Достапни линкови

МВР има сознанија кој го извршил грабежот во полициски магацин во Охрид


Специјални полициски сили. Илустрација
Специјални полициски сили. Илустрација

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вели дека имаат сознанија кој го извршил грабежот во полицискиот магацин во Охрид. ВМРО-ДПМНЕ вели дека било украдено оружје, но, Спасовски тврди дека се украдени предмети и хемиски средства.

Во магацинот на полицијата во Охрид не е украдено оружје и такви шпекулации кои сакаат да се употребат за дневно политички цели не ни користат на никој, вели во интервју за Радио Слободна Европа кое целосно ќе се емитува в недела, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Според него, станува збор за помошен магацин и биле одземени предмети кои биле складирани во него и хемиски средства кои што ги користел СВР Охрид и преземени се истражни дејствија за откривање на сторителите.

„Да, имаме сознанија и тие сознанија ги проверуваат и ги документираат колегите со цел да можеме да излеземе со кривична пријава“, вели министерот Спасовски на прашањето дали имаат сознанија кој го извршил грабежот.

Портпаролот на СВР, Охрид Стефан Димоски на 16 април информираше дека дека биле украдени солзавци, шок бомби и други предмети.

„Во СВР Охрид е пријавена тешка кражба од помошен магацин за расходувана опрема на СВР Охрид кој се наоѓа во Стара касарна при што се одземени солзавци, шок бомби и други предмети кои биле предвидени за расходување“, изјави Димоски.

Од ВМРО-ДПМНЕ побараа одговорност од Спасовски и тврдат дека се случила кражба на оружје, муниција и бомби од депото на МВР во Охрид.

„Спасовски е должен да одговори кој го украл ова оружје и каде е тоа оружје. Со право граѓаните се загрижени дека тоа оружје може да биде употребено во нови криминални дејствија. Исто така граѓаните оправдано стравуваат за својата безбедност, бидејќи велат ако МВР предводено од Спасовски не може своите магацини да ги заштити, тогаш како може да ги заштити нивните имоти. За доброто на сите е Спасовски , после сите неуспеси и скандали да си поднесе оставка веднаш“, соопштија од опозициската партија.

На прашањето како граѓаните да имаат доверба во полицијата кога од нејзини магацини се краде, а полициски службеници примаат поткуп, Спасовски одговара дека тоа се случува и во други институции низ светот.

„Значи да не создаваме погрешна перцепција во јавноста. Државниот апарат мора да биде ефикасен во борбата против коупцијата и против кривичните дела. Подеднакво да одговори без разлика за кој станува збор. Тие постапки да бидат транспарентни и да бидат неселективни. Секако дека постојат низа мерки и механизми кои се преземаат“, вели Спасовски.

За двајца полицајци од граничниот премин Блаце неодамна беа поднесени кривични пријави за примање поткуп и беа суспендирани од работното место.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG