Достапни линкови

Од министри и директори до советници на Заев


Влада на Република Северна Македонија

Засега во кабинетот на премиерот Зоран Заев има 29 советници и 7 надворешни соработници. Листата е збогатена за 7 имиња, а повеќето се поранешни директори и министри. Вкупно за сите месечно за плати се издвојуваат по два милиони денари.

Листата на советници на премиерот Зоран Заев се збогати за седум имиња, а меѓу нив има поранешни министри и директори. За услугите на сите советници и за надворешните соработници, месечно се издвојуваат по речиси 2 милиони денари или 26.460 илјади евра. Највисока плата изнесува над 74 илјади денари, а најголем дел од нив земаат по 55.268 денари.

Новите советници сега им прават друштво на останатите дваесет и двајца и вкупно се 29 на број, а канцеларијата на Заев брои 66 лица. Од нив дополнително 11 се државни советници, а останатите се раководители, помошници на раководителите и соработници, кабинетски службеници, како и шефот и заменик шефот на канцеларијата и секретар и помошник секретар за мониторинг и поддршка на институциите при реализација на програмата за работа на Владата. Но, нивните месечни примања не се објавени. На седумината надворешни соработници платите се движат од 35 до 50 илјади денари.

Голем дел од нив го советуваат премиерот за области за кои има цели министерства, како на пример за администрација, транспорт и врски, надворешни работи, локална самоуправа, труд и социјална политика, како и за земјоделство и економски прашања. Ист е случајот и со надворешните соработници.

Миша Поповиќ од Институтот за демократија вели дека голем дел од она што треба да го работи Генералниот секретаријат на Владата всушност го работат луѓе кои што се во кабинетот на премиерот.

„Тоа е некоја одлука за организација на работата којашто може да има свои добри, но и лоши страни. Добрата страна е подобра комуникација и организација со премиерот. Меѓутоа, лошата страна секако е зголемување на администрацијата и дуплирање на некои ресурси, односно потреба подобро да се организира работата на кабинетската служба визави ресурси коишто постојат во Генералниот секретаријат и во другите министерства“, вели Поповиќ.

На листата има стари имиња, кои беа советници и во претходниот мандат. Некои од новите имиња пак во минатото извршуваа други функции. Поранешниот министер без ресор Аксел Ахмедовски е советник за решавање на правни прашања и постапки, а екс министерот за дијаспора Едмонд Адеми е советник за надворешни работи. Екс Директорот на „Македонски шуми“, Зоран Ѓорѓиев и на Агенцијата за храна и ветеринарство, Зоран Атанасов остануваат во својот сектор, но сега се советници. Првиот човек на акционерското друштво за аеродормски услуги Виктор Петрушевски сега е советник за локална самоуправа.

Листа на советници на премиерот Зоран Заев
Листа на советници на премиерот Зоран Заев

Професор Арсим Синани, од Центарот за меѓународни студии и балкански истражувања вели дека со изборот на советници не треба да се задоволуваат нечии потреби и тие да се ангажираат само во области кои се навистина потребни.

„Во време на пандемија би требало подомаќински да се менаџира буџетот и треба да се мисли не само на здравјето на граѓаните, туку и потребите кои граѓаните ги имаат во оваа ситуација. Потребно е тимот кој ќе работи во кабинетот да е тим на експерти.

Пoповиќ додава дека на листата има доста стручни лица и со претходно искуство. Но, според него, прашање е дали одредени категории на советници се важни во моментов.

„Особено заради тоа што Владата би требало да има некои приоритети и таму да има постојано вработени советници, а некои позиции да бидат времено ангажирани и на волонтерска основа. Вака изгледа дека практично за секој ресор на работата на Владата премиерот има советник, односно за поголемиот дел од ресорите. Што укажува дека советниците не се бирани по тоа дека ќе се екипира кабинетот за советници за најважните подрачја каде ќе се стави акцент на работата на Владата. Мислам дека тука треба да се оптимизира повеќе работата во иднина. Тоа што е добро е дека имаме намалување на советници коишто се ангажирани за да се задоволат изборни ветувања или она што се нарекува ухлебување“, смета Поповиќ.

Поголема беше бројката на советници во минатиот мандат на Владата на Заев. Во 2019 година премиерот имаше 63 советници. Најголем дел од нив беа надворешни советници или 39 на број.

Пред некој месец, во октомври, минатата година опозициската ВМРО-ДПМНЕ го обвини Заев дека среде пандемија и економска криза, се „луксузира со скапо платени советници“, на што од СДСМ одговорија дека поранешниот премиер Никола Груевски имал 91 советник кои годишно чинеле по 1,73 милиони евра.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG