Достапни линкови

Многу економија, помалку екологија во изборните програми


Реконструкција на патот Тетово до Попова Шапка, илустрација

Кандидатите за градоначалници свесно ветуваат повеќе економски проекти, отколку еколошки, зошто граѓаните се позаинтересирани за економија отколку за животната средина, коментираат политиколозите. Додаваат дека некои ветувања се нереални, но тие ќе се нудат се додека граѓаните не ги казнат на избори

Само една недела по почетокот на изборната кампања, а граѓаните веќе имаа можност да се изнаслушаат бројни ветувања во чиј фокус се капиталните, инфраструктурни проекти. Дел од ветувањата се бесплатен градски превоз, пловен Вардар, кружни текови, дигитализација на услугите за граѓаните, бесплатен интернет во главниот град и др. Затоа пак многу помалку се слушаат темите поврзани со заштитата на животната средина, или прашањето за загадениот воздух, кое станува алармантно во последните неколку години. Не недостасуваат ветувања за повеќе зелени површини и запирање на урбаната мафија, користење алтернативни средства за сообраќај, но тие се во сенка на инфраструктурните проекти.

Политичките аналитичари велат дека кандидатите за градоначалници не случајно настапуваат со економските теми во изборните програми.

„Реално во нашата држава граѓаните се заинтересирани за инфраструктура и економија отколку за екологија. Бидејќи развојот на целокупното општество не е дојдено до таму заштитата на животната средина има предност на условно речено штета на економијата. Втората причина е што локалната инфраструктура, патишта, водовод, канализација комунални проблеми се се уште идентификувани како примарни и затоа граѓаните реагираат на таквиот наратив во кампањата“, објаснува политичкиот аналитичар Петар Арсовски.

Инаку, стандардна практика во земјава е изборните програми и понудите на сите избори да се прават врз основа на анкети на репрезентативен примерок на целата популација, објаснуваат упатените. Па оттаму програмата е одговор на проблемите кои во тие анкети граѓаните ги потенцирале како важни за нив.

„Сите партии пред да ги состават нивните програми имаат спроведено анкети и имаат своевиден „фитбек“ од теренот за тоа што најмногу ги засега граѓаните и кои се проблемите во одредени општини, така што кандидатите одат со понуда на решенија токму на конкретните проблеми“, вели политичкиот аналитичар Џељал Незири.

Тој додава дека практиката покажува дека многу малку се зборува за општината како сервис на граѓаните и услугите кои таа ги нуди, подобрување на тој квалитет што подразбира вклучување на граѓаните во креирањето на тие политики. Исто така, не се зборува за тоа како да зајакне улогата на советот на општината кој досега се покажал само како гласачка машина.

„Затоа мислам дека микропроектите кои сега ги нудат кандидатите даваат поголеми резултати во контекст на целата на партиите. Зависи од нивната пр стратегија мислам дека граѓаните се лепат повеќе на тие проекти. Се лепат на тоа дали ќе имаат асфалтиран пат, водовод, вода за пиење, канализација и слично додека останатите теми за мнозинството граѓани повеќе личат на филозофска дебата отколку индикатор за квалитетна дебата за демократијата во една општина“, потенцира Незири.

Буковиќ - До вода седат, вода немаат
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:38 0:00

Сепак, некои од изборните ветувања ги надминуваат реалните очекувања на гласачите. Иако нашата политичка историја има искуство со тешко или речиси неостварливи проекти кои се ветени пред избори, сепак аналитичарите порачуваат дека кандидатите треба да бидат претпазливи со тоа што го нудат.

„Ние сме имале повеќе бизарни предизборни ветувања, како на пример „милијардата“ на Васил Тупурковски во далечната 1998 година. Таа лицитација во борбата за глас повеќе нема да престане се додека граѓаните не почнат да ги казнуваат баналните, бизарните или неспроведливите ветувања. Се работи за еманципација на гласачкото тело, таа веднаш штом ќе достигне извесно ниво веќе тие ветувања нема да носат плус гласови, туку минус“, вели Арсовски.

Кампањата за локалните избори почна на 27 септември и ќе трае до 15 октомври. Најголем дел од кандидатите веќе имаа неформални средби со граѓаните и претставување на своите програми на социјални мрежи. На 16 октомври гласаат болните, немоќните, а на 17 октомври е денот на изборите. Вториот круг ќе се одржи на 31 октомври, а кампањата за втор круг ќе трае до 24 часот на 29 октомври.

Државната изборна комисијата (ДИК) информираше дека се потврдени 303 листи за градоначалници и 567 за советници за претстојните локални избори. На изборите ќе може да гласаат 1 824 864 граѓани.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG