Достапни линкови

Нелегалниот марихуана бизнис сигнал за акциите на ДЕА


Акциите на американската агенција ДЕА со локалните полиции, вклучително и македонската не се воопшто ретки. Но, она што е специфично во последниот случај е што американската агенција често не се вклучува во акции за заплена на марихуана

Во 2019 година македонската полиција ја уапси актерката Силвија Стојановска која била вмешана во трговија со кокаин набавен во Колумбија и внесен во Мадрид, а македонската полиција ја уапси по меѓународната акција која ја спроведувале шпанската заедно со Службата за борба против трговија со дрога на Соединетите Американски Држави-ДЕА.

Следната 2020 година, кога министер беше Наќе Чулев во Крушопек беше пронајден еден килограм кокаин, дел од поголема пратка која меѓународно ја следеле италијанската и црногорската полиција, како и американската ДЕА.

Но, сите овие случаи во кои е вклучена американската агенција се за потешки дроги, но не и за марихуана, за што ретко може да се најдат информации за акции на американската агенција. Тоа го забележува и Павле Трајанов, поранешен министер за внатрешни работи, кој вели и дека ДЕА има долгогодишна соработка со македонската полиција.

Трајанов- на погрешен пат сме со политиките за марихуаната
please wait

No media source currently available

0:00 0:06:11 0:00
Директен линк

„За марихуаната јас колку што знам помалку акции имаат, но фактот што ние станавме земја со педесетина компании кои што одгледуваат марихуана и со производство на такви количини кои почнаа да се продаваат надвор од законските прописи, мислам дека ова беше доволен сигнал за ДЕА да биде вклучена во овие случувања во Македонија“, вели Трајанов.

За заплената на околу 200 килограми марихуана во вредност од речиси 800 000 евра кај Плетвар, акција која МВР ја спроведе со ДЕА, засега нема информација дали потекнува од некои од фабриките за канабис во земјава, но како што информираше полицијата, едно од приведените шест лица со иницијали А.У. соработувало со фирми за производство на марихуана во Битола и Припел, па контроли биле извршени и кај нив.

Но, досега се случуваше легалната марихуана да излезе негално од фабриките- лани полицијата трагаше по украдени два тона марихуана од Јосифово која ја најде во Арачиново, потоа беа урадени 60 килограми марихуана од погон за канабис во Крушево, потоа од фабрика од кочанско Урларци вработени во фабрика за канабис изнесуваа нелегално и ја продаваа на црниот пазар.

Кој треба да го контролира легалниот бизнис со марихуана?

Лиценците за фабриките ги издава Министерството за здравство врз основа на исполнување на критерумите кои ги определува комисија која ја сочинуваат двајца претставници од здравство, еден од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, еден претставник од Агенцијата за лекови и еден специјалист од областа на лековити растенија.

„Мислам дека клучно е тоа што се рашири производството а мислам дека немаме ние потреба за такво производство за медицински цели. На Македонија не и треба бизнис од милионски размери, ќе се претвориме во нарко картел“, вели Трајанов.

На производителите на медицински канабис им гори под нозе
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:04 0:00

Според актуелниот закон донесен во 2015 година за извоз е дозволено само маслото за канабис, а не и цветот од канабисот. Од здружението кое ги обединува одгледувачите на канабис Макканабис велат дека во земјава има 61 фирма со лиценца за одгледување на цвет од канабис, а пет кои произведуваат масло.

Акции на ДЕА во регионот

ДЕА не само што има често акции со локалните полиции во регионот туку во некои од нив има и канцеларии со постојани претставници. Од регионов тие имаат канцеларии во Софија, Атина и Загреб, вкупно 16 во Европа кои покриваат 51 земја.

Периодов имаа акции и во други балкански земји, па така на пример пред во февруари во голема акција на ДЕА заедно со службите од регионот беше уапсена меѓународна група која што шверцувала хероин од Турција, преку Бугарија во западна Европа. Американските истражители со локалните полиции приведоа двајца Бугари, двајца Срби и еден со двојно државјанство. Во ова апсење, по следењата на бугарската полиција и ДЕА, во Србија тамошната локална полиција го приведе Милош Тофиловиќ, возач на сопственикот на плантажата во Србија „Јовањица“ Предраг Колувлија каде што пред две години беше пронајдена марихуана.

Неговиот возач Тофиловиќ, беше пуштен од притвор по приведувањето во 2019 година, но како што јавуваат српските медиуми, продолжиле да го следат бугарските служби заедно со ДЕА и по следењето на неговата група бил приведен во Србија.
По отворањето на аферата „Јовањица“македонската опозиција бараше истрага и во Македонија, поврзувајќи го сопственикот на плантажата Колувлија со македонскиот премиер Зоран Заев и бизнисите на неговото семејство со марихуана.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев тогаш тврдеше дека на истата плантажа со декларација "произведено во Холандија" е извезувано во Македонија, а потоа дистрибуирано во други земји во светот.

„Скандалот е дотолку поголем што уапсениот Предраг Колувија е бизнис партнер токму на бизнис партнерот на Заеви, Горан Крстев, кој заедно со Заев, ќе потсетам беше аболиран за случајот Глобал.

Токму производителот на дрога во Србија, Колувија, кој моментално е во притвор, е партнер на плантажа за производство на канабис со Крстев во Струмица. Тој оперира во Македонија со три компании, од кои едната е Кипарска фирма, чии сопственици може само да се претпостават“, тврдеше Јанушев.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG