Достапни линкови

Образованието и загубите во човечки капитал од ковид кризата


Илустративна фотографија - Ученици од Скопје. Според Светската банка, затворањето на училиштата предизвика понатамошни загуби на човечки капитал во земјите и ќе ги намали нивните економски можности на долг рок.

По првото полугодие од новата учебна година, тешко е да се каже колку е ефикасна онлајн наставата, бидејќи условите постојано се менуваат, оценуваат младински организации од земјава. Корона кризата влијае врз менталното здравје и е закана за човечкиот капитал на земјите, оценува Светската банка.

Учениците од основните и средните училишта ќе имаат сериозни последици од ковид кризата во однос на квалитетот на образованието, но и во поглед на обемот на материјал и содржини кои ги изучиле во првото полугодие од оваа школска година, вели Стефани Спировска – претседателка на Младинскиот образовен форум (МОФ).

Во услови на епидемија предизвикана од новиот коронавирус кога голем дел од младите наставата ја следат онлан, Спировска смета дека во моментов е тешко да се даде конкретна оценка за ефикасноста на учењето од дома, бидејќи како што вели, условите постојано се менуваат.

Според Спировска, главната слабост на учењето од дома е недостатокот на компјутерска опрема, особено во руралните средини каде има и ограничен пристап до интернет, но таа укажува и на потребата од континуирана обука на наставниците и професорите за ефикасно спроведување на онлајн наставата.

„Ние кон крајот на минатата академска година сѐ уште немавме синхронизиран начин на којшто се спроведува наставата. Оваа година започна синхронизирано, меѓутоа на почетокот имавме една бројка од 40 илјади ученици коишто не беа вклучени во онлајн наставата, а потоа добивавме инфорамции дека оваа бројка се менува, што води до тоа дека иако завршува првото полугодие, не сите ученици еднакво ја имаат следено наставата“, вели Спировска.

МОФ е младинска организација основана во 1999 година која иницира дебати и младинско организирање, со цел да се обезбеди дискусија, информирање и едукација на младите.

Дека ковид кризата ќе има сериозно влијание врз квалитетот на образованието, посочува и Светската банка во неколку извештаи и истражувања објавени оваа година.

Анализите започнаа откако изминатата учебна година во многу земји во светот заврши со онлајн настава. Во Македонија на 10 март 2020 година беше прогласена епидемијата на Ковид-19, по што владата ги затвори градинките, училиштата и факултетите.

Неколку месеци од почетокот на пандемијата, Светската банка објави дека кризата ќе има „најразорно“ влијание врз образованието во земјите каде веќе се слаби резултатите во овој сектор.

„Продолженото затворање на училиштата може да предизвика не само загуба во образованието на краток рок, туку и понатамошни загуби на човечки капитал и намалени економски можности на долг рок“, наведува Светската банка во извештај насловен „Обазованието и Ковид-19.“

Новата учебна година во Македонија започна на 1 октомври со еден месец задоцнување. Министерството за образование и наука одлучи настава на традиционалниот начин со физичко присуство да следат само учениците од прво до трето одделение, додека останатите да следат онлајн настава.

Дозвола за физичко присуство добија и училишта со мал број на ученици, додека за оние кои наставата ја следат од дома, беше креирана единствена национална платформа за онлајн учење која ја користат околу 260 илјади ученици и околу 25 илјади наставници од основните и средните училишта, според официјално објавените податоци.

За децата кои немаат можност да следат онлајн настава, беше одлучено да учат преку телевизија, односно за нив настава емитува Македонската радио телевизија (МТВ).

Според Спировска, со пренесувањето на наставата дома, учениците кои се економски подобро ситуирани се ставени во привилегирана положба, бидејќи со тоа кризата „дефинитивно ги зголемува“ економските разлики, вели таа.

„Ние од една страна велиме дека имаме бесплатно образование, меѓутоа компјутери, интернет покриеност, обезбедување на простор и се што повлекува онлајн наставата од дома, е нешто кое не е бесплатно. Така што товарот е ставен повторно на семејствата, а какви последици ќе има ова, мислам дека тука пред се треба да се гледа на последиците врз менталното здравје коишто ги остава оваа криза“, вели Спировска.

Светската банка исто така наведува дека пролонгираното затворање на училиштата особено ќе има “непропорционално негативно влијание врз најранливите ученици“ кои имаат помалку можности за учење од дома, а од друга страна нивното време поминато дома може да претставува економски товар за нивните родители.

Доколку владите не реагираат соодветно, кризата со учењето ќе се продлабочи и ќе се исцрпи човечкиот капитал на земјите, посочува Светската банка.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG