Достапни линкови

Не се вложува доволно во младите фудбалери


Во пресрет на престојното Европско првенство, селекторот на националниот тим, Ангеловски вели дека Македонија мора да се стреми да биде редовен учесник на сите големи натпреварувања. Но, и Ангеловски и поранешни репрезентативци посочуваат дека треба повеќе да се вложува во младите фудбалери.

За прв пат годинава македонските љубители на фудбалот ќе можат на еден голем мундијал да навиваат за националниот тим, наместо за репрезентација на некоја друга земја. Македонската фудбалска репрезентација се избори за пласман на Европското првенство кое се одржува во повеќе градови, а во групата Ц е со Австрија, Украина и Холандија, а очекувањата на селекторот Игор Ангеловски се дека ќе ја поминат првата фаза. Македонија, како што вели тој во интервју за РСЕ што ќе се емитува в недела, мора да се стреми да биде редовен учесник на сите големи натпреварувања. Но, тој мисли дека не се вложува доволно во млади кадри и тука е проблемот на македонскиот фудбал.

„Сите кои работат во фудбалот. Сите авторитети, а посебно после еден ваков успех треба да го препознаат и искористат моментот. Ние како држава ќе настапуваме на Европско првенство. На еден од најголемите фудбалски настани и еве можност за сите авторитети кои раководат со клубовите и со Фудбалската федерација да ги покажат своите капацитети и да го подигнат квалитетот на фудбалот“, вели Ангеловски.

На иста линија е и стрелецот на првиот гол за македонската репрезентација, Зоран Бошковски кој смета дека треба повеќе да се вложува во младите фудбалери.

„Мора повеќе и подобри услови да им се овозможи на младите категории на младите фудбалери, да имаат подобри услови за тренинг, да имаат подобри услови за натпревари, да имаат поддршка од целокупната структура од фудбалските клубови за да може да се развиваат подобро за утре да имаат бенефит и клубовите и репрезентациите. Добро е што се пласиравме (Европското првенство) за уште поголема организација и мотивација за тие млади фудбалери да постигнат уште подобри резултати и да напредуваат во своите кариери. Мотив плус за сите да работат повеќе да инвестираат повеќе во тие млади фудбалери за после некое време да имаат бенефит сите“, порачува Бошковски.

Зошто не се вложува доволно, е прашање за клубовите, додава Ангеловски.

„Јас често пати говорам дека вложувањето во млади македонски фудбалери е огромно богатство. Јас и во минатото кога работев во клуб предност им давав на македонските фудбалери за разлика од некои странски фудбалери со недоволен квалитет да доаѓаат, да се вложува и да го заземаат нивното место. Тука пред се мора да ја имаме во предвид лошата инфраструктура во која работат младите фудбалери. Тука треба да има огромни вложувања да се направат одлични терени. Едуцирани тренери да работат со нив“, смета Ангеловски.

Македонска фудбалска репрезентација од 1996 година кога официјално влезе во трката за големите натпреварувања па досега, настапила во 14 квалификациски циклуси, од кои 7 за европско и 7 за светско првенство.

Во статистиката спаѓаат и квалификациите за светското првенство во Катар 2022 година кога националниот тим постигна уште еден историски успех со поразот врз Германија, која беше домаќин на натпреварот. Тоа беше прв пораз за Германија од 2001 година во квалификациите за светско првенство и трет во историјата на репрезентацијата.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG