Достапни линкови

Кои се луѓето на премиерската соработничка листа?


Архивска фотографија- премиерот Зоран Заев

Листата на советници, посебни советници и надворешни соработници на премиерот Зоран Заев содржи имиња на вкупно 56 луѓе. Упатените велат дека на јавноста треба да и се објасни зошто токму тие се ангажирани и кои се нивните квалитети. Меѓу нив има и контроверзни личности.

Личности од регионов, познати експерти, професори, партиски лица има меѓу 33 надворешни соработници на премиерот Зоран Заев. Според списокот кој го доби Радио Слободна Европа таа всушност е и најбројната категорија соработници на премиерот. Како посебни советници се водат 13 луѓе, а како советници десет.

Се наметнува дилемата дали треба да се разговара за должината на списокот на надворешни соработници или за квалитетот на луѓето кои се најдоа на него, смета Марко Панковски од Институтот за демократија Социетас Цивилис.

Обемот не би бил толку спорен ако тие луѓе исполнуваат критериуми, додава тој.

„Имајќи го предвид делумно контроверзниот карактер на некои од тие назначувања прашањето е дали тие се најмуваат да советуваат или тоа им е еден вид награда за претходен ангажман. Овие прашања треба да и бидат одговорени на јавноста“ вели Панковски.

Од владата претходно објаснија дека категоријата надворешен соработник, претставува ангажман на лица, според лична одлука, во случајов на премиерот Заев и истиот ангажман како што наведуваат не предвидува објавување на оглас бидејќи не станува збор за вработување туку ангажман со времен рок. Таков ангажман имаат неколку личности од регионов, а за дел од нив постојат и контроверзии.

Разрешени српски функционери, советници во Македонија

Надворешниот соработник за економски прашања Зоран Башановиќ е познат во српската јавност како поранешен менаџер на тамошните естрадни ѕвезди, член на управниот одбор на фудбалскиот клуб Црвена ѕвезда, како и поранешен партиски соработник на актуелниот претседател Александар Вучиќ. Подоцна односите со него се заладуваат, а како што пишуваат српските медиуми Башановиќ сега е медиумски советник на претседателот на Народната партија Вук Јеремиќ.

Александар Обрадовиќ, надворешниот советник за економски прашања за соработка на Македонија со земјите од регионот, пак, е поранешен директор на Електростопанство Србија. На таа функција е до 2016 година, кога Вучиќ, тогаш како премиер го смени од директор. Официјалното објаснување беше дека со купувањето на два автомобила ауди ги прекршил мерките за штедење на владата. За него, како што пишуваат дел српски медиуми, се поврзуваат повеќе афери, меѓу кои и тоа дека фаворизирал одредени компании за купување струја.

Уште еден поранешен директор во Србија е надворешен соработник на македонскиот премиер. Љубомир Шубара бил прв човек на Агенцијата за приватизација, а е разрешен 2015 година поради, како што тврдеше српската влада, пропусти во работењето. На Заев му е соработник за финансии, банкарство и инвестиции.

И Зијад Беќировиќ е познат во регионов како директор на љубљанскиот институт ИФИМЕС. Тој му е надворешен соработник на македонскиот премиер за економски прашања и земји од регионот.

Партиски луѓе, премиерски советници

Меѓу надворешните соработници е и Миле Зечевиќ, на кој му е дадена областа адвокатски услуги. Тој во моментов е организациски секретар на СДСМ. Соработници на Заев му се и претседателот на Српската напредна странка Драгиша Милетиќ и Џабир Доко, претседател на младината на Партија за движење на Турците. Првиот на темата меѓуетнички односи и соработка меѓу заедниците, а вториот за комуникација со медиуми и односи со јавност. Премиерот има уште еден соработник на тема комуникации и односи со јавност- новинарот во струмичката телевизија ВИС и писател Ѓорѓи Калајџиев.

Во оваа група од 33 советници е и Џезаир Шаќири кој деновиве предизвика внимание во јавноста. 53 годишниот Шаќири , поранешен пратеник во Собранието, кој стана познат по тоа што пред десетина години тврдеше дека држи под контрола неколку села на Скопска Црна Гора и дека ОНА се мобилизира е надворешен соработник од областа на внатрешната безбедност и борба против радикализмот.

Некои, пак, од надворешните соработници на премиерот се непознати за јавноста, а и нема многу информации за нив. Од познатите пак во тимот се и поранешниот министер во неколку влади од редовите на ДУИ Фатмир Бесими, архитектот Мирослав Грчев, аналитичарите Мерсел Биљаљи и Исмет Рамадани, професорот од Правниот Факултет Ванчо Узунов.

Покрај надворешните соработници Заев има и 13 посебни советници и десет советници. Посебен советник за странски инвестиции е претседателот на Обединети за Македонија Љубе Бошкоски. Одлуката за неговото именување предизвика негодувања во јавноста, која го покрена прашањето кои се неговите квалификации за областа - привлекување странски инвестиции. Посебните советници се бираат на јавен оглас а претседателот на Владата има право да вработи по еден посебен советник за секој ресор на Владата.

Поранешниот премиер Никола Груевски, како што соопшти летоска министерот за информатичко општество Дамјан Манчевски, имал 86 советници. Ако се соберат советниците, посебните советници и надворешните соработници на актуелниот премиер тогаш тој во моментов соработува со 56 луѓе. Манчевски денеска рече декабројот на советниците е значително помал за разлика од порано, а дел од нив се ангажирани без никаков финансиски надоместок.


  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG