Достапни линкови

Различни оценки за досегашниот тек на учебна година


Илустрација Училиште.

Оценките за досегашната настава се различни. Со малку време за подготовка и доцнење во некои општини, училиштата се обидуваат да се прилагодат за реализација на наставниот план по пат на интернет, а во други општини нема проблеми.

Пандемијата со корона вирусот оваа школска година внесе брзи и неочекувани промени во образовниот систем ширум земјава што наметна прилагодување и ревизија на начинот на предавање и работа на учителите и наставниците.

Од први октомври кога почна школската година наставата главно се одвива онлајн, а наставниците и учениците различно оценуваат како засега фукционира образовниот систем.

Од Синдикатот за образование и наука (СОНЈК) велат различни се условите за настава со оглед на тоа што основното образование е децентрализирано. Првиот човек на СОНК Јаким Неделков вели дека во некои општини има училишта каде за жал допрва треба да се инсталираат оптички кабли или пак се обидуваат да распишат тендери за компјутери, но и дека има оштини каде нема проблеми.

„Секоја општина различно функционира во зависност од подготвеноста на општината, од интернет, од компјутери а туку се и родителите и нивниот социјален статус, колку можат на децата да им обезбедат лап топ, интернет или паметен телефон. Полека работите се ставаат во ред, но дел од проблемите не се надминати и во однос на поделбата на паралелки со физичко присуство што функционираат во однос на недостиг на наставници кои би пополнувале целодневна настава. Проблеми има и со нестабилен интернет", вели Неделков кој дополнува и дека градоначалниците требаше да сфатат оти тие се тие што треба да обезбедат инфраструктура. Според него, и Министерството за образование и наука (МОН) имаше грешки во однос на едукација и поставување платформа, но реално има пропусти и од општините.

„Сега со брзање и трчање се обидуваат да ги поправат, се надевам дека до крајот на месецов сликата ќе биде појасна" вели тој.

Филипче - Скопските училишта нема да добијат дозвола за настава во живо за повисоките одделенија

Најголем дел од учениците и наставниците комуницираат на далечина и тоа го остваруваат преку единствената национална платформа за онлајн-учење www.schools.mk. Двесте и шеесет илјади ученици и околу 25 илјади наставници од основните и средните училишта во земјава предвидено е да ја користат оваа национална платформа.

Министерството за образование и наука викендот пред почетокот на учебната година ја тестираше за нејзина оптимизација за да биде целосно функционална до 1 октомври.

Од СОНК велат дека тоа што МОН го има како национална платформа и програма треба да се спроведе, но оти основачи на училиштата се општините, и тие се надлежни за инфраструктурата и организирање на наставен кадар.

Јавноста беше сведок дека во некои општини дел од наставниците и учениците протестираа барајќи настава со физичко присуство и по зaпочнувањето на наставата во државава. Според СОНК, тие директно кажуваат дека немаат услови за онлајн настава и затоа бараат настава со физичко присуство. Оттаму наведуваат дека проблеми од овој тип има од Куманово до Струга каде во најголем дел беа и протестите, додека во Скопје наставата се одвива без проблеми со исклучок на една општина каде има пријави за прекини на интернет конекцијата.

Од Сојузот на средношколци велат дека во моментов го мониторираат процесот на онлајн настава и потоа планираат да предложат свои решенија како да се подобри националната платформа.

"Имаме лоша опрема за далечинско учење зашто многу средни училишта имаат лоша интернет конекција и тешко е да се следи настава кога професорот има лоша конекција на интернет", вели Бленди Ходаи, претседател на Сојузот на средношколци.

Кратките обуки за едукација на наставниците не се мал проблем

Што се однесува на предности на учењето на далечина од Сојузот на средношколци велат дека може да се каже оти дигиталниот простор е простор на учениците, нивно природно опкружување во кое тие добро се чувствуваат, но оти тоа не се однесува и на сите наставници. Ова воопшто не е мал проблем, вели Ходаи, додавајќи дека тоа е последица на краткотрајните обуки што ги имаа наставниците за користење на националната платформа.

„Има повеќе професори и наставници кои имаат проблеми со вештините со интернет и како да ја користат платформата. Тоа е проблем затоа што една недела имаа обука да ги научат. Имаме информации дека има и наставници кои уште не знаат како да влезат во платформата. Обуката за наставниците треба да продолжи зашто кога зборуваме за дигитализација учениците се неколку чекори понапред од наставниците", вели претседателот на Сојузот на средношколци Бленди Ходаи.

Јаким Неделков од СОНК додава дека исто така технологиите беа недоволно користени во изминатите години во образовниот систем и дека и учениците паметните телефони и копјутерите ги користеа за игри а не за образовни цели.
Ние со години имаме податоци од истражувања кои покажуваат дека кај нас има дигитална неписменост. Во таа смисла никому не му е лесно моментално, зашто и наставниците без поголема претходна подготовка дојдоа во ситуација да ја користат технологијата на нов начин. Сепак, Неделков мисли дека оваа ситуација исто е можност тие да ја унапредат својата дигитална писменост.

„Проблеми има со евентуално послаба едукација на наставниците која траеше три дена за секој наставник. Кој наставник сфатил- сфатил, кој не сфатил наидува на потешкотии и бара помош од колегите да му помогнат", вели Неделков.

Поаѓајќи од уверувањето дека квалитетот на работата на учителите и наставниците е еден од клучните фактори за квалитетот на образованието, од Сојузот на средношколци додаваат дека нивната улога и одговорност во изменетото општество бара поинаков пристап во наставната работа.

Како и да е, веќе две недели учениците до трето одделение, освен оние чии родители не се согласиле, наставата ја следат со присуство во клупите.

Сепак, најголем дел од учениците и наставниците комуницираат на далечина.
Децата кои немаат ИТ- уреди во домашни услови, а според МОН, станува збор за околу 40 илјади ученици, има алтернатива за следење на наставата. Од Сојузот на средношколци велат дека во наредните денови очекуваат да имаат и повеќе информации за тоа што прават овие 40 илјади ученици кои немаат лап топ и дали го имаат истиот квалитет на учење како тие што имаат дигитална опрема.

Според владиниот план, за овие ученици се организира настава со физичко присуство во училиште, доколку тоа има дозвола. Ако нема согласност за нив, треба да бидат обезбедени печатени материјали кои наставниците ќе им ги доставуваат на родителите. За овие деца се емитуваат и видеа од наставен час на Македонската радио-телевизија.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG