Достапни линкови

Разрешувањето на Мизрахи го пензионира Пржинскиот модел на влада


Илустрација: Седница на Владата

Моделот на Пржинска влада не може да биде системско решение, покажува разрешувањето на министерката за труд и социјала Рашела Мизрахи. Тоа ја отвора можноста некое друго парламентарно мнозинство во иднина да ги разреши сите министри и заменици кои доаѓаат по предлог на опозицијата.

Разрешувањето на министерката за труд и социјала Рашела Мизрахи покажува дека моделот на Пржинска влада не функционира и треба да се размислува за негово укинување. Поранешниот пратеник Насер Зибери и професорката Мирјана Најчевска велат дека тој модел бил резултат на тогашните околности и требало да биде ад-хок решение само за парламентарните избори во 2016 години, но оти тоа не може да биде системско решение.

Моделот на Пржинска влада беше договорен меѓу власта и опозицијата во 2015 година, под покровителство на меѓународната заедница, како модел за излез од тогашната политичка криза. Тој модел предвидува на 100 дена пред изборите да се формира влада со друг премиер од мнозинството во која опозицијата ќе ги добие министерствата за внатрешни работи и за труд и социјала, како и заменици министри за земјоделство, финансии и информатичко општество и администрација.

Поранешниот пратеник Насер Зибери вели дека моделот бил наметнат од тогашните околности, но тоа не може да опстои како системско решение.

„Разрешувањето на Мизрахи од Министерството за труд и социјала само отвора простор секое идно мнозинство да го повторува истото и ќе се покаже дека таа одредба не е применлива. Впрочем, таа одредба беше наменска за тој период, но актуелното парламентарно мнозинство, не знам од кои причини, тоа го сврсти како трајно решение во Законот за влада и во Изборниот законик“, вели Зибери.

Професор Мирјана Најчевска вели дека тој модел требало да важи само за изборите во 2016, а не да се наметне како системско решение.

„Во моментов, со постоењето на ваков вид формирање преодна влада пред изборите всушност признаваме или претпоставуваме дека институциите не си ја вршат работата како што треба, дека немаме соодветни заштитни механизми кои може да обезбедат фер и демократски избори и дека едноставно не сме зрели на нормален начин да се изврши пренос на власта“, вели Најчевска.

СДСМ не ги призна изборните резултати во 2014 и ја бојкотираше работата на парламентот. Во 2015 година, тогаш како лидер на опозицијата, Зоран Заев почна да ги објавува нелегално прислушуваните разговори, таканаречени „бомби“, по што следуваа долготрајни протести. Како излез од кризата во резиденцијата на евроамбасадорот Аиво Орав лидерите на политичките партии се договорија за одржување на предвремени избори кои ќе ги спроведе техничка влада со министри од опозицијата.

Владејачкото мнозинство на еден ден пред распуштањето на Парламентот и распишувањето на изборите ја разреши министерката Мизрахи која дојде по предлог на ВМРО-ДПМНЕ. Премиерот Оливер Спасовски поднесе предлог за нејзино разрешување, зашто според него таа го прекршила Уставот со тоа што неколкупати одржа прес-конференции во Министерството пред табла со името „Република Македонија“. ВМРО-ДПМНЕ на нејзино место не предложи нов кандидат и до изборите нема да има министер.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG