоци ни паѓаат многу тешко, раскажува Стојманова.

Оваа мајка вели дека искуствата со наставниците се различни. Некои признава таа, имале емпатија за вакви случаи, додека други немале доволно разбирање доколку некое од децата има технички проблеми при следењето на наставата.

Наставникот Сатки Исмаили од основното училиште „Кирил и Методиј“ од Тетово вели дека има разбирање за семејствата кои имаат технички тешкотии со следењето настава.

„На таквите ученици им даваме можност после часовите кога ќе можат да се вклучат и да им објасниме тоа што го пропуштиле. Им даваме објаснување за тоа што сме учеле, што треба да напишат, што да научат. Се трудиме на таквите деца да им се најдеме максимално , да им помагаме и да бидеме толерантни зошто ова не е време кога треба да бараме високи критериуми, туку да им помогнеме на децата да стекнат знаења“, вели Исмаили.

Но, токму онлајн наставата која во моменотот е најдобрата алтернатива за да продолжи образовниот процес, според професорот по социологија Ѓорги Тоновски ги покажува на површина социјалните разлики меѓу богатите, средната класа и сиромашните.

Компјутерската ера се уште е ера на попривилигираните слоеви, бидејќи не секој од родителите може да си дозволи да купи добар компјутер, вели Тоновски и додава дека кај оние деца кои се надвор од образовниот процес поради неможноста да купат компјутер и да следат настава, може да се јават последици и горчина бидејќи тие не биле дел од сите други.

„Последици ќе има врз нивниот образовен процес, но и подлабоко, создавајќи им фрустрации и болка во смисла „јас немав, а другите имаа“. Мора да се разбере дека компјутерот во современото општество е она што бил моливот порано и затоа потребни се мерки односно начини за да се обезбеди секое семејство да има компјутер“, вели професор Тоновски.

Министерката за образование Мила Царовска деновиве изјави дека онлајн наставата се одвива успешно и дека во моментот над 90 проценти од учениците следат ваков тип на настава. Наставата со физичко присуство во училници се одвива за учениците до трето одделение, со однапред утврдени протоколи за спречување на ширењето на корона вирусот.

Упатствата за формирање оценки за првото тримесечие се веќе испратени до наставниците и директорите. Од ресорното министерство велат деа онаму каде што ќе има предизвик во формирањето на оценката за онлајн и следење настава на далечина, ученикот ќе може да се повика на индивидуална средба за поквалитетно потврдување на нивото на неговото знаење.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG