Достапни линкови

Од „нема правда, нема мир“ остана само мир


Демонстранти од Шарената револуција, Скопје
Демонстранти од Шарената револуција, Скопје

Во изминативе години, многу политичари седнаа на обвинително столче во скопскиот Кривичен суд, некои беа и во притвор, а некои побегнаа од земјава. Основното прашање кое се наметнува е дали денеска по толку години од протестите под паролата „Нема правда, нема мир“ правдата стана достижна?

Поминаа речиси 6 години откако демонстрантите со паролата „Нема правда, нема мир“ излегоа на скопските улици. Илјадниците граѓани кои со месеци протестираа по улиците ги поттикнаа граѓаните да се вклучат во политичките и општествените процеси. Шарената револуција е протестно движење кое започна како резултат на одлуката на претседателот Ѓорге Иванов да прогласи аболиција за сите осомничени и обвинети политичари во истрагата за незаконското прислушкување.

Во изминативе години, многу политичари седнаа на обвинително столче во скопскиот Кривичен суд, некои беа и во притвор, а некои побегнаа од земјава, меѓу кои и екс премиерот Никола Груевски. Клучниот актер во аферата прислушување поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразунавање со гаранција од 11 милиони евра и неколку неправосилни пресуди излезе од притвор, и за другите незавршени предмети ќе може да се брани од слобода. Во меѓувреме и осомничениот бизнисмен Орце Камчев кој беше во притвор неколку месеци за предметот „Плацевите на Водно“ по одлуката на Апелацискиот суд излезе од притвор со понудена гаранција во вредност од 11 милиони евра.

Новогодишните и божиќни празници освен Камчев и Мијалков, на слобода со семејството ги помина и осудената поранешна шефица на Специјалното јавно обвинителство Катица Јанева, која одлежа една третина од казната во затвор. Таа беше осудена за примање награда за противзаконски влијание во предметот „Рекет“ заедно со сопственикот на 1ТВ Бојан Јовановски - познат како Боки 13.

Дел од поранешните политичари од ВМРО-ДПМНЕ се во затвор поради делата кои произлегоа од незаконски снимените разговори. Дел ја чекаат правосилноста на судските одлуки. Основното прашање кое се наметнува е дали денеска по толку години правдата стана достижна?

За актерката Симона Спировска која беше во првите редови на демонстрантите кои ги „боеја “ фасадите на македонските институции денеска „правда нема “.

„Па Стевче е градоначалник на Карпош, мислам дека нема правда. Стевче е еден од тие коишто требаше да одговараат. Тој човек денеска е градоначалник на Карпош“, вели Спировска во интервју за Радио Слободна Европа кое вo целост ќе биде објавено в недела.

Градоначалникот на општина Карпош Стевчо Јакимовски е обвинет за злоупотреба на службена должност и бесправно градење. Тој е обвинет дека во периодот од 2011-2017 година кога беше градоначалник повеќе пати извршил злоупотреби при јавни набавки за општината, незаконска легализација на времени објекти од деловен карактер и приватизација на градежно земјиште сопственост на државата.

Според Симоновска проблемот е што во изминативе неколку години не се воспостави во целост нов систем со кој требаше да се дојде до долго очекуваната и посакувана правда. Таа објаснува дека во јавноста постојано се прикажуваа „дежурни виновници“ за да се прикријат другите одлуки на Судот, Парламентот или Владата.

„Во последниве години дежурен кривец беше Миле Јанакиевски, кој што се шета, од суд дома, од дома во притвор, од притвор во домашен притвор, во зависност од потребите“, вели Симоновска.

Поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиевски беше осуден во неколку предмети од поранешното СЈО, но и за делото „организатор на насилниот упад во Собранието “ на 27 април 2017 година. Неколку пати судот ја менуваше одлуката за притвор додека се чекаа судските одлуки за предметите во кои беше обвинет.

Еден од демонстрантите кој беше во првите редови од Шарената револуција, граѓански активист и поранешен пратеник Павле Богоевски вели дека малата ефекттуираност на санкциите во случаите на СЈО, спорите судски постапки, бегството на функционирите кои што со гонеа, сомнителните судски одлуки и случајот Рекет во целина, фрлаат преголеми дамки врз каузата на Шарената револуција, за да може сега да се каже дека борбата против криминалот е постигната. Според Богоевски, кој си поднесе оставка од пратеничката функција во 2019 година поради незаконски снимено аудио, има уште многу работа до постигнување на целта, расчистување со криминалот. На прашањето дали сега има правда, Богоевски вели дека се работи на тоа.

„Правдата не може никогаш до крај да се постигне, но потрагата по правда никогаш не треба да запре. Тоа е проблемот, што од време на време се добива чуство дека потргата по правда е запрена“, вели Богоевски.

Какви промени во општеството донесе Шарената револуција?

Барањата за правда беа само дел од протестите кои станаа масовни на 12 април 2016 година откако тогашниот македонски претседател Ѓорге Иванов прогласи аболиција за 56 лица осомничени за вмешаност во скандалот со прислушкувањето.

Неколку илјади луѓе излегоа на улиците на Скопје истата вечер, пробивајќи го полицискиот кордон и палејќи ја канцеларијата на Иванов во центарот на градот. Протестите продолжија и во следните месеци со зголемено темпо и масовност. На 15 април за првпат беше фрлена боја врз фасадата на Порта Македонија- што потоа стана препознатлив симбол на протестите.

Демонстрантите секој ден во шест го почнуваа протестот пред канцелариите на тогашното Специјално обвинителство во знак на поддршка на нивната работа. Но, тие бараа целосна промена на системот на владеење во земјава. Богоевски вели дека по протестите на Шарената револуција се смени ликот на државата.

„Прво режимот на Груевски е оддамна минато, човековите слободи и права, демократијата, меѓународните односи, евроатланските интеграции и владењето на правото се на ниво, на кое никогаш претходно не биле. Но, можеби најголемата придобивка од Шарената Револуција, која што не само што не запре по протестите, туку и денеска е посилна од кога било претходно е будењето на граѓанската свест“, вели тој.

Од друга страна Спировска како придобивки по Шарената револуција набројува неколку примери за промени во општеството како што се реализацијата на малите групни домови за деца без родители, потоа колективниот договор за култура, прогласување на Шар планина за национален парк по 70 години и законот за заштита од дискриминација. За нив таа вели дека тоа се само позитивни изблици и додава дека тие, како што вели, за жал не резултат на промена на системот каква што се очекувало.

„Се она што не се сменило на подобро, се сменило на полошо, бидејќи наследениот систем на корупција и неправда, ако не се промени на немање на корупција и правда, тогаш ќе се продлабочи и ќе стане полошо“, вели таа.

Според неа, клучниот проблем е што не се воспостави систем низ кој ќе може да се дојде до правдата.

Предвесник на Шарената револуција беа студентските протести во 2014 година, кои следната година прераснаа во таканаречана окупација на факултетите и улиците. Протестите продолжија со засилен интезитет во мај 2015 година кога тогашната опозициска СДСМ објави објави дел од прислушуваните разговори во кои можеше да се слушне како владини функционери разговараат за убиството на Мартин Нешковски и за тоа како да се прикаже во јавноста. Граѓанските протести доведоа и до жестоки судири со полицијата. Повеќе полицајци беа повредени, а десетици демонстранти беа приведени од полицијата. Граѓанското движење прерасна во опозициско кога на 17 мај 2015 година опозицијата предводена од СДСМ организираше голем протест пред платото на Владата во Скопје. Протестот беше поддржан и од повеќе студентски и граѓански организации кои дотогаш демонстрираа по разни поводи, како и од неколку албански партии.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG