Достапни линкови

За кривична одговорност се чека истрага, но што е со моралната?


Ден по пожарот во модуларната ковид болница во Тетово каде загинаа 14 лица

Кога нема морална одговорност, луѓето се чувствуваат вака депресивни вели социлогот Хасан Јашари коментирајќи ги постапките на надлежните кои ден по смртоносниот пожар во Тетово или не излегоа во јавноста, или како министерот за здравство најавија дека ќе почекаат.

Обраќањето на министерот за здравство Венко Филипче во кое тој кажа дека не бега од одговорност за пожарот во тетовската модуларна болница во кој загинаа 14 луѓе, но дека ќе ја почека истрагата, па ќе донесе одлука дали ќе поднесе оставка го отвори прашањето, што е со моралната одговорност.

На таквиот вид на одговорност упатија и од ВМРО-ДПМНЕ. Обраќајќи му се на Филипче велат дека моралната одговорност не се утврдува, туку треба да се чувствува. Од СДСМ, пак, велат дека ВМРО-ДПМНЕ сакало да ја поткопа „независната, непристрасна, објективна и ефикасна истрага за пожарот во модуларната болница во Тетово, која ќе даде одговори за се“.

И додека се чекаа одговори од истрагата, а партиите меѓусебно се препукуваат, социологот од Универзитетот во Југоисточна Европа Хасан Јашари вели дека моралната одговорност е највисоко чувство на еден човек во современето општество и во земјите со демократски развој. Кај нас тоа, нагласува тој, тоа не постои.

Јашари: потребна е морална одговорност
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:00 0:00
Директен линк

„Мислам дека тоа што ни треба во моментов е таа морална одговорност да се спроведе и луѓето што се одговорни, почнувајќи од Тетово, па потоа и во Скопје да дадат оставки“, вели Јашари.

Според директорот на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) Александар Кржаловски како општество е изгубено чувството за одговорност па додава дека дури и веќе никој не реагирал на барањата за оставки.

„Најмалку што можеше министерот да направи, или кој било друг, барем еден да се појавеше, да понуди оставка па на крај на краиштата и да не му биде прифатена бидејќи сме виделе многу такви епизоди во нашата пракса“ , вели Кржаловски.

Традиција на неодговорност

Ова не е првпат во македонската современа историја да се случуваат вакви работи, јавноста да бара оставки, а функционерите да не си поднесуваат. Во владеењето на оваа гарнитура се бараше оставка од министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски поради бегството на поранешниот премиер, сега азилант во Унгарија Никола Груевски, а потоа и по бегството па појавувањето во јавноста на поранешниот шеф на Управата за безбедност и контраразнување Сашо Мијалков.

Во време на 11 годишното владеење на ВМРО-ДПМНЕ за неколку покрупни настани имаше гласни барања за морална одговорност. По поплавите во скопското село Стајковци, кога централната и локалната власт беа во рацете на ВМРО-ДПМНЕ, оставка од надлежните бараше тогаш опозиционата СДСМ. Во август 2016 година по обилните дождови и поплавата до која дојде загинаа 22 лица. Од СДСМ обвинија дека жртвите се последица на непреземањето соодветни мерки за заштита и бараа оставка од тогашниот градоначалник на Скопје Коце Трајановски. Тој не си поднесе.

Слични реакции имаше и по вооружената престрелка во Куманово на 9 мај 2015 година. Тогаш во полициска акција за разбивање на вооружена терористичка група загинаа осум припадници на специјалните единици на македонската полиција, а се бараше одговорност од тогашната министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и тогашниот шеф на УБК Мијалков. Двајцата и поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески си поднесоа оставки на 12 мај истата година, но во нивните обрзаложенија не стоеше дека тоа го сториле поради случувањата во кумановски Диво Насеље, туку поради длабоката политичка криза до која дојде откако опозициската СДСМ во тој период почна да ги објавува аудио разговорите на кои се слушаа нелегални активности на власта.

И самиот Јанакиески години претходно, во 2009 година понуди оставка од морални причини по потонувањето на бродот во Охридското езеро при што загинаа 15 бугарски туристи, но понудата му беше одбиена од тогашниот премиер Никола Груевски.

Зошто е важна моралната одговорност?

И двајцата соговрници на Радио Слободна Европа, Јашари и Кржаловски, велат дека многу е важно за општеството политичарите да имаат морална одговорност. Кржаловски вели дека со таков чин би се покажала одговорност пред граѓаните.

„Кај нас е завртен наопаку тој систем и одговорноста воопшто не се чуствува кон граѓаните, туку штом завршат изборите се се сведува на партиските политики и одговарање на лидерот и на партијата, а не на граѓаните“, вели Кржаловски.

Социологот Јашари пак, вели дека моралната одговорност е еден вид на двигател на здраво општество кој придонесува луѓето да се чувствуваат безбедни.

„Кога нема морална одговорност, луѓето се чувствуваат вака депресивни, како што сме ние во моментов. Целото општество денес е депресивно земајќи го предвид фактот дека гледа оти го водат луѓе кои не ја познаваат етиката“, вели Јашари.

Инаку, за несреќата во тетовската болница во која загинаа 14 луѓе, а 12 се повредени и претседателот Стево Пендаровски најави дека ќе побара морална одговорност. Според неговите најави и истрагата ќе биде брза, односно како што рече вчера најавените странски тимови кои владата ги прифати ќе пристигнеле за 48 часа, а исходот би требало да биде познат за околу пет дена.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG