Достапни линкови

Собранието треба да гласа за ЈО, Советот на јавни обвинители и за Законот за одбрана


Собрание на РСМ.

Откако беше исцрпена листата на пријавени за збор на 135 собраниска седница за Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за советот на јавни обвинители, претседателот на Собранието Талат Џафери констатираше дека општиот претрес по предлог-законот е завршен.

По завршувањето на 135 седница, пратениците веднаш ја почнаа 123. седница, на која на дневен ред беше ставен Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за одбрана, но по исцрпувањето на листата пријавени за збор и за овој закон, претресот беше завршен, а гласањето закажано исто така за во недела во 11 и 30 часот.

Претседателот на Собранието Талат Џафери откако беше завршен општиот претрес за законот за советот на јавни обвинители, истакна дека поради фактот што донесувањето на овој закон е тесно поврзан со донесувањето на претходно разгледуваниот Предлог-законот за Јавно обвинителство, денеска „нема да се спроведе постапката за гласање“, иако како што посочи, има услови за изгласување на овој законот.

„Нема смисла да се изгласа и донесе овој закон доколку по однос на претходната точка не е законот изгласан. Поради тоа гласањето за оваа точка ќе се одржи по гласањето за првата точка. Според таа причина, тука ја прекинувам работата со оваа седница и со истата продолжуваме во недела во 11 часот“ рече Џафери.

По расправата за измените на Законот за одбрана, Џафери ја прекина седницата, откако рече дека бидејќи не се поднесени амандмани за законот, кој се донесува со двотретинско мнозинство, гласањето по точката ќе се одржи на неделната седница во 11 и 30 часот.

Инаку, тензично почна расправата на 135. Собраниска седница за Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за советот на јавни обвинители, слично како и вчерашната на која се расправаше за Предлог-законот за јавно обвинителство.

Пратениците на опозицијата зборуваа дека овие закони се селективни и оти со нив треба да овозможи да бидат спасени од правото и правдата претставниците на актуелната власт, особено лидерот на СДСМ Зоран Заев, но тие велеа и дека Македонија е земја на неправдата и корупцијата и оти е станата мафијашка држава. Тие упатуваа и забелешки дека предлагач на Законот за советот на јавни обвинители е заменик-министерот за локална самоуправа, што според нив е несоодветно.

Претеникот на ВМРО-ДПМНЕ Трајко Вељаноски рече дека Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за советот на јавни обвинители е поврзан со Предлог-законот за јавно обвинителство, а дека тој е селективен бидејќи, како што рече, со Членот 110 треба да се заштити само една групација во земјава.

Тој додаде дека ниту еден закон не може да спаси никого доколку направил прекршување на законите, обраќајки им се на претставниците на власта, дека со промена на власта „нема да може ништо да ве спаси.“

Според пратениците кои се дел од владејачкото мнозинство, целта на законот е да се зголеми професионалноста на членовите на Советот на јавни обвинители. Но, пратениците на опозицијата сметаат дека предлог-законот не е добар.

Пратеникот на ВМРО-ДПМЕ Илија Димовски изјави дека овој закон го „напишала мафијата“ за да селектира свои кадри во Обвинителството и со тоа да се „амнестираат главите на мафиите“ во земјава. Со законот, според Димовски, треба да се обезбеди да не се отворат низа случаи за криминал поврзани со функционери на актуелната власт предводена од СДСМ.

Јагода Шахпазка од СДСМ реплицираше дека со Предлог-законот за јавно обвинителство сите предмети на СЈО ќе преминат во Јавното обвинителство и дека тоа бил главниот проблем за опозицијата.

Никола Мицовски од ВМРО-ДПМНЕ изјави дека Предлог-законот за јавното обвинителство е неуставен и со кој Заев ќе успее правно да регулира одредени сегменти за да се заштитат од „сите злодела“ кои ги направиле во овој период.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Влатко Ѓорчев рече дека во земјата нема правда, бидејќи досега лидерот на СДСМ Заев трбал „100 пати“ да даде оставка, додавајќи дека магазинот Економист констатирал дека во земјава има „хибриден режим.“

„Македонија е земја на неправдата и корупцијата каде што дрма Вице Заев, луѓе блиски до Заев добиваат лиценци за марихуана, а Македонија е станата мафијашка држава. Ова е спрега на политиката, власта и мафијата во Македонија и ова никогаш се нема случено“, рече Ѓорчев.

Претседателот на Собранието Талат Џафери вчера доцна синоќа ја прекина оваа 135. седницата на која заврши расправата за Предлог-законот за јавно обвинителство, без за него да се гласа и соопшти дека гласањето ќе се спроведе кога ќе се обезбеди потребното мнозинство.

За донесувањето на Законот за јавно обвинителство потребно е да гласаат 80 пратеници, однсоно со двотретинско мнозинство.

За денеска беше закажана и 123. седница, која пратениците веднаш ја започнаа по завршувањето на 135. седница, а на која на дневен ред е ставен Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за одбрана и уште триесетина закони, меѓу кои и измените на Изборниот законик.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG