Достапни линкови

Сезоната за ракомет и кошарка завршена, за фудбалот неизвесна


Фудбалски натпревар Вардар - Копенхаген во натпревар од Лигата на шампионите.

Иако спортистите со олеснувањето на мерките ќе може да се вратат на тренинзите, за ракометарите и кошаркарите сезоната е завршена. Во наредниот период треба да се донесе одлука дали и фудбалското првенство ќе биде продолжено или не. Извесно е дека натпревари и да има тие ќе се играат без публика.

Тренинзи на отворено во индивидуални спортови, по една недела и тренинзи на колективни споротови, а потоа и во затворени објекти, најави министерот за здравство Венко Филипче како дел од олабавувањето на мерките за спречување на ширењето на коронавирусот. Државните шампионати беа ставени во мирување кога започна епидемијата, со забрана за групирања беа стопирани и тренинзите, а салите беа принудени да стават клуч на врата.

Сезоната за кошаркарите и ракометарите заврши, откако во меѓувреме федерациите решија поради коронавирусот да не продолжат со натпревари, а се уште не се знае дали иста судбина ќе ги снајде и фудбалерите. Дали ќе започнат со натпреварување и како ќе се одвиваат натпреварите се уште не се знае. Но, сигурно е дека публика на натпревари нема да има набрзо, ако се суди според праксата во другите земји.

Од ФФМ велат дека испратиле два дописи до Министерството за здравство во однос на мерките и препораките кои треба да ги преземат клубовите.

„Првично денеска имаме состанок со клубовите во однос на евентуално продолжување на сезоната и откако ќе ги добиеме официјално насоките од Министерството за здравство ќе решаваме по однос на форматот за натпревари и дали воопшто ќе се доигра сезоната затоа што ние сме врзани со рокови. До 20 јули нашето првенство треба да се заврши. Остануваат 13 кола од прва лига и два натпревари од купот на Македонија“, велат од ФФМ.

Во ракометот ситуацијата е поинаква од фудбалот, бидејќи се прекинаа сите првенства и се прошири супер лигата и наредната сезона започнува од септември, вели спортскиот директор на ракометниот клуб Јуниор Кисела Вода, Илија Чокрев. Олеснувањата не менуваат ништо за ракометарите и клубовите, бидејќи натпреварувања нема да има, додава тој.

„Секој од ракометарите индивидуално тренира. По своја иницијатива и не се групираат. Припремите за новата сезона обично почнуваат крај на јули или почеток на август и до тогаш се надеваме дека ќе биде се нормализирано и да се почне како што треба. Евентуално натпреварите можеби ќе се играат без публика, но тоа се уште не се знае“, вели Чокрев.

Супер лигата во ракомет која годинава заврши без шампион во наредната сезона ќе биде проширена и во првата фаза ќе има 14 клубови поделени во две групи. Во прваат фаза нема да играат македонските клубови кои се дел од СЕХА лигата. Тие ќе се натпреваруваат во втората фаза заедно со најдобрите три екипи од првата фаза.

Без шампион заврши и кошаркарското првенство каде пред епидемијата беа одиграни само околу половина натпревари од сезоната.

„Клубовите веќе и немаат можност да играат, бидејќи странските играчи си заминаа и сезоната нема да продолжи. Ќе видиме колку простор ќе имаме во втората лига кадешто има само домашни играчи да се направи некој турнир, ако има услови и евентуално и за младинските екипи кои долго време не спортуваат исто така да се организира некој турнир“, велат од кошаркарската федерација.

Нема да има испаѓање на екипите во понизок ранг, при што две екипи од Втората лига на мажи ќе се промовираат во Првата лига за наредната натпреварувачка сезона.

И во земјите од соседството и Европа извесно е дека фудбал ќе се игра и на празни стадиони. Во Србија веќе се одиграа неколку пријателски фудбалски натпревари, а сезоната ќе продолжи на 30 мај. Ден подоцна ќе продолжи и фудбалскиот шампионат во Црна Гора. Првите натпревари од Бундеслигата во Германија, која е една од најсилните лиги во Европа ќе се играат на 16, 17 и 18 мај.

Инаку, вкупната бројка на заболени од коронавирусот во земјава, со последните податоци, изнесува околу 1700 случаи. Од нив, 1.230 се оздравени, 96 лица починале, а активни случаи има над 370.

Во светот во моментов има околу четири милиони и 300 илјади заболени, а над 290 000 се починати од вирусот кој почна да се шири лани во декември од кинескиот град Вухан.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG