Достапни линкови

Најмалку 49 Ерменци загинале во најновиот воен конфликт со Азербејџан


Ерменија, последици од гранатирањето врз погранично село во провинцијата Карашен, 13 септември 2022 година
Ерменија, последици од гранатирањето врз погранично село во провинцијата Карашен, 13 септември 2022 година

Жестоките судири меѓу ерменската и азербејџанската војска започнаа доцна во ноќта долж границата. И двете страни се обвинуваат меѓусебе која земја прва отворила оган.

Ерменија загуби најмалку 49 војници во најновите гранични судири со Азербејџан, изјави премиерот Никол Пашинијан по меѓународните повици за итен прекин на непријателствата меѓу двата главни непријатели на Кавказ. Во говорот во ерменскиот парламент изутрината, Пашинијан соопшти дека Баку ги нападнал позициите на Ерменија во текот на ноќта и дека борбите се во тек. Интезитотот на борбите денеска е послаб, но судири има долж границата, додаде тој.

„Во моментов имаме 49 убиени и за жал тоа не е конечната бројка“, рече Пашинијан во парламентот.

И Ерменија и Азербејџан се обвинуваат меѓусебно за последната ескалација во деценискиот спор меѓу земјите за Нагорно-Карабах.

Претходно, Министерството за одбрана на Азербејџан соопшти дека нивните сили реагираат на ерменската провокација и ги негираше тврдењата дека ја погодиле цивилната инфраструктура.

„Азербејџанските вооружени сили преземаат ограничени и насочени чекори, неутрализирајќи ги ерменските огнени позиции“, се вели во соопштението.

Жестоки судири меѓу Азербејџан и Ерменија, САД апелира за прекин на нападите

Ерменскиот премиер ги извести пратениците дека утрово телефонски разговарал со светските лидери и побарал „адекватна реакција“. Пашинијан разговарал со американскиот државен секретар Ентони Блинкен, францускиот претседател Емануел Макрон и рускиот претседател Владимир Путин.

Ерменското Министерство за одбрана, исто така, соопшти дека министрите за одбрана на Русија и Ерменија разговарале на 13 септември и се согласиле да преземат чекори за стабилизирање на ситуацијата на ерменско-азербејџанската граница.

Русија денеска соопшти дека преговарала за прекин на огнот меѓу поранешните советски републики Ерменија и Азербејџан, јавува новинската агенција Франс прес.

„Очекуваме дека договорот постигнат како резултат на руското посредување за прекин на огнот од 9:00 часот по московско време на 13 септември оваа година ќе биде спроведен во целост“, се вели во соопштението на Министерството за надворешни работи во Москва, пренесува Франс прес.

Блинкен во изјавата рече дека Соединетите држави повикаа на прекин на конфликтот и ја изразија „длабоката загриженост“ на Вашингтон за ситуацијата, вклучително и „пријавените напади врз населените места и цивилната инфраструктура“ во Ерменија.

Најмалку 49 ерменски војници загинаа во судири со Азербејџан

„Како што одамна јасно кажавме, не може да има воено решение на конфликтот. Апелираме веднаш да се стави крај на какви било воени непријателства“ изјави Блинкен.

Турција, традиционалниот сојузник на Азербејџан, ја обвини Ерменија за последното разгорување, повикувајќи го Ереван да „престанат со провокациите“ против Баку.

„Ерменија треба да престане со провокациите и да се фокусира на мировните преговори и соработката со Азербејџан“, напиша министерот за надворешни работи Мевлут Чавушоглу на Твитер по телефонскиот разговор со азербејџанскиот колега Џејхун Бајрамов.

Ерменија загуби контрола над делови од Нагорно-Карабах и седум соседни области по шестнеделната војна кон крајот на 2020 година, во која загинаа повеќе од 6.500 луѓе и заврши со прекин на огнот со посредство на Русија. Се проценува дека околу 2.000 руски војници се распоредени да ја следат ситуацијата.

Ерменската влада соопшти дека ќе се повика на договор за соработка со Москва и ќе поднесе жалба до Организацијата на Договорот за колективна безбедност предводена од Русија, како и до Советот за безбедност на Обединетите нации.

Последното разгорување следи по избувнувањето на борбите на 1-3 август во кои загинаа најмалку еден азербејџански и двајца етнички ерменски војници.

Лидерите на Ерменија и Азербејџан се состанаа неколку пати за да склучат договор наменет за воспоставување траен мир по конфликтот во 2020 година.

ЕУ ќе посредува во разговорите меѓу Ерменија и Азербејџан

Последната ваква средба меѓу азербејџанскиот претседател Илхам Алиев и Пашинијан се одржа на 31 август во Брисел и беше со посредство на Европската унија.

Азербејџан и Ерменија со години се заглавени во конфликт околу Нагорно-Карабах. Регионот претежно населен со Ерменци, кој имаше статус на автономна област во рамките на советскиот Азербејџан, ја прогласи својата независност од Баку во услови на распад на Советскиот Сојуз, што предизвика војна од 1992-1994 година, која однесе околу 30.000 животи и раселени стотици илјади луѓе.

Војната заврши со прекин на огнот со посредство на Русија, оставајќи ги етничките Ерменци во Нагорно-Карабах под контрола на поголемиот дел од регионот, како и на неколку соседни области на Азербејџан. Преговорите со меѓународно посредништво со вклучување на Минск групата на ОБСЕ со копретседавачи од Соединетите Држави, Русија и Франција, не резултираа со резолуција пред да избие друга војна од големи размери во септември 2020 година.

Конфликтот кој што траеше 44 дена во кој загинаа повеќе од 6.500 луѓе заврши со прекин на огнот со посредство на Москва, при што Азербејџан ја врати контролата врз сите области околу Нагорно-Карабах, како и големи делови од територијата во самиот поранешен автономен регион. Околу 2.000 руски мировници беа распоредени во регионот за да го надгледуваат примирјето.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG