Достапни линкови

Министерството за здравство платило брзи тестови по тројно повисоки цени


Доктор по земен брис го става примерокот за тестирање

Наместо по околу 1000 денари, еден тест чинел по 3500 денари

Секој граѓанин што ќе почувствува симптоми на ковид-19 веднаш помислува да закаже тестирање. Но, најтешкиот дел од целиот процес е чекањето резултати. Неизвесноста може да трае ден, два или да се сведе само на неколку часа, бидејќи времето за да се утврди дали некој е позитивен или негативен, зависи од видот на тестот за детектирање на заразата. Стратегијата на државата за тестирање од почетокот на пандемијата претрпе измени. Од ПЦР тестови кои се користат од март, до брзите тестови кои за прв пат беа официјално воведени во ноември на неколку пунктови низ Скопје, а потоа и низ земјата. Целта беше да се скрати неизвесноста со која се соочуваа тестираните лица, а здравствените власти поефикасно да се справат со пандемијата.

При крајот на јуни за прв пат беа набавени ПЦР тестови, но за брза дијагностика на ковид-19 кои даваат резултати за околу 30 минути. Тестовите, 1000 на број, беа наменети за потребите на Институтот за јавно здравје, Инфективната клиника и Гинеколошко акушерската клиника. Набавката на еден тест чинела 3551 денар или 58 евра. Но, иако овие тестови Министерството за здравство можело да ги набави за 1000 денари или 17 евра по тест за нив платило речиси три и пол пати повеќе.

Зошто тестовите биле повеќе платени, министерството има одговор, но, доколку се избрал поинаков пат за нивната набавка ќе се заштеделе илјадници евра. Наместо директно преку тендер, министерството најпрвин требало да се обрати до главниот производител, но, таквата можност останала неискористена.

Генексперт платформа, Цефајд и Биомедика Дијагностика

Се работи за тестовите Xpert Xpress SARS CoV-2, апликативни на Genexpert платформата развиена од американската фирма Цефајд која е позната на светско ниво и долги години се користи за откривање на болести како туберколоза, ебола и ХИВ, а во последно време и за ковид-19.

Министерството за здравство донело одлука конкретно ваквите тестови да ги набави преку тендер, а договорот на 26 јуни го добила единствената пријавена фирма Биомедика Дијагностика, која всушност соработува со американскиот производител. Набавката на тестовите со ДДВ чинела 57.752 евра или 3.551.800 денари. Додека дополнително за 1000 брисеви по цена од 106 денари со ДДВ биле издвоени 1727 евра.

Прифатливи цени за тестови за земји како Македонија

Со цел тестовите за најразличните инфекции да бидат достапни за сиромашните,неразвиените и земјите во развој, Цефајд во 2011 ја започнала ХБДЦ програмата. Прифатливите цени се утврдени од страна на нејзината партнерска организација Фондацијата за иновативна нова дијагноза ФИНД.

Листа на земји на кои е и Македонија за набавка на тестови за ковид-19 по утврдената цени.
Листа на земји на кои е и Македонија за набавка на тестови за ковид-19 по утврдената цени.

„Преку програмата ХБДЦ, брендот Цефејд станува познат на пазарите во развој, додека ги прошируваме нашите комерцијални активности надвор од САД и Европа“, се наведува во описот на програмата на интернет страницата на фирмата.

На листата меѓу 145 земји со низок или среден приход, како што се навдува во описот, кои може да аплицираат за програмата, се наоѓа и Македонија. Утврдената цена за набавка на посочените тестови е 19,8 долари или 17 евра.

Листа на цени за набавка на тестови по утврдени цени, меѓу кои и за ковид-19.
Листа на цени за набавка на тестови по утврдени цени, меѓу кои и за ковид-19.

Како се одвивала набавката

Но, Министерството за здравство и покрај можноста тестовите да ги набави по оваа цена, на тендер ги платило значително повеќе. На прашањето зошто, од министерството најпрвин велат дека испратиле покана до 90 компании, а на тендерот се јавила само фирмата Биомедика Дијагностика ДООЕЛ.

Била прифатена понудената сума за тестовите, бидјеќи, како што посочуваат од министерството се издејствувала пониска цена од првичната цена дадена на тендерот. Фирмата ги намалила побарувањата за 90 илјади денари или помалку од 1500 евра.

„Биомедика Дијагностика ДООЕЛ, како што веќе ве информиравме, беше единствената фирма која се јави на тендерот. Почетната цена која ја понуди оваа фирма за 1000 теста, беше 3.100.000 денари, со преговори цената на тестовите ја спуштија на 3.010.000 денари, од кои за „стапчиња“ за брисеви од првичната 140.000 денари, цената ја спуштија на 90.000 денари. За 1000 тестови беше беше постигнат договор од сума од 3.010.000 денари“, наведуваат од Министерството за здравство.

Биомедика дијагностика, инаку, е поддружница на истоимената фирма Биомедика со седиште во Виена, Австрија, која е формирана во 1978 година, а со бизнис активности во регионот започнала наредната година во Бугарија, Полска, Романија и Унгарија. Во 2014 година се проширува со 12 поддружници и во земјите од Југоисточна Европа.

Зошто била заобиколена програмата ХБДЦ вината од Биомедика Дијагностика ја лоцираат кај министерството. Оттаму појаснуваат дека само државните институции може да аплицираат за директно да ги набават тестовите од американскиот производител по прифатливи цена, а не нивната фирма и покрај тоа што е дистрибутер.

„Согласно на тоа, ако нашата земја е категоризирана како таква, само таа има право на бенефитот да набавува тестови по крајно бенефицирани услови и цени. Ние како фирма немаме пристап до овие програми и доколку државната институција од било која причина (неможност да плаќа авансно, немање регистрациско решение, немање служби за увоз или слично) не замоли да ускокнеме и направиме услуга постапката да се изреализира. При тоа ние се обраќаме до производителот, кој барањето го проверува и одобрува и написмено ни дава можност да набавуваме тестови по таа цена кои сме обврзани по истата и да ги продаваме“, велат од фирмата.

Од тие причини, како што посочуваат од Биомедика Дијагностика на тендерот биле понудени комерцијални цени.

„Затоа, ние договорот сме го изреализирале со комерцијална цена која е унифицирана на ниво на нашата земја и е валидна за цело време на траење на пандемијата“, велат од компанијата.

Дека можело поинаку говори и искуството од минатото кога Министерството за здравство преку програмата ХБДЦ аплицирало за набавка на опрема и тестови за туберколоза, а како што велат од Бијомедика Дијагностика во тој случај бараните производи биле обезбедени по утврдени и прифатливи цени.

Зошто тестови не биле набавени директно преку програмата?

Оправдувањето на Министерството е дека во случајот само земји кои се во категорија на високо ризични може да имаат бенефит, односно да набавуваат тестови по поволни услови преку програмата ХБДЦ.

„Нашата земја во период мај/јуни била во групата неризични земји, односно според СЗО трендот на заразување бил стабилен. Трансмисијата на болеста се одвивала во форма на кластери и немало локално пренесување на вирусот. ПЦР тестовите беа набавени поради крајна итност, односно за пациенти кои имаа потреба од пружање на здравствена заштита по редовните програми (операции, породување, хоспитализација, и сл.)“, додаваат од Министерството.

Но, листата на земји со утврдените цени е направена на крајот во март кога и започна пандемијата далеку пред да се распише тендерот. Македонија се наоѓа на неа бидејќи е земја во развој, а не поради тоа колку заболени имала или како се одвивала ковид кризата. На пример на листата ги нема Италија или Шпанија кои беа најпогодени од ширењето на заразата на самиот почеток на пандемијата, но тие спаѓаат во развиени земји.

Доколу Министерството и овој пат како и претходно ги искористило поволностите кои му биле достапни преку програмата би се обезбедиле тројно повеќе тестови, односно над 3000 или би заштедиле пари.

И 19,8 долари прескапо за тест?

Според истражувањето на организацијата „Доктори без граници“ фирмата Цефајд и со цена од 20 долари го наплаќа тестот 4 пати поскапо. Истражувањето покажало дека фирмата ќе оствари профит и ако ги продава тестовите по 5 долари, а со тоа се обезбеди поголем пристап до брзите тестови во светот, особено на сиромашните земји.

„Додека земјите се борат да се справат со сомнителните случаи на ковид-19, да се направи точен, брз, дијагностички тест е од суштинско значење за навремено лечење на заболените од вирусот, со цел да се справиме со оваа пандемија. Толку многу животи може да се спасат ако корпорации како Цефајд го направат тестот достапен итно и поволно во сите земји“, изјавил доктор Грег Елдер, медицински координатор за кампања за пристап на Доктори без граници.

Оттаму додаваат и дека фирмата го развила тестот благодарение на финансирањето од 3,7 милиони долари од страна на американската Влада. Во март годинава, фирмата доби дозвола од американската Агенција за храна и лекови ФДА за користење на тестот.

Брзи тестови, поинакви цени

Тестовите на Цефајд по истата цена од 19,8 долари се достапни и преку Глобалниот фонд за СИДА, туберколоза и маларија, а сега и за ковид-19. На листата има уште една американска компанија Абот која исто така им е позната на здравствените институции во земјава. Утврдената цена на тестовите од Абот изнесува 5 долари, но сепак Македонија не е меѓу земјите на кои им е достапен фондот.

Причината, зошто Македонија не аплицирала за фондот, од министерството велат дека лежи во тоа што земјата не спаѓала во високо ризични земји, односно и е падната инциденцата. Но, Македонија има поголема бројка на заболени на милион жители за разлика од соседните земји кои аплицирале, како Албанија на која за зајакнување на националниот одговор на кризата преку фондот и се достапни околу 100 илјади долари наменети за тестови, а на Србија пак нешто над 75 илјади долари.

Тест за Ковид 19, па во авион
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:38 0:00

Брзи антигени тестови на Абот во земјава завршиле преку Здравствениот дом Скопје кој во октомври ги набавил на тендер. За 4000 тестови институцијата на македонската фирма „Фармахем“ и платила 2.100.000 денари или 34.146 евра. За еден тест биле наплатени по 525 денари со ДДВ или 8 и пол евра. Тоа значи двојно повеќе од 5 долари по тест и во услови кога за разлика од Министерството за здравство на Здравствениот дом Скопје не му бил достапен Глобалниот фонд.

Иако Здравствениот дом Скопје бил принуден да ги купи тестовите по комерцијални цени, сепак сумата не е толку повисока, како онаа која му била понудена и била платена од страна на Министерството за здравство.

Во меѓувреме, и приватните лаборатории и болници воведоа брзи тестови. Доколку граѓаните во најкраток рок сакаат да дознаат дали се заболени од ковид-19 и притоа да си платат од свој џеб ќе поминат поевтино од Министерството за здравство.

Брз молекуларен тест како тој на Цефајд во една од приватните лаборатории во Скопје чини 2400 денари. Додека брз антиген тест како тој на Абот е 1200 денари.

Со ребаланост на буџетот неодамна се обезбедија околу 40 милиони денари за набавка на 100 илјади брзи тестови, а од Министерството за здравство велат дека постапката е во тек.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG