Достапни линкови

Македонците „гласни“ околу пристигнувањето на Авганистанците


илустрација
илустрација

Не стивнуваат реакциите на партиите, како и на граѓаните по социјалните мрежи за примањето на Авганистанци во државата. Социологот Ѓорги Тоновски смета дека реакциите се резултат на партиско-опозицискиот елемент, неинформираноста, но и стравот од продор на исламски фундаментализам во земјава.

„Во земјата доаѓаат талибанци“, “Ние ќе примиме убијци на сопствениот народ кои сега се протерани од својата земја“, „Ќе примаме експерти за хероин“, „Не , не ги сакаме, не ни требаат, носете си ги дома“...

Не престануваат коментарите на граѓаните на социјалните мрежи, откако беше објавена веста дека Северна Македонија ќе прими околу 450 Авганистанци во рамките на меѓународната спасувачка и хуманитарна мисија за прифаќање на цивилно и миротворно население од Авганистан.

Иако до оваа мисија доаѓа откако талибанците ја презедоа контролата во Авганистан на 15 август и цивилите кои доаѓаат во земјата всушност не се талибанци, туку бегаат од нив, речиси 90% од постовите се негативно настроени, со лични навреди и мешање политика.

Кај дел од граѓаните се забележува страв од безбедносни импликации од нивното доаѓање, иако тие ќе бидат тука привремено, па не недостасуваат и коментари од типот: „Малку ни се нашите, па уште и талибани ни требаат да не дигнат у воздух у некој трговски!“

Партиски реакции

Дел од стручната јавност коментира дека и во ваква криза се појавуваат партиско-опозициските креирани ставови, па иако акцијата е од широки размери во која удел имаат ОН, САД и ЕУ, сепак многумина сметаат дека таа е погодна за напади врз политиките на владејачката структура.

Па така, не престануваат ниту реакциите од политичките партии. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ секојдневно го критикува овој потег на власта, велејќи дека државата нема капацитет да прими и интегрира бегалци од трети земји и дека ваквиот потег е популистички и неоснован.

„Јас не сум видел понервозен политичар од Заев. И како не би бил, мораше да признае дека му тупнаа илјадници Авганистанци, за старт 1800, коишто никој не ги прима! А не смее да каже зошто другите не ги примаат!

На пример заради можна освета на Талибанците кон оние мигрантите?

На пример затоа што баш се окуражени заради повлекувањето на најсилните армии пред нив може да тргнат по соработниците низ светот?

И на пример заради тоа што "тешко" ќе ги најдат "по хотелите" во Македонија сместени од Заев?“, напиша на својот фејсбук профил портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски.

И од Левица го осудија овој потег на Владата коментирајќи дека „ Сојузништвото со империјалистичките сили и нивното помагање уште еднаш ја става државата во подредена позиција и без избор“.

„Овој политички чин уште еднаш покажа на колку погрешна основа се гради македонската надворешна политика, исфрлувајќи го на површина слугувањето на домашната елита кон Западните вазали“, реагираа од Левица.

Од Владата пак, уверуваат дека луѓето што ќе дојдат се мирољубиво и демократско население и дека се работи за бројка од 450 лица, а не илјадници како што коментира опозицијата.

Според социолозите, пак, ваквите реакции на македонската јавност не се изненадување, ниту пак нешто невообичаено, особено кога се работи за крупен меѓународен настан со значително влијание врз целокупното светско живеење.

Неинформираност и говор на омраза

Во неинформираноста за тоа што вистински се случува, универзитетскиот професор Ѓорги Тоновски гледа причина за таквите реакции, па дури и говор на омраза кај дел од јавноста.

„Една групација на луѓе можеби е неинформирана до крај што тоа се случува, односно дека сите овие луѓе коишто ќе дојдат овдека се за краток рок односно транзитираат, или ќе поминат определено време овдека додека не се средат состојбите во Америка со нивното прифаќање, но исто така сметам дека кај дел од граѓаните е присутен стравот дека ова би можело на овие простори да го донесе исламскиот фундаментализам, бидејќи Авганистан е вброена во земјите во кои овој фундаментализам прилично се потхранува и ваквиот страв е нешто што предизвикува голем револт и голема реакција кај македонската јавност“, изјави професорот Тоновски.

Инаку, Авганистанците, за кои владата презела обврска дека ќе ги прими во земјава, треба да пристигнат до крајот на неделата. Луѓето што ќе дојдат од Авганистан ќе бидат сместени во хотели и мотели, а трошоците за нив ќе бидат платени од САД и од меѓународните организации, како ОН, НДИ.

Авганистанците што ќе пристигнат во Македонија потоа треба да заминат кон САД или до други земји како нивна крајна дестинација. Цивилното население од Авганистан ќе дојде со организирани летови, и не станува збор за нелегални мигранти, па затоа нема да бидат сместени во прифатниот центар во Гази Баба, ниту во новите превентивни капацитети во Бардовци.

Луѓето од Авганистан треба да пристигнат на аеродромот во Скопје, а потоа две недели ќе бидат во карантин, заради превенција од ковид-19. Министерството за здравство ќе организира и пунктови за вакцинирање за Авганистанците што ќе дојдат, а не се вакцинирани.

Македонија не е единствената земја која ќе прими цивилно население од Авганистан. Од Балканските земји луѓе од Авганистан ќе примаат и Албанија и Косово.

Британија веќе евакуирала 2000 Авганистанци од 15 август, откако талибанците ја презедоа контролата во земјата, соопшти Британската влада. Толку граѓани од Авганистан привремено ќе прифати и Уганда. И во САД досега дошле околу 2000 Авганистанци, а околу 300 се очекуваат да пристигнат во наредните недели. Канада најави дека ќе прими 20 илјади луѓе од Авганистан. Членки на НАТО соопштија дека ја сопреле депортацијата на Авганистанците кои се веќе во нивните земји.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG