Достапни линкови

Корупцијата и судството приоритети на новата американска амбасадорка


Анџела Прајс Агелер, новата амбасадорка на Соединетите Држави во Северна Македонија
Анџела Прајс Агелер, новата амбасадорка на Соединетите Држави во Северна Македонија

Анџела Прајс Агелер е потврдена во Сенатот за нова амбасадорка на Соединетите Држави во Македонија. Судските реформи и борбата против корупцијата и се приоритети, кои се совпаѓаат и со судирот меѓу првите луѓе за борба против финансиски криминал и судството е во сериозна криза.

Борбата против корупцијата, подобрување на владеењето на правото, зајакнување на инвестициската клима, градење отпор на малигни надворешни влијанија, вклучително и од Русија и Кина. Овие се дел од приоритетите на новата амбасадорка во Македонија Анџела Прајс Агелер.

На нејзиното сослушување пред Сенатската комисија за надворешни работи, минатата недела таа изјави дека доколку биде потврдена за амбасадорка ќе ги охрабри судските реформи и ќе ги повика институциите на Северна Македонија да промовираат транспарентност во истрагата на наводите за злоупотреба и одлучно да се спротивстават на корупцијата за да ја зајакнат довербата на јавноста во владеењето.

„Ќе работам со меѓуагенциските партнери за да ѝ помогнам на Северна Македонија да развие национална стратегија која ефективно ќе бара одговорност од корумпираните актери. Доколку бидам потврдена, ќе работам на поддршка на економската иднина на Северна Македонија преку политики за зајакнување на нејзината инвестициска клима, зајакнување на инфраструктурата, подобрување на енергијата, различноста и безбедноста, и на градење отпор на малигни надворешни влијанија, вклучително и од Русија и Кина“, рече Агелер на сослушувањето.

Најавите за приоритети на новата американска амбасадорка во земјава се случува во момент на зголемена тензија меѓу првите луѓе на Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и Управата за финансиска полиција, Вилма Русковска и Арафат Муареми. Обвинителката Русковска побара и странска помош за да запрат како што рече, притисоците од Муареми, против кого се води предистражна постапка. Тој пак, тврди дека претресот во Управата е со цел да му се наруши угледот и најави кривична пријава против Русковска и обвинителките Ивана Трајчева и Елизабета Јосифовска кои на 18 минатиот месец извршија претрес во Управата, по пријава на граѓанин. Правните експерти посочија дека отворениот судир Русковска-Муареми е ескалација на кризата во којашто се наоѓа правосудсниот систем во земјава, додавајќи дека правниот систем е под сериозни политички влијанија.

На ниската доверба во правосудниот систем во државата укажа и американската амбасадорка во заминување Кејт Мери Брнз, која пред неколку месеци повикувајќи се на анкета на „Евротинк“ дека само 8 отсто од граѓаните имаат доверба во судството, рече дека е неопходно да се врати довербата кај граѓаните да видат дека системот функционира.

Директен линк

Поддршка за македонските евроинтеграции, заедничка соработка во безбедносните предизвици

Новата амбасадорка Агелер, исто така, истакна дека Соединетите Држави ја поддржуваат Северна Македонија во нејзината долготрајна цел за пристапување во ЕУ.

„Ние цврсто стоиме зад процесот на проширување на ЕУ затоа што го унапреди демократскиот развој и промовираше мир, стабилност и просперитет на европскиот континент, градејќи посилни стратешки партнери за САД. Северна Македонија ги надмина тешките предизвици и направи тешки избори да направи историски чекори напред на нејзиниот пристапен пат. Доколку бидам потврдена, ќе се надоврзам на овие успеси за да го обезбедам тој пат напред“, рече Агелер.

Според неа, САД и Северна Македонија треба да продолжат тесно да соработуваат во одговорот на заканите за безбедноста и меѓународниот поредок, по инвазијата на Русија на Украина.

„Итноста на овој момент ја нагласува важноста од подлабока политичка, економска, културна, безбедносна соработка и врски меѓу луѓето со Северна Македонија и другите земји од Западен Балкан додека тие работат на остварување на нивните стратешки цели за европска интеграција“, изјави Агелер пред Сенатската комисија за надворешни работи.

Инаку, новата амбасадорка на САД доаѓа на местото на Кејт Мари Брнз, која ја извршува функцијата амбасадорка на САД во Скопје од 2019 година.

Ова не е прв ангажман на Агелер во Македонија, бидејќи претходно во нејзината дипломатска кариера таа била ангажирана и како претставник за односи со јавноста во Американската амбасада во Скопје.

Во официјалното соопштение објавено на веб страната на Белата куќа се посочува дека Прајс Агелер е дипломат од кариера со функција министер-советник вработена во Службата за надворешни работи на Стејт департментот, која досега беше заменик-шеф на Мисијата во Амбасадата на САД во Пакистан.

Претходно, таа била задолжена за односи со јавноста во Амбасадата на САД во Париз, в.д. заменик помошник државен секретар во Бирото за Јужна и Централна Азија и во Канцеларијата на специјалниот претставник за Авганистан и Пакистан во Вашингтон, како и заменик помошник државен секретар за печат и јавна дипломатија.

Меѓу нејзините претходни ангажмани се и советник за односи со јавноста во Амбасадата на САД во Пакистан, аташе за култура и печат во американската Амбасада во Виетнам, портпарол на Бирото за конзуларни прашања на Стејт департментот, а извршувала и повеќе должности во амбасадите на САД во Франција и во Индија.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG