Достапни линкови

Коалиција СДСМ-Беса за принципи или пратеници плус


Лидерите на СДСМ и на Беса, Зоран Заев и Биљал Касами.
Лидерите на СДСМ и на Беса, Зоран Заев и Биљал Касами.

СДСМ и Беса потпишаа Декларација за заеднички настап на изборите во април, што е прва предизборна коалиција меѓу партии од македонскиот и од албанскиот блок. Тоа може да донесе пратеници плус за оваа коалиција во шестата изборна единица, но ваквото коалицирање може да има и негативности, како отпор кај гласачкото тело и одлив на гласови.

Предизборната коалиција на СДСМ со албанска партија може да им донесе неколку пратеници плус, но може и да им однесе од нивните гласови.

Лидерот на СДСМ Зоран Заев и претседателот на Движењето Беса потпишаа договор за заеднички настап на предвремените парламентарни избори, закажани за 12 април. Досега Беса беше во опозиција. Во јавноста се зборува и за можна коалиција со ДПА, иако претседателот на партијата Мендух Тачи вели дека засега за коалиција зборувале само со Весел Мемеди од НДП. Според Тачи, нема дијалог со СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, а и не очекува поради големите разлики меѓу партиите. Претходно беше потпишат и договор за коалиција меѓу Алијансата за Албанците и Алтернатива на Африм Гаши. Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека преговараат со многу политички партии, но не кажуваат конкретно со кого. Сепак од ВМРО-ДПМНЕ велат дека мали се шансите за предизборна коалиција со некоја од албанските партии. Партиите до 12 март треба да ги достават изборните листи за шесте изборни единици за претстојните предвремени парламентарни избори.

Во заедничката изјава на СДСМ и БЕСА, се потенцира дека таа се потпишува во духот на градење доверба и заедничка европска иднина и почитување на граѓанските вредности. Тие ќе се залагаат за негување и почитување на правата на сите етничките заедници, развој, создавање подобри услови за сите граѓани, за борба проти корупцијата и праведно судство, а интеграцијата во ЕУ останува единствена опција.

Првиот човек на агенцијата „Рејтинг“, Никола Спасов вели дека и Беса и ДПА имаа сконцентрирано гласачко тело во шестата изборна единица, па тоа може да значи подигнување на бројот на мандати во таа изборна единица за коалицијата.

„Беса, според некои истражувања и анализи, може да донесе до три пратеника во изборна единица шест, а ДПА стандардно има еден сигурен пратеник, можеби и нешто повеќе гласови во таа изборна едница, што може да значат за коалицијата, така што од тој аспект може да влијае позитивно за зголемување на бројот на освоени пратеници“, вели Спасов.

Тој додава дека предизборната коалиција меѓу партија од македонскиот и од албанскиот блок може да донесе и одредени негативности.

„Може, на пример, да се јави отпор кај дел од македонското гласачко тело за ваквата коалиција, но отпор и кај албанското гласачко тело на тие партии, кое не преферира или не сака партијата да оди со коалиција од друг етнички блок. Тоа е нешто што во овој момент е тешко да се предвиди, но е можна негативна последица на ваквото коалицирање“, вели Спасов.

Тој посочува дека СДСМ успеа да изгради коалициски потенцијал со албанските партии и уште на изборите во 2016 има доста албански гласови на своето конто и продолжува со праксата на максимизирање на гласовите преку вклучување на повеќе етнички групи во својата програма.

На парламентарните избори во 2016, во шестата изборна единица СДСМ освои три пратеника, исто толку и Беса, која потоа се подели на две партии, а ДПА освои два пратенички мандати. На овие избори СДСМ им се обраќаше и на албанските гласачи и стави албански кандидати на добитни места за пратеници.

Програмскиот директор на Институтот за политички истражувања – Скопје, Владимир Божиновски вели дека коалицијата на СДСМ со Беса може да им донесе нешто за разлика од коалицирањето со ДПА. Но, Божиновски вели дека политиката сепак не е математичка операција и дека ако се спојат три партии, не значи дека ќе ги имаат истиот број на гласови што ги имале пред да се спојат во коалиција.

„Беса е поголема, на изборите во 2016 имаше околу 50-55 илјади гласа, а по поделбата на партија на Беса и на Алтернатива, според истражувањата и двете имаат по околу 20 илјади гласа. А пак најголем дел од поддржувачите, членство и симпатизери на ДПА преминаа во Алијансата за Албанците, па ДПА има релативно ниска доверба и тоа нема многу да смени во однос на предизборните очекувања“, вели Божиновски.

Според него, сепак е нелогична коалицијата на СДСМ со Беса, оти Беса е единствената албанска партија која од почетокот е во опозиција.

„Прашање е каква ќе биде пораката до нив, до гласачите на Беса оти тоа се сепак гласачи кои се опозициски настроени, односно кон промена на власт и сега коалиција со владејачка партија прашање е дали тие гласови што сега ги има Беса ќе успее да ги земе во една таква коалиција, прашање е дали ќе има одлевање, тоа сè уште не може да го знаеме. Исто така прашање е каков ќе биде односот на гласачите на СДСМ, кај дел може да влијае, кај дел може нема да влијае, стварно не знаеме, но брзо ќе биде јасно“, вели тој.

ДУИ е најголемиот коалиционен албански партнер на СДСМ во власта. Алтернатива е дел од актуелната власт, а и Алијансата за Албанците беше дел од владејачката коалиција, но потоа ја напушти.

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, неодамна изјави дека ќе смогнат сили да направат предизборна коалиција со албанските партии, оти, како што рече, СДСМ веќе не е македонска политичка партија, туку е мултиетничка партија.

Од СДСМ велат дека се подготвени да преговараат со сите политички субјекти, освен со ВМРО-ДПМНЕ. За претседателските избори во 2019, СДСМ и ДУИ настапија со заеднички кандидат, а двете партии соработуваа и на локалните избори во некои општини.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски сè уште не открива со кого тие планираат да коалицираат.

„Преговараме со многу политички партии. Но, за нас е најважно тоа што на 12 април, несомнено и недвојбено, ќе се случи најголемата историска победничка коалиција од осамостојувањето на Македонија, а тоа е победата на коалицијата „Обнова на Македонија“. Постизборно, потоа, можеме да преговараме и разговараме со сите политички партии“, изјави Мицковски.

Од ДУИ, пак, се убедени дека и на овие избори ќе освојат најмногу албански пратеници во Собранието.

„ДУИ е во партнерство само со граѓаните, и граѓаните ќе одлучат дали ДУИ ќе биде во идната влада или не, а ние сме убедени и вие ги имате податоците, дека за ДУИ на овие избори нема конкуренција“, рече Крешник Бектеши од ДУИ, актуелен министер за економија.

Според него, оваа партија нема да формира коалиција со ниеден субјект што ќе се обиде да го негира Преспанскиот договор, Договорот со Бугарија и Законот за јазиците.

ДУИ останува на тоа по изборите да се почитува принципот „победник со победник“, при формирање на влада. Иако на изборите во 2016, ДУИ го прекрши тој принцип и наместо со ВМРО-ДПМНЕ, кои освоија најмногу пратеници во македонскиот блок, направија влада со СДСМ.

На парламентарни избори во 2016, ДУИ освои 10 пратеника, Беса освои пет пратеници, но откако партијата се подели на две, на Беса ѝ остана двајца пратеници, а на Алтернатива тројца. Алијансата за Албанците исто така имаше тројца пратеници во пратеничкиот состав, а ДПА имаше двајца пратеници.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG