Достапни линкови

Млади медицинари со желба да помогнат во пандемијата- не добиваат работа


Протест на лекари и медицински персонал поради насилството врз нив
Протест на лекари и медицински персонал поради насилството врз нив

Не е убаво чувство кога сакате да помогнете кога е најтешко за здравствениот систем, а не добивате работа, вели дипломиран студент по медицински науки. Од министерството велат дека во креирањето здравствени политики клучни се младите, а вработувањето е согласно потребите на институциите.

Матеј Поп Дучев, дипломиран студент на комбинирана програма по медицина и глобално здравство на универзитет во Гонинген - Холандија се обиде првата работа да ја добие во време на корона вирус, летото кога се врати во Скопје, но тогаш и првпат се соочи со демотивираност да продолжи да бара работен ангажман во државава. Образложението со кое барал прием во неколку здравствени установи, тој им го испратил по елекронска пошта, наведувајќи дека има и истражувачко искуство од областа на епидемилогија и сака да помогне, но не бил повикан на разговор.

Матеј вели дека не е убаво чувството кога знаете дека има пациенти кои се борат со корона вирусот, и кога може да помогнете кога е најтешко и за здравствениот систем и за државата, а да не добивате работа.

"Барав работа во мојата област, со образованието кое го имам квалификуван сум барем за некоја почетна позиција во институција од областа на јавното здравство, а имам и истражувачко искуство на оваа тема. Најнапред се обидов во "Институтот за јавно здравје", во одделот за епидемиологија, им напишав службен меил, на кој не ми одговорија. Потоа преку мој познаник се обидов директно да контактирам со вработен во институот, се слушнав телефонски, но ми рекоа дека ќе се обидат, ќе видат дали има место, но не ме побараа дополнително, никогаш. Потоа се обидов во "Центарот за јавно здравје" во Скопје, исто не добив повратен одговор и на крајот се обидов и во Министерството за здравство, од каде ,исто така, не добив повратен одговор", ни кажа Матеј.

Тој ова лето дипломирал на уневерзитетскиот медицински центар во Холандија на одделот за епидемиологија, и има компетенции во научната работа од областа на епидемилогија, медицинска статистика, здравствени политики и глобално здравство.

Во моментов како дипломиран студент за медицински науки, Матеј работи хонорарно во невладина организација во Скопје. Вели дека повеќе нема желба да се обидува да бара работа во областа која му е специјалност во Македонија, наведувајќи го и примерот на својот пријател кој завршил медицински факултет на УКИМ, но се уште не го решил животното прашање .

"Сите искуства од моите пријатели ме демотивираа уште во почетокот да се обидам малку попупорно да најдам работа. Еден мој пријател кој има завршено медицина тука на УКИМ, потоа има работено за Брза помош, и потоа има дипломирано на универзитет во Лондон, на мастер програма по невро -наука, по враќањето овде исто не можеше да најде работа . Тој не работи ништо откако се врати од Лондон, а тоа е веќе две години", ни кажа Матеј.

До овие искуства на кои ни укажа младиот дипломиран студент по медицински науки , доаѓа во време кога поради пандемијата на корона вирусот и постојаниот пораст на број на пациенти во здравствените установи, потребите за лекари и медицински сестри се зголемени.

Од Министерството за здравство нема детални информации колкав број на здравствени работници и колку лекари во изминатиот период добиле работа во јавното здравство поради пандемијата.

Но, македонските здравствени власти постојано посочуваат дека ситуацијата е под контрола и дека болниците засега можат да го издржат напливот на заразени но и хронично болни кои имаат потреба од лекување. Граѓани на социјалните мрежи пак, реагираа дека тешко доаѓаат до преглед, а уште потешко до болнички кревет. На социјалните мрежи беше објавено видео од пациентка која ја прикажа гужвата пред тријажниот центар во една скопска болница.

Министерството: Од 50 млади невработени лекари 15 изразиле желба за работа

Радио Слободна Европа побара одговори од Министерството дали има доволно кадар за справување со пандемијата со оглед дека имаше и заминувања на работници во приватни болници, како и зошто има поплаки, како оваа на Матеј, дека не исконсултирани од институциите младите кадри кои имаат желба и искуство да помогнат.

Образложението на министерството е дека "секоја јавно-здравствена установа, како посебен правен субјект има право да склучува договори и да вработува лица согласно потребите на установата". Посочуваат дека за започнување на постапка за вработување неопходно е да се добие согласност од Министерствата за Финансии и за информатичко општество, а согласноста се добива ако се исполнети условите меѓу кои и распологање со слободни места за вработување. Дополнуваат дека за се скрати процесот, доколку е потребен дополнителен кадар за потребите на ЈЗУ, се ангажираат лица со договор за дело, на кои подоцна им се решава работниот статус.

Нема прецизни информации колку лекари добиле одобрување за работа, и колку од нив за одредено време, но во одговорот што РСЕ го доби од минситерството, се наведува дека "со оглед на обемот на работа кој го наметнува кризата, во изминатиот временски период активно се бараат дополнувања на медицинските кадри"

Информираат дека до министерот Венко Филипче, во ноември Агенцијата за вработување, доставила податоци за бројот на невработени лекари и оти станувало збор за околу 200 лекари - медицински сестри и друг здравствен персонал, на кои им било понудено вработување во ковид центрите низ државата.

Министерот се сретнал и со претставници на група лиценцирани лекари кои преку социјалните мрежи алармираа дека се невработени.

"Иако беше најавено дека се работи за 50 лекари, желба за работа изразија само 15 - сетина" наведуваат од министерството за здравство.

Дополнително понуда за вработување добиле и младите приватни специјализанти кои веднаш прифатиле да бидат ангажирани во ковид центрите на интерните клиники, како волонтери, додека трае постапката за вработување".

Млади лекари во првите редови против пандемијата, без трајно решение на работниот статус

Лекарите велат: Не сме виновни за лошото здравство
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:25 0:00

Во првите борбени редови во борбата против пандемијата во јавносто здравство се токму младите приватни специјализанти кои пак алармираа дека дежураат во екипи рамо до рамо со други лакари и медицински персонал, но оти и сега во време на пандемија не добиваат надомест за дежурства. Тие се фралаат во оган, но незадоволни се што и натаму немаат здравствено осигурување, а добиваат месечен хонорар од 26 илајди денари, без зголемувања иако се зголемуваа платите на медицинскиот персонал.

Асоцијацијата на млади лекари и специјализанти деновиве испрати отворено писмо до министерството барајќи решавање на овие проблеми кое не се нови, но се поургентни поради пандемијата.

Филипче: За здравствените политики клучни се младите

Министерот имаше средба со претставници на приватните млади специјализанти кои работат во ковид-центрите во Клинички центар, на која кажа дека Министертсвото и Владата отвориле можности секој млад здравствен работник својата иднина да ја гледа во јавното здравство во земјава и таквата политика ќе продолжи.

„Клучно за креирањето на здравствените политики е учеството на младите здравствени работници. Наша цел е да го решиме статусот на младите лекари во земја со трајно вработување“, рече Филипче.

Во овие тешки денови за македонското здравство учествуваат и студентите по општа медицина на Медицинскиот факултет од Скопје кои на епидемилозите им помагаат во изработка на анкети.

Дипломираниот студент по медицински науки Матеј вели дека вклученоста на подмладокот во борбата против пандемијата е во ред, но наведува оти тој би можел да даде многу повеќе, а дека идејата му била да помогне и да прифати ангажман за минимална плата.

"Студентите ги вклучија за спроведување на анкети. Во ред, би сакал и таму да помогнам, но мислам дека како дипломиран студент за медицински науки може многу повеќе да помогнам отколку во спроведување на анкети" ни рече Матеј.

Неуспехот да најде работа ,во меѓувреме, го потикна својата борба да ја продолжи во Холандија каде очекува дека многу побргу ќе има можност да им помага на пациенти, а во меѓувреме и да се доусовршува.

"Плановите ми беа да се вратам во Холандија за да ја завршам втората фаза од студиите - мастерот со тоа што планирав да земам една година и половина пауза и да работам во тој период во државава и да помогнам, но затоа што не успев да најдам ништо што би ме задржало овде, ќе одам порано од што планирав назад во Холандија, за да завршам со втората фаза од студиите" ни изјави Матеј.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG