Достапни линкови

Најталентираните битолски ученици со една нога во странство


Наградени најталентираните ученици во Битола

Едни од најуспешните ученици кои беа наградени на празникот на град Битола, не кријат дека размислуваат иднината да ја побараат во странство. Но, доколку им бидат понудени можности за вработувања на струката, кариерен развој и придонес за средината би останале во родниот крај.

„Својата иднина ја гледам дефинитивно во странство, најпрво за факултетиските студии. Потоа, ако можам да помогнам, да ја унапредам состојбата во земјава, регионот, градот, би бил многу среќен за тоа, но ако се отворат можности и се создадат услови за тоа“, вели Леонид Сајков, ученик од четврта година во битолската гимназија „Јосип Броз Тито“ и учесник на две меѓународни олимпијади по хемија.

Евгенија Дивитарова, како ученичка на Средното техничко училиште, беше добитник на награди за млад иноватор и Златна плакета за изработака на ЦНЦ машина, а изработила три вакви машини.

„Веќе сум запишана на Факултетот за информатички-комуникациски техологии. Иднината ја гледам во ИТ технологијата. Во зависност од можностите можеби ќе останам во градот, а можеби ќе одам и во странство. Тоа зависи најнапред од високите примања и дали ќе успеам да најдам работа за струката што ќе ја завршам или сосема друго, дали ќе продолжам да се занимавам со цнц машини или со ИТ технологија“, вели Дивитарова.

Со цел поддршка на младите таленти Општина Битола им даде и парични награди во износ од пет илјади денари.

„Од минатата година Општина Битола почна со наградување на најуспешните ученици од нашиот град и во таа традиција ќе продолжиме да делуваме зашто подмладокот е нашата перспектива и иднина“, вели градоначалничката Наташа Петровска.

Нема официјална бројка колку има иселени млади од Битола и колку од нив се факултетлии. Според проценките на Коалицијата на младински организации во повеќето градови пред појавата на пандемијата на КОВИД-19 и до 50 проценти младите беа иселени. Во однос на студиите во странство познато е дека во Словенија студираат околу илјада македонски студенти и дека од ниту една друга странска земја ги нема толку многу. Пандемијата времено до некаде ја запре миграцијата и уписите на странски факултети, но откако ќе мине болеста повторно се очекува да продолжи таканаречениот „одлив на мозоци“.

„Состојбата е аларматна, да се преземат итни законски и нормативни мерки со цел да се подобри квалитетот на високото образование и да се најдат модели како талентираните да се задржат во земјава бидејќи тие се најрентабилна инвестиција“, вели професорот Љупчо Кевероски од Педагошкиот факултет во Битола.

Хуманоста е поважна од платата и престижот
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:51 0:00

Тој направи истражување со 300 матуранти и 100 апсолвенти од пет градови од Македонија во врска со заминувањето на квалитетните кадри и заклучи дека на ваков чекор секогаш не се одлучуваат поради недостиг на пари, туку дека се неопходни промени кои ќе овозможат напоредок и во академска средина, а потоа и во професионалната на квалитетните кадри.

„Едни од резултатите говорат дека надарените и талентираните не ја напуштаат нашата држава најнапред заради материјални егзистенцијални причини, но постојат некои други психолошки карактеристики, како неможност да се развиваат во академска смисла, некакви сомнителни критериуми за успех и пад на вредноста на квалитетот и уште многу други атрибути“, вели Кеверески.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG