Достапни линкови

Од реновирање на Кремљ до катни гаражи во Чаир


Косовската фирма Мабатекс најави инвестиција од 50 милиони евра во скопски Чаир. Таа најголемиот дел од проектите ги изведувала во Казахстан и во Русија
Косовската фирма Мабатекс најави инвестиција од 50 милиони евра во скопски Чаир. Таа најголемиот дел од проектите ги изведувала во Казахстан и во Русија

Локалните власти најавија решавање на проблемот со паркингот во Чаир преку изградба на катни гаражи во соработка со компанијата Мабетекс на контроверзниот косовски бизнисмен Беџет Пацоли. Неговата компанија во 90-тите го реновираше Кремљ, за што имаше сомнежи за корупција. Компанијата најмногу соработува со казахстанските власти.

Контроверзен косовски бизнисмен со врски во Русија ќе инвестира во изградба на катни гаражи во скопски Чаир, најавија локалните власти пред избори. Станува збор за 12 катни гаражи со над 3 илјади паркинг места кои треба да ги изгради фирмата Мабетекс, која е основана од косовскиот бизнисмен Беџет Пацоли, кој е и поранешен косовски министер за надворешни работи, a кусо време беше и претседател. Оваа фирма, која најголемиот дел од проектите ги изведувала во Казахстан и во Русија, треба да инвестира 50 милиони евра во изградба, по што ќе стопанисува со нив.

Антикорупционери реагираат дека е забрането почнување на вакви проекти во предизборен период, додека жителите на Чаир кои ги анкетиравме гледаат на најавата само како на предизборен маркетинг. Тие се жалат дека паркингот во нивната општина е стара болка, а ниту еден градоначалник досега не го решил. Градоначалникот и досега ветуваше решавање на проблемот со паркингот, велат тие.

„Мислам дека е политички маркетинг, погледнете не може да поминеме пешки, ако може да направат врз зградите едно 15 ката нагоре над зградите и со хеликоптер да ги симнуваме колите, може ќе има паркинг“, вели Томе Додевски, жител на Чаир.

„Нема паркинзи, еве каде ги оставаат на тротоар, какви партии, сè тоа се ајдуци, каде ќе ги прават, ќе треба да рушат во Чаир за да прават паркинзи“ вели Ејуп Лесковица жител од Чаир.

Откако беше соопштено дека актуелниот градоначалник на Чаир Висар Ганиу ќе се бори за втор мандат, тој најави решавање на проблемот со паркингот во општината во соработка со компанијата Мабетекс на Пацоли.

„Извонреден проект што ќе донесе за Општина Чаир повеќе места за паркирање, зеленило, рекреативни и спортски објекти и што на крајот ќе го подобри животот на нивните граѓани и ќе ги трансформира јавните простори за поголем економски развој, поголем туризам и повеќе вработувања“, се вели во соопштението на објавено на веб страната на фирмата Мабетекс.

Поранешниот антикупционер Ариф Муса смета дека по распишување на локалните избори недозволиво е најавување на инвестиции, затоа што тоа спаѓа во предизборен маркетинг.

„Антикорупциска комисија има можност тоа да го спречи, или барем да ги казни таквите настапи на сегашните градоначалници. Ги направија хаос градовите и Скопје, и Чаир и Тетово. Во последниве месец дена, и во време на кампањата само се гради. Тоа се нелегални работи, тоа се незаконски нешта“, вели Муса.

На настанот на скопскиот плоштад „Скендер бег“, каде што беше промовирана инвестицијата, присуствуваа и скопскиот градоначалник Петре Шилегов кој ќе бара уште еден мандат од скопјани. Од Владата во придружба беа и вицепремиерот Фатмир Битиќи од СДСМ, како и првиот вицепремиер Артан Груби и министерот за економија Крешник Бектеши кои се дел од владејачката ДУИ, чиј член е и чаирскиот градоначалник Висар Ганиу.

Клучно прашања е дали е ова само предизборен маркетинг бидејќи не е познато каде би се граделе овие 12 гаражи, кога градоначалникот во претходната изборна програма најави план само за 4 катни гаражи.

На претходните локални избори во 2017 година актуелниот градоначалник, тогаш како кандидат, ветил дека во текот на неговиот мандат ќе го реши проблемот со паркингот што не го решил неговиот претходник. Тој во програмата, која е објавена само на албански јазик, посочува дека за изградба на четири катни гаражи е предвидено општината да одвои 18,8 милиони евра, што во просек би значело дека една катна гаража може да чини околу 4,7 милиони евра.

Во предизборната програма беше посочено дека тие четири катни каражи ќе бидат изградени во близина на трговскиот центар „Чаирчанка“, потоа две на Битпазар и една подземна кај плоштадот Скендер бег.

„Една од тие локации е и Плоштадот „Скендербег“, изјави градоначалникот на Општина Чаир, Висар Ганиу по потпишувањето на меморандумот.

Останува не одговорено дали и тие се законски одобрено со ДУП. До објавувањето на овој текст не добивме одговор од градоначалникот Висар Ганиу. На новинарското прашање на промоцијата на инвестицијата, зошто досега не е решен проблемот со паркинзи во општината, Ганиу рече дека причината лежела во бирократските процедури.

„Јас спомнав неколку пати дека гаражите досега беа заборавена работа, доколку навремено поминеа ДУП-овите, што не зависеше само од работата на Чаир, туку и од Град Скопје, како и од Министерството за транспорт и врски, и во тој правец јас не спиев, постојано се боревме за постигнување на таа цел“, рече Ганиу.

Во најавата за инвестицијата е посочено дека ќе бидат изградени 12 катни гаражи во вкупна вредност од 50 милиони евра, што во просек би значело една гаража ќе чини 4,1 милион евра. Фирмата на поранешниот косовски претседател Пацоли по изградбата ќе стопанисува со катните гаражи.

Пацоли беше осомничен за корупција за реновирањето на Кремљ

Радио Слободна Европа ги истражуваше конекциите на Пацоли со руските и казахстанските власти и начинот на кој неговата фирма добивала тендери за изградба и реконструкција на владини палати, концертни сали и аеродромски терминал во казахстанскиот главен град Нур-Султан, порано познат како Астана.

Пацоли е и почесен граѓанин на Нур-Султан. Тој е роден во Косово, има и швајцарско државјанство, и наводно е најбогатиот Албанец во светот. Тој е сопственик на мултимилионскиот градежен гигант Мабетекс со седиште во Лугано, Швајцарија.

Градежниот бизнис на Пацоли стартуваше во раните 1990-ти, кога тој почнал да работи на проекти во далечниот источен руски град Иркутск. Во тоа време, градоначалник на Иркутск бил Павел Бородин. Во 1993 година, Бородин станал шеф на канцеларијата за имот во Кремљ за време на претседателот Борис Елцин.
Тогаш на компанијата Мабетекс ѝ беа доделени договори за реновирање на Кремљ, претседателска резиденција и главните згради на владата, Думата, Советот на Федерацијата и Ревизорската комора.

Подоцна против Пацоли и неговата компанија беше отворен предмет во руското обвинителство во 1999 година поради сомнеж за корупција за време на мандатот на Елцин.

Истрагата против него и Бородин траеше речиси три години. Бородин беше уапсен во Њујорк во 2001 година, но подоцна беше ослободен.

Веднаш потоа беше отворена истрага и во швајцарското обвинителство под сомнеж за перење пари, организиран криминал и коруптивни дејства односно дека градежната компанија ги добила договорите во Кремљ поради исплата на милиони долари на сметката на Елцин во унгарска банка, но и на други руски претставници.

Според швајцарските власти, ќерките на Елцин користеле кредитни картички издадени од компанијата. Случајот против него беше затворен во 2002 година, откако Русија одби да ги објави клучните документи, односно обвиненијата паднаа затоа што Русија одби да соработува и да испрати докази.

Косовски политичар со главен бизнис во Казахстан и Русија

Компанијата Мабетекс на својата официјална веб страница посочува дека работи на проекти во Казахстан и Русија. Во своето градежно портфолио, како завршени проекти, ги посочува Националниот неокласичен театар во Казахстан, класичен театар за опера и балет, резиденцијата на казахстанскиот претседател во Нур-Султан, како и реконструкција на резиденцијата на рускиот претседател Владимир Путин во Москва.

„Резиденцијата на претседателот на Казахстан беше дизајнирана, изградена, украсена, наместена и опремена и предадена со клуч на рака од страна на групацијата Мабетекс. За оваа работа, единствена во својот вид, компанијата Мабетекс доби големо признание. Оваа зграда ја содржи најмодерната инфраструктура и е дизајнирана во традиционален стил, претставува симбол на новата Република Казахстан. Еден од најголемите симболи на достигнувањата на Мабетекс во Казахстан е изградбата на резиденцијата на претседателот“, се вели во портфолиото на фирмата објавено на нивната веб страна.

Фирмата на Пацоли сега работи на изградба на Саранда ВИП село во казахстанската престолнина Астана која сега го носи името Нур-Султан по поранешниот претседател Нурсултан Назарбаев. Станува збор за станбена област поделена во три зони. Фирмата треба да изгради 137 вили и над 200 градски куќи, се наведува на сајтот на компанијата. Ова е проект на претседателот на Казахстан.

Пацоли е косовски политичар и бизнисмен кој беше и првиот вицепремиер и министер за надворешни работи во период од 2017 до 2019 година во владата на Рамуш Харадинај. Пацоли кусо време во 2011 беше и претседател на Косово. Тој е и еден од потписниците на прогласување на независност на Косово во 2008 година.

Неговата фирма Мабатекс група е инженерско-градежна компанија која е специјализирана за цивилно и индустриско планирање. Основана е во 1991 година од Пацоли и група инженери со седиште во Лугано, Швајцарија. Мабатекс има 18 подружници ширум светот.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG