Достапни линкови

Обвинувања за „Списоци со гласачи“ и притисоци во изборна кампања


Архива - Предвремени парламентарни избори 2020

Опозициските кандидати за градоначалници се жалат на политички притисоци и злоупотреба на државни институции во изборната кампања. „МВР-ДУИ“ и списоци со загарантирани имиња на гласачи се дел од притисоците врз гласачкото тело, велат опозициските кандидати Максим Димитриевски и Арбен Таравари. МВР ги демантира таквите обвинувања.

На тазе почната изборна кампања со полна сила си работи „машината за политички притисоци“ од претставници на централната власт врз опозициските кандидати за градоначалници, се жалат дел од кандидатите со кои разговаравме, а кои не се дел од владејачката коалиција. Тие најмногу се жалат на злоупотреба на полицијата во политички цели во ек на изборната кампања. Од друга страна, пак, Министерството за внатрешни работи ги демантира таквите обвинувања.

Димитриевски - Сега и СДСМ бара списоци со загарантирани гласачи

Димитриевски: Списоци со потврдени гласачи им се бараат на кумановци
please wait

No media source currently available

0:00 0:07:37 0:00
Директен линк

Во кумановската општина старата практика на ВМРО-ДПМНЕ со барање на „списоци“ со загарантирани гласачи за владејачките партии се повторува на овие локални избори од страна на СДСМ, тврди актуелниот градоначалник на Куманово Максим Димитриевски кој ќе бара поддршка од кумановци како независен кандидат. Во овој мандат тој беше избран како кандидат на СДСМ.

Тој тврди дека има докази дека на вработените во училиштата им се бара список со 10 загарантирани гласачи, на апликанти за работа во СВР Куманово им се бара список со 20 потврдени имиња на гласачи, а на одредени веќе вработени во МВР или нововработени им се бараат списоци со имиња и на до 50 потврдени гласачи за СДСМ. Тој додава дека полициски притисоци се прават и врз градежни фирми и нивните вработени кои што добиле тендери за извршување на градежни работи за општината и со тоа се опструираат проектите кои веќе биле во тек на спроведување.

„Од страна на инспектори од полиција, и многу често тоа се едни исти лица, кои што вршат легитимирање, фотодокументирање преку крим-полиција како да се работи за злосторство, а не за изведување на градежни работи, и на тој начин се врши притисок при што изведувачите го напуштаат местото на работење и од нив се бара дополнителна документација, договори, дозволи и друг тип на технички документи каде што полицијата согласно постапката е неовластена, а истите документи треба да ги побара од надлежен орган, а тоа во овој случај е Општина Куманово“, вели тој.

Димитриевски тврди дека централната власт користи недемократски методи на заплашување, уцени и притисок врз гласачкото тело преку државните институции на локално ниво, кои, како што вели, се менаџирани од луѓе што вршат злоупотреба на својата должност. Тој објаснува дека „списоци“ им бараат и на дел од вработените во градинките, во основните и средните училишта.

„Жалам што моите сограѓани минуваат низ ова и ваков процес, бидејќи ние во минатото бевме сведоци на исти вакви постапки коишто беа преземани од еден друг режим и се боревме против тоа. За жал не се извлекоа заклучоци и одредени функционери ги користат своите високи позиции, и во владата и на локално ниво, и ги употребуваат истите методи“, вели Димитриевски.

Тој вели дека за ваквите притисоци ја известил набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР и дека ќе ги извести и Обвинителството и Антикорупциската комисија, но додава дека не верува оти надлежните ќе си ја завршат работата, затоа што СВР Куманово е тој што ќе треба да ги провери наводите.

Министерството за внатрешни работи за Радио Слободна Европа ги демантира овие наводи.

„Институциите не смеат да бидат предмет на предизборни кампањи и манипулации на кандидатите, ниту пак треба да се предмет на меѓупартиски несогласувања. МВР им служи на сите граѓани подеднакво, и затоа апелираме да биде изоставено од вакви меѓупартиски предизборни несогласувања“, се вели во кусиот одговор од Министерството.

Таравари - Полициска станица во Гостивар е штаб на ДУИ

За политички притисоци врз гласачкото тело во ек на изборна кампања обвинува и актуелниот градоначалник на Гостивар Арбен Таравари, кој доаѓа од редовите на опозициската Алијанса за Албанците. Тој ја обвинува владејачката ДУИ дека ги злоупотребува државните институции и ресурси во изборната кампања и со нив врши притисок врз гласачите по неколку основи.

„Нема дилеми дека политички притисоци се чувствуваат во сите општини. Институциите на државата во повеќето општини кои се раководени од Албанци се ДУИ-зирани. Така на пример во Гостивар полициската станица е како штаб на ДУИ“, обвинува тој.

Таравари тврди дека сите институции од централната власт коишто функционираат на локално ниво се претворени во партиски штабови и на секаков начин се обидуваат да вршат притисоци врз бизнисмените и граѓаните. Тој посочува дека тоа е рутина за ДУИ во изминативе 20 години и дека за тоа се запознаени меѓународните организации.

„Ако ги прошетате продавниците или малите бизниси низ Гостивар, ќе ви кажат дека биле посетени од претставници на институции од централна власт и дека треба да внимаваат што прават, и дека по секоја цена мора за ДУИ да се гласа“, вели Таравари.

Портпаролот на ДУИ и министер за надворешни работи Бујар Османи до објавувањето на текстот не одговори на ваквите обвинувања.

СДСМ во периодот кога беше во опозиција во јавните настапи обвинуваше дека ВМРО-ДПМНЕ на чело со министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска го злоупотребувало Министерството за партиски цели. Тогашното обвинување за „МВР-ВМРО“ го поткрепија со објавување на нелегално прислушуваните разговори во 2015 година.

Најава за кривичен прогон пред избори за градоначалникот на Петровец

Последен пример е кривичната пријава против актуелниот градоначалник на општина Петровец Борче Митевски, кој со поддршка на опозициската ВМРО-ДПМНЕ ќе бара четврт мандат. Директорот на Управата за финансиска полиција Арафат Муареми и вицепремиерот за борба против корупција Љупчо Николовски на заедничка прес-конференција пред неколку дена јавно соопштија дека е поднесена кривична пријава против Митевски поради сомнеж за можна злоупотреба на службената положба градоначалник во период од 2012 година до 2018 година.

Според нив, ова не е политички притисок, затоа што, како што вели Николовски „правдата не може да чека, нити да се чуваат предмети во фиока“.

Митевски пак, за Радио Слободна Европа вели дека обвинител од Јавното обвинителство за организиран криминал веќе еднаш детално „ги чешлал“ документите за периодот од 2011 до 2020 година и како што сфатил, не нашле ништо спорно, затоа што не бил повикан ниту на распит во Обвинителството. Тој вели дека ниту по прес-конференцијата не бил исконтактиран од Обвинителството. Митевски ги демантира таквите обвинувања.

Митевски: Каменот од блиску доаѓа
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:32 0:00
Директен линк

„На пресот рекоа можна злоупотреба на службена положба, и можна злоупотреба на финансиски средства. Тој не кажа дека е злоупотребено, туку можна злоупотреба. Јас најодговорно тврдам дека нема такво нешто, дека сè е чисто. А, Обвинителството здравје после избори ќе си излезе на терен, ќе се види дали има такво нешто, па ќе си ја докажеме нашата невиност“, вели тој.

Муареми на прес-конференцијата посочи дека Митевски преку јавни набавки доделени на фирмата на неговиот брат со фиктивни 24 фактури ја оштетиле општинската каса за половина милион евра во период од 2012 до 2018 година.

„Доколку се констатирани одредени неправилности и одговорност, што да правиме ние, да замижиме? Мора да постапиме, затоа и постоиме. Кај нас нема ограничување доколку има кривична одговорност. Досега исто сме постапиле и за сегашни актуелни функционери, а по нашите констатации Владата донесе одлука за разрешување на одредени директори и функционери, така што кај нас нема ограничување дали ние треба да постапуваме за сегашната или за претходната власт. Ние постапуваме за секој што ќе згреши пред законот“, вели Муареми.

Митевски, пак, вели дека сè е по закон и дека при претходното чешлање на сметководствената документација за истата анонимна претставка не била покрената обвинителска постапка.

„Исто си е сè, тоа е знаете како викаат, каменот од блиску доаѓа, не доаѓа од далеку. Како можам јас да потпишувам со мојот брат договори за тендери, кога тоа е електронска аукција, каде што учествуваат повеќе од 5 или 6 фирми. Која е најдобар понудувач со најниска понуда, таа понуда мора да се прифати. Законот е таков, во законот никаде не пишува дека ако фирмата е на братучед или на брат дека не треба да учествува на тендер“, вели Митевски.

Тој вели дека не гледа конфликт на интерес што јавните набавки биле доделени баш на фирмата на неговиот брат.

Од Обвинителството велат дека врз основа на известувањето на Управата за финансиска полиција е оформен предмет и истиот е распределен кај јавен обвинител.

„Предметниот обвинител во насока на расветлување на случајот побара дополнителни известувања од Управата за финансиска полиција, по што беше доставена кривичната пријава и материјални докази. По анализа на обемниот доказен материјал, надлежниот обвинител ќе одлучи дали и какви дејствија ќе бидат преземени во понатамошниот тек на постапката“, се вели во одговорот од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.

Поранешниот антикорупционер Драган Малиновски вели дека е против соопштување најави за гонење на градоначалник на само неколку дена пред почеток на изборна кампања и тоа не е вистински начин за борба против корупција. Тој смета дека политизацијата на истрагата фрла сенка врз самата обвинителска истрага.

„Ако има сознанија дека тоа се случувало долги години наназад, јас се прашувам зошто се чекало и досега. Впрочем, истрагата може да се води и без јавно да се споделуваат тие информации. Ова е отприлика нешто што сме го виделе многу пати во минатото. За жал, многу често од тие најавени кривични пријави или постапки кои биле најавени во пресрет на избори немало конкретен епилог. Тие најчесто завршувале само со најава и со тоа на некој начин се компромитира и самата постапка на институциите кои се вклучени и самата кривична постапка“, вели Малиновски.

Додека беше во опозиција, СДСМ ја обвинуваше тогашната влада на ВМРО-ДПМНЕ дека ги злоупотребува институциите - полицијата и инспекциите, за да врши притисок врз гласачите.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG