Достапни линкови

Кога заканата се потценува, состојбата ескалира - дојави за бомби евакуираа повеќе објекти во Скопје


Полиција го затвори сообраќајот и приодот до Желензичката станица во Скопје поради дојава за бомба, 9 декември 2022
Полиција го затвори сообраќајот и приодот до Желензичката станица во Скопје поради дојава за бомба, 9 декември 2022

Дојави за бомби во Скопје за прв пат се проширија на јавни и приватни објекти како Транспортниот центар, трговските центри Ист Гејт и Бисер, зградата Флет Ајрон. Граѓаните се револтирани, а експертите предупредуваат за можна ескалација, ако институциите продолжат да ја потценуваат заканата.

Дојави за бомби денеска претпладне ги евакуираа Железничката и автобуската станица во Скопје, трговските центи Ист Гејт во Гази Баба и Бисер во Аеродром, зградата Флет Ајрон во Кисела Вода, а стигнаа и на адресите на повеќе скопски училишта вклучително и во полициската станица Центар.

Целиот простор околу Транспортниот центар претпладнево беше опколен од полиција која не пушташе ниту пешаци, ниту возила да бидат во околината, пренасочувајќи го сообраќајот подалеку од Железничката и автобуската станица.

Уште пред да има официјална потврда, граѓаните кои се затекоа во близина претпоставуваа дека се работи за дојава за бомба.

„Така е кога немаме држава“, коментираше една скопјанка која благодарение на велосипедот, не остана заглавена во сообраќајот околу Железничката станица.

ОД МВР информираа дека денеска околу 09.30 часот во СВР Скопје било пријавено дека на електронска адреса на седум средни училишта во Скопје била упатена закана за поставена експлозивна нaправа, по што веднаш биле евакуирани. Но денеска дојавите не се задржаа само на училиштата како во изминативе два месеци, туку се прошири на повеќе јавни и за првпат, на приватни објекти.

Како што појаснува професорот Злате Димовски од Факултетот за безбедност, властите ги потценија досегашните закани, па денешните дојави се потврда дека кога институциите потфрлуваат за да ги спречат, тие ескалираат.

„Дефинитивно ќе мора ова да се сфати многу сериозно, и да се аплицираат севкупните средства, поточно да се обединат силите и знаењата на сите фактори во Македонија кои имаат познавање од сајбер просторот, начинот на кој тој се користи, модалитетите како може да се примаат, да се испраќаат пораки и тоа е оној првиот чекор кој што треба да го направиме. Не е доволно само да се каже дека овие закани доаѓаат од странство“, вели професорот.

Директен линк

Ова додава, значи дека алармот мора да се вклучи веднаш, да се алоцираат средствата на сите Министерства, а помош да се бара и од сите провајдери и приватни фирми кои имаат знаења за проблемот.

„Факт е дека (заканата) не може да доаѓа, од условно кажано, некакви невидливи сили, туку дефинитивно мора да се најде модусот од каде се испраќаат, затоа што и тој што испраќа и тој што прима едноставно остава трага“, дециден е професорот.

Ако тоа не се случи, додава тој, можно е поголемо ескалирање. Во тој случај претпоставува дека на мета ќе бидат јавните простори, како плоштади или мостовите, што може да доведе до уште посериозни проблеми, и во однос на евакуацијата, и во однос на штетите.

Во однос пак на тоа пак кому тие му одговараат, забележува дека многу групи осакуваат дестабилизација на земјата. Проблемот, забележува дека се продлабочува поради економската криза, војната во Украина, а не ја исклучува можноста дојавите да бидат поврзани на ниво на регион. Слични дојави за бомби сериозно ја вознемирија јавноста и во околните држави како Србија, Хрватска, Црна Гора или Албанија.

Според сознанијата на полицијата мејловите со заканите стигнуваат од две странски држави, Швајцарија и Хрватска, но испраќачот се уште не е откриен. Во потрагата МВР помош побарале и од Интерпол и Европол преку Секторот за меѓународна соработка.

Така, полицијата во ноември анализираше зошто заканите со бомби се праќаат само во една смена во скопските средни училишта, во три работни дена. Кратко потоа, тие се проширија и во основни училишта, меѓу кои и неколку од Кавадарци.

Расветлена засега е само една од дојавите, онаа од 4 ноемри. Ја пратил малолетник од Скопје, од својот домашен компјутер, од каде напишал заканувачка порака за поставени експлозиви во четири средни училишта. За ова бил инспириран од претходните дојави за бомби, а по разговорот во полицијата, го признал делото. Се товари за делото „тероризам“.

Во меѓувреме полицијата приведе уште две лица, но за нив се утврди дека нивните податоци и адреси биле злоупотребени, по што беа ослободени.

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, во повеќе наврати го повтори тврдењето дека дојавите се дел од хибридна војна, која не е ограничена само на Македонија. Најави и дека се очекува да се преземат активности со кои ќе се сменат протоколите и во земјава, во однос на утврдувањето на степенот на реалноста на заканата, при преземањето мерки.

„Преземаме максимално мерки, заедно и ние, со нашите стратешки партнери. Меѓутоа секако дека во овој дел ќе мора и повеќе да се работи заедно со партнерите за да ги обезбедиме потребните докази“, изјави тој во средата, кога за првпат стигна дојава за бомба во Народната банка.

Досега сите дојави беше утврдено дека се лажни. И за денешните, од МВР информираа дека по сите направени антитерористички проверки во училишта и другите објекти во Скопје кои добиле електронска порака со закана за поставена експлозивна направа, било утврдено дека станува збор за лажни пријави.

Првата лажна дојава за поставена бомба до скопските средни училишта беше пратена на 26 октомври.

  • 16x9 Image

    Јасмина Јакимова

    Новинарската кариера ја започува во 2005 година. Работи како репортер во неколку македонски телевизии, за подоцна кариерата ја продолжува во онлајн медиумите на различни мултимедијални содржини. Добитничка е на неколку новинарски награди. Во декември 2021 година почнува да работи во Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG