Достапни линкови

„Македонска сага“ на Уневска – хроника на времето и на филмската дејност


Сунчица Уневска

„Македонска сага“ е насловена новата книга на новинарката и филмска критичарка, Сунчица Уневска чија промоција е планирано да се случи на претстојното осмо издание на Роденденот на уметноста што ќе се одржи на 18 јануари во Младинскиот културен центар - Скопје.

По цели четири години од публикувањето на „Седмиот печат“ за книгоиздателството „Слово“ , новинарката и филмска критичарка Сунчица Уневска еве ја и со втората книга. И додека во деби изданието трагаше по универзалните вредности, „Македонска сага“, зад која во случајов застана „Аквариус“, е уште една книга со рецензии, но овој пат целосно посветена на македонскиот филм. Имено, како што ќе биде забележано, ова е прво издание за македонскиот филм кое го опфаќа периодот од осамостојувањето на нашата земја па сè до денес, период на т.н. современ македонски филм или независна македонска кинематографија.

Во книгата се поместени рецензии за 45 македонски филмови, почнувајќи од „Македонска сага“ (1993) на Бранко Гапо, па сè до „Втора шанса“ (2019) на Марија Џиџева. А покрај рецензиите Уневска прави и избор на новинарски текстови и коментари кои зборуваат за состојбата со филмот во одредени временски периоди, како и текстови за филмови кои на свој начин го одбележале времето во кое се појавиле. На тој начин оваа книга не е само збир на филмски рецензии, туку се претвора и во своевидна хроника на времето во последниве триесеттина години, која на овој начин за првпат го опфаќа споменатиот период на создавање во филмската дејност.

„Македонска сага ја замислив како еден вид хроника на времето. Зошто? Од повеќе причини. Секако, најважната е дека последниве години сè повеќе се загуби културата на пишување рецензии за уметничките дела, која на свој начин е составен дел на творештвото. Кај нас воопшто се загуби и односот кон културата, која веќе речиси и не постои како рубрика во медиумите. Токму затоа сметав дека е многу важно да се зачува она што со години сме го работеле и како медиуми сме придонесувале во развојот на филмот и во културата во нашата земја. Критичките осврти пишувани во текот на цели 30 години за македонските филмови се нешто што е скапоцено и важно да се сочува, не само заради тие филмови и заради историјата, туку уште повеќе поради идните генерации. Се одлучив тоа да биде периодот од осамостојувањето затоа што тогаш почнува и независната кинематографија. Првиот филм од овој период е „Македонска сага“ на Бранко Гапо, чиј наслов мислам дека е многу соодветен за овој доста турбулентен период. Освен тоа, ова е прва книга посветена на македонскиот филм за овој период и некако само по себе се наметна да не биде составена само од рецензии, туку и од контекстот кога тие филмови излегле и кога рецензиите се пишувани, па така во книгата опфатив и новинарски написи, коментари, реакции, кои најдобро зборуваат за состојбата со македонскиот филм во текот на овие години и некако ја заокружуваат целата слика“, вели Уневска.

Таа и со дополна дека сакала да фрли малку повеќе светлина на периодот „во кој доживеавме и најголеми успеси, но и многу големи падови, кога македонската кинематографија стана непрепознатлива во светот“. Денес, како што вели, „не е така и многу нешта во меѓувреме се сменија, а најмногу свеста дека македонскиот филм мора одново да се пронајде себеси и да го фати чекорот со тековите во светот.

„Некои нови проблесоци ветуваат дека не е сè загубено“, смета Уневска.

Интересно е и тоа што во „Македонска сага“ рецензиите, написите и коментарите се печатени онака како што биле објавени во тоа време, „објективно и без разубавување, зборувајќи за времето и настаните без задршка, токму онака како што било“. Затоа и оваа книга, освен за читање, веројатно ќе биде значајна и за проучување за сите оние кои се занимаваат со филмот, затоа што го одразува времето и настаните многу по сеопфатно од само филмската продукција.

Инаку Сунчица Уневска е новинарка и филмска критичарка. Цели 16 години беше дел од Културната рубрика на „Утрински весник“, а претходно нејзините текстови можеа да се сретнат на страниците на дневниот весник „Република“, во новинската агенција „Макпрес“, потем во неделникот „Пулс“, во електронското списание „Блесок“, во списанијата за филм, култура и општествени прашања „Културен живот“ и во специјализираниот магазин „Кинопис“.

Последниве две децении е постојан известувач од филмските фестивали ширум светот и претставник на Република Македонија во Асоцијацијата на филмски критичари при меѓународната федерација „Фипресци“.

Во текот на својата досегашна кариера била и медиум координатор на Фестивалот на германски филм во Скопје, како и програмски координатор и селектор на Фестивалот на европски филм „Синедејс“. Пет години беше селектор на програмата „Нови визии“ на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ во Битола, седум години е селектор и на играната програма на Фестивалот на кратки филмови „Астерфест“ во Струмица (автор на брошурата „10 лауреати на Астерфест“ во издание на „Тивериополската филмска алијанса“), а неколку години работи и на одбир на програмата за Скопскиот филмски фестивал. Во еден период Уневска беше и селектор за Македонија на Мотовунскиот филмски фестивал во Хрватска.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG