Достапни линкови

Намален буџет во културата - Колку пари толку музика


Илустрација
Илустрација

Буџетот за финансирање проекти од национален интерес во културата е намален за речиси 5 милиони евра од лани. „Сатарот“ удри по речиси секоја дејност. Поради недоволно пари, некои манифестации најавија откажување. Власта вели - ова е максимумот, аплицирајте во странски фондови.

Оваа година нема да се одржи ОФФест, се заканува откажување на Малиот битолски Монмартр, за три и пол пати се намалени парите за Д Фестивал и Таксират, македонски музичари реагираа дека не добиле ниту денар, а ќе се поддржи концерт на Петар Грашо.

Резултатите од годишниот конкурс за финансирање проекти од национален интерес во културата предизвика жестоки реакции меѓу културните работници. Тие се жалат на немање критериум за тоа што е проект од национален интерес и дека парите одвоена за оваа намена се недоволни.

Министерката Бисера Костадиновска Стојчевска вели извлековме максимум од парите што ги имавме на располагање. Тие што мислат дека заслужуваат повеќе имаат право на жалба, рече таа и ги повика уметниците да аплицираат и во странски фондови за поддршка на нивната дејност.

„Никогаш нема да имаме доволно пари во култура. И ако целиот буџет на Министерството за култура го искористиме само за финансирање на овие проекти, и тоа повторно ќе ни биде малку, јас сето тоа го разбирам. Но, оваа година го имавме тој буџет, располагавме со тие одредени средства. Сметам дека комисијата постапи најсоодветно со доделениот буџет што го имаше, да ги распредели средствата онака како што тие сметаа и да ги поддржат тие проекти што ги поддржаа“, рече Костадиновска Стојчевска.

Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска
Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска

Писателот Петар Андоновски претходно критикуваше дека неговиот нов роман не добил поддршка од Министерството, и покрај бројните награди за неговите претходни објави. Ова е класична освета на министерката затоа што го критикував нејзиното работење, вели Андоновски.

„Повторно се соочуваме со еден ист проблем, а тоа е немање јасни критериуми, или поточно немање воопшто никаков критериум. Значи, сè уште не се најде некој министер кој ќе го реши тој проблем. Кога велам јасни критериуми мислам дека треба прво да разграничат што е тоа национален интерес, прво тие сами на себе да си го објаснат во Министерството и второ, мислам дека секоја година имаме проблем со комисии кои не се доволно стручни да одлучуваат кое дело е од национален интерес, а кое не“, вели Андоновски.

Писателот Блаже Миневски исто така реагираше дека Министерството не го поддржало неговиот нов роман за Гоце Делчев од политички причини.

Друштвото на писатели на Македонија, пак, праша „ако нема средства за врвните и најдобрите, тогаш дали по принципот на социјала се издвојуваат само за послушните и просечните“.

Министерката Костадиновска Стојчевска, негира дека ниту имало одмазда кон Андоновски, ниту средства се доделуваат по партиски клуч, туку само според квалитет.

Организаторите на Оффест најавија дека оваа годна фестивалот нема да се одржи, откако Министерството им одобри двојно помалку пари од лани. Костадин Шурбановски вели дека 1 милион денари не се доволни за организирање на фестивал од ваков формат.

Оффест, постер
Оффест, постер

„Очигледно е дека се сака да се покрие што е можно повеќе културни проекти, односно да се задоволат што е можно повеќе актери на културната сцена без размислување за квалитетот, за критериумите и за досегашната историја на манифестациите“, вели тој.

Музичарот Петар Георгиевски Камиказа, пак, се пожали дека Меморија и други македонски бендови не добиле ниту денар, а одобрени се пари за концерт на хрватскиот пејач Петар Грашо.

Детската ликовна колонија „Мал битолски Монмартр“ исто така најави можност за првпат во 55 годишното постоење оваа година да не ги реализира проектите, поради недоволно одобрени пари.

Буџетот за финансирање проекти од национален интерес во културата е намален за скоро 5 милиони евра од лани, од над 17, на 12,5 милиони евра, и тоа во услови на огромна инфлација, кога и трошоците се многу повисоки од лани.

Парите за издавачка дејност се намалени од 1,5 милиони на 900 илјади евра, за драмска од 1,5 милиони на нешто над 1 милион, за музичко-сценска од скоро 2,5 на 2 милиони евра, а за културно-уметнички манифестации од 1,1 милиони на 900 илјади евра.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG